16/08/2002

Д-р Љупчо Ивановски, носител на листа во Изборна единица број 2 од Македонска алијанса и Македонска народна партија

ВО МАКЕДОНИЈА ОПАСНО СЕ ЖИВЕЕ

Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Македонскиот народ и денес не може да се врати во нормален животен тек од доживеаниот минатогодишен шок. Ова опасно време заслужено нè казни, зашто дозволивме разноразни мангупи и белосветски парталковци да ни ја водат државата и македонсаката нација. Тие нè доведоа до вакво дереџе, од кое нема враќање наназад, освен ако самите со сопствени раце не си ја преземеме судбината на Република Македонија.

МС: Господине Ивановски, кој беше Вашиот мотив да се кандидирате за пратеник во Изборната единица број 2, а притоа да бидете носител на листата на Македонска алијанса и Македонска народна партија - субјекти кои се залагаат за македонската кауза и за достоинството на македонскиот народ?

ИВАНОВСКИ: Изминатиот дванаесетгодишен период владејачките политички партии покажаа недоследност во реализирањето на своите програмски цели, ветуваа многу, а земјата ја доведоа до работ на пропаста. За разлика од нив како и од низа други политичари кои се сега на чело на други политички партии што покажаа голема превртливост, заборавајќи на интересите на народот што живее во Република Македонија, Македонска алијанса и Македонска народна партија за целиот период од нивното постоење никогаш не ги погазија нивните цели. Додека пак овие што сега се на власт, но и оние што беа, го заборавија своето достоинство, постојано бараа начини да ги исполнат своите лични интереси. Затоа, познавајќи ги повеќе години членовите на Македонска алијанса и на Македонска народна партија увидов дека се тоа искрени и чесни луѓе кои сакаат оваа земја да опстане и да има подобро утре за македонскиот народ и граѓаните, се решив да им се приклучам и да го дадам свој придонес во тој нивен пат.

МС: Што ќе им понудите на вашите избирачи во ИЕ број 2?

ИВАНОВСКИ: На овој потполно заборавен македонски народ кој досегашните владејачки гарнитури го уништија, мислам дека е илузорно да му се кажуваат веќе излитените и долго слушани фрази и празни ветувања. Никој од нас не поседува волшебно стапче и со него во миг ќе им ги исполни желбите на народот. Само едно знам дека во текот на целиот мој живот чесно сум работел и вложувал голем труд за да успеам и нешто да направам. Затоа сметам дека во беспоштедната борба со корумпираните и несовесни политичари за стабилизирање на Република Македонија и возобновување на веќе разрушените системи: безбедносниот, одбранбениот, правниот, економскиот, образовениот и здравствениот систем, ќе мора заеднички да се бориме. Во таа долготрајна битка ќе мора што побрзо да се заборави поделбата на македонскиот народ на патриоти и предавници, како и поседувањето на партиски книшки ако сакаш да опстојуваш во оваа земја или да добиеш работно место. Мораме да ја разбудиме националната свест кај сите Македонци. Ние ќе мора да сфатиме дека сме сите граѓани на Република Македонија и дека мора заеднички да се соочиме со проблемите во нашата земја. Само сплотени и со труд можеме да тргнеме во борба за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард на сите граѓани во државава.

ПРЕКУ ГЛАВА

МС: Во Вашата ИЕ е присутен проблемот со растечкиот албански радикализам. Колку ова прашање ќе Ви биде приоритет во враќање на мирот и враќање на раселените Македонци од Арачиново и во селата од Кумановско-липковскиот регион?

ИВАНОВСКИ: За жал, оваа коалициона Влада дозволи и сесрдно помагаше да се развива албанскиот радикализам. Потполно го разбирам албанскиот дел од коалицијата да го поддржува тој радикализам, бидејќи преку него успеаја да постигнат доминација на албанското население во западниот дел на Македонија како и етничко чистење на теренот, но што е и поважно, и доминација и побрз развој во своите бизнис мафијашки дејности.

За разлика од претходните македонските политичари во остварување на споменатите бизниси, оваа власт го предаде или продаде македонскиот народ. Буквално помогна во раселување на Македонците од своите вековни живеалишта. Само демагошки изјави, македонскиот народ, македонскиот народ не ги вадат од уста, а всушност ништо не преземаат да ги вратат луѓето дома.

На овој мал, вреден, напатен и мирен народ не му требаат многу пари за изградба на своите разрушени домови и огништа. Бидејќи со својата трудољубивост самите ќе продонесат тоа да го сторат, но ним им недостасува сигурноста, дали нема да бидат убиени, малтретирани, киднапирани или повторно протерани. Оваа власт не дека не може да им ја овозможи таа сигурност, туку не сака да им ја создаде. Само на таков начин можат да опстанат на власт и да ја контролираат ситуацијата.

МС: Господине Ивановски, покрај растечкиот албански радикализам, во вашиот изборен регион се наоѓаат најголемите легла на дрогата, проституцијата и друг вид криминал. Колку Вие ќе се залагате за расчистување со оваа мошне силна мафија, која е тесно поврзана со албанската емиграција?

ИВАНОВСКИ: Доколку ние досега функциониравме како што треба, секоја една нормална држава да се грижи за своето население и граѓани, нам немаше да ни се случуваат овие проблеми. Криминалот ќе беше сведен на некои ниски рамки, така што обичните криминалци немаа да имаат големо влијание врз полтичкиот живот во Република Македонија. Меѓутоа, мораме да констатираме дека криминалците во државата се јаки и силни затоа што се тесно поврзани со одредени политички структури во власта.

Мислам дека меѓу албанските партии и ВМРО-ДПМНЕ има траен бизнис договор во кој класично се поделени териториите. Во тој "дил", дел од територијата на Македонија е под контрола на Албанците, а дел му е препуштен на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го прават со единствена цел да ги скријат личните интереси и да создадат услови за тоа како да ги перат парите од нивните црни бизниси - дрогата, проституцијата, продажбата на цигарите и на оружјето. Ваквата ситуација ним им одговара. Затоа тие цврсто ги држат конците во сопствените раце. Кој сака така лесно да се откаже од привилегиите што им ги нудат црните бизниси?! Во овие бизниси се вртат големи пари. Зарем не може да се забележи од каде им се големите палати на оваа гарнитура политичари! Затоа оваа страшна глетка мораме да ја спречиме. Мораме далеку поорганизирано да настапуваме за да го спречиме криминалот, кој се надевам дека сè уште не навлегол во сите пори на државава. Доколку тој е навистина толки моќен, тогаш битката ќе биде мошне тешка, но не и остварлива. Папочната врска меѓу политичарите и криминалците може да се скине само со еден рез на скалпелот. Тоа е македонскиот народ и неговиот избор на нови некомпромитирани политичари.

МС: Како гледате на сè позачестените напади од внатре, но и од надвор врз македонскиот народ и врз Република Македонија?

ИВАНОВСКИ: Она што се случуваше во Македонија, мислам на координираните пропаганди, воени и секаков вид акции, се дел од поширокото сценарио што го спроведуваат нашите соседи и некои домашни душегрижници. Таквите продадени луѓе секогаш ни ја намалувале македонската нацинална вредност. Но, и секогаш го извлекувале подебелиот крај. Така, на пример, ние, а ниту највисоките македонски црковни великодостојници, не смееја ниту да помислат за продажба на македонското национално и културно богатство - МПЦ. Доколку по 35 години автокефален живот Македонската православна црква се вратеше на автономија и прифатеше и признаеше друга матична црква и туѓ поглавар, тоа ќе значеше обезличување на македонскиот народ, на македонската нација и бришење на постигнатото и отстапување од црковните канони. Црквата со стотици години го одржа македонскиот народ во петвековното ропство, а сега некои владици во име на истиот тој православен народ преговараа за промена на нејзиното име и автокефалниот статус. Кој ги овласти владиците да го укинат постоењето на нашата Црква и за чии интереси работат тие?! За нас сигурно не.

Оправдувањата дека Црквата е надвор од државата не држат, бидејќи таа не е надвор од општеството. Ако сè уште паметат, православието беше и сè уште е државна религија на македонскиот народ.

Мислам дека на Македонецот му е преку глава од негаторски однесувања и ставови кон неговиот национален, државен и црковен идентитет. Очигледно некој сака да нè обезличи како народ и она што ни се случува со државата, да ни се случи и со Црквата. Затоа верувам дека ќе истраеме во борбата со домашните и со странските непријатели. Душманите секогаш постоеле. Другото од нас зависи.

ПРАВИЛНИ РЕФОРМИ

МС: Македонската економија се наоѓа на најниските гранки во последниве десет години. Каде го гледате излезот од оваа криза? Дали во забрзано инвестирање и отворање на нови работни места, или во овозможување на соодветни услови за странски инвестиции?

ИВАНОВСКИ: За да имаме некој економски развој, пред сè, треба да имаме мир и стабилност на државата. Но, за жал, тоа денеска во Македонија не е можно, бидејќи се случуваат различни сериозни инциденти. Тоа имаат можност да го регистрираат разните меѓународни и странски институции кои испраќаат извештаи до своите земји за состојбата и можноста да се инвестира во Република Македонија. Затоа, пред сè мора да се преземат големи напори за да се смени регулативата и да се донесат закони кои навистина ќе бидат поволни за привлекување на странски инвеститори. Меѓутоа, би сакал да кажам дека ние сега имаме лоша економска концепција која ја практикува ВМРО-ДПМНЕ и затоа странскиот капитал не успева да влезе во земјава. За жал, кај нас политичките партии "го вртат" најголемиот бизнис. Затоа мислам дека народот треба да размисли дали партиите треба да водат бизнис или да се занимаваат со политика која ќе биде во корист на македонскиот народ и на македонската држава. Поради ова, народот на претстојните парламентарни избори ќе треба добро да размисли за кого ќе гласа.

Затоа ние прво треба да ја согледаме целокупната економска состојба во Македонија. Потоа треба да се запрашаме - што на нашата држава & е потребно. На прво место ни е потребно добро конципирано производство на храна, сопствена храна што тука би ја произведувале. За тоа имаме капацитети кои ќе ги задоволат потребите на македонското население, а доколку работат со полна пареа ќе се отворат соодветни работни места. Втората основа за развојот ја гледам во нашите интелектуални капацитети. Во Македонија има многу умни и способни луѓе кои можат да помогнат. Но, тие треба да раководат со институциите во државава, а не да бидат на маргините на општеството или да заминат во странство. Само на ваков начин можеме економски да се развиваме и да создадеме поволни услови за нови вработувања.

МС: Господине Ивановски, како стоматолог по професија, како ги оценувате сегашните сотојбите во македонското здравство? Што би требало да се преземе за да се подобри ситуацијата?

ИВАНОВСКИ: Морам да потенцирам дека за последниве дванаесет години состојбите во македонското здравство се многу влошени, бидејќи разни поединци колеги, односно политичари ја утнаа работата со реформите во здравствениот систем. ^есто правеа реформи на своја рака без да ги консултираат колегите и истовремено да ги земат предвид потребите и платежната моќ на македонското население. Во реформа на здравството не може да тргнете ако населението, граѓаните не работат. Кој ќе ги плаќа услугите? Второ, во Република Македонија мора да се донесе соодветна правна регулатива која ќе ја изедначи положбата на приватните и државните здравствени работници. Двата сектора мора да бидат добро уиграни, бидејќи тоа мора да се усогласи со потребите на осигурениците. Само на тој начин ќе може да се воведе здрава конкуренција која ќе ги подобри здравствените услуги. Но, тоа не треба да оди на штета на веќе добро применетите системи што даваат соодветни здравствени резултати.

МС: Дали Република Македонија може да се извлече од канџите на балканските перипетии и еднаш засекогаш да им каже збогум на закоравените претензии врз нејзината територија?

ИВАНОВСКИ: Мислам дека сега засега тоа тешко ќе оди, бидејќи чувството од граѓанска несигурност е многу длабоко. Македонецот и другите граѓани многу се загрижени од веќе распламтената етничка кавга во Македонија, која од ден на ден се заканува да избувне во вистинска војна. Ако таа веќе и не се води секој ден во Тетовско и во Кумановско. Денес во Република Македонија е опасно да се живее. Не дај Боже криминогените структури кои по игра на случајот и по волјата на властодршците се кандидираа за пратеници да почнат да го губат тлото под нозете и посакаат да се уште побогати од што се, па затоа ќе започнат да воведуваат барикади и патарини од улица во улица. Тоа сигурно ќе го почувствува народот. Тој и денес не може да се врати во нормален животен ток од доживеаниот минатогодишен шок. Ова опасно време заслужено нè казни, зашто дозволивме разноразни мангупи и белосветски парталковци да ни ја водат државата и македонската нација. Тие нè доведоа до вакво дереџе, од кое нема враќање наназад, освен ако самите со сопствени раце не си ја преземеме судбината на Република Македонија.

МС: Во Вашата Изборна единица имате противкандидати за кои во медиумите се зборуваше и сè уште се зборува дека на некој начин учествувале во "валкани игри". Ја гледате ли во овој факт Вашата предност во изборната трка?

ИВАНОВСКИ: Секако дека токму во нивната извалканост и и закрвавена биографија ја барам својата шанса. Многумина одамна предупредуваа и ги биеја камбаните дека терористите ќе се кандидираат, а можеби и ќе се најдат во власта благодарение на сервилноста и поткупливиоста на македонските политичари. Тие долго време се правеа "на тошо", а подоцна немаа храброст да го спречат. Сите молчеа и си гледаа сеир. Затоа сега сите ја чувствуваме таа срамота на власта, таа опасност да ни дојдат корумпирани политичари кои со нас ќе си играат како што сакаат. Меѓутоа, тоа може да се промени доколку избирачите разумно пресудат дали сакаат да изберат вистински чесен политичар кој не ветува многу, освен што бара труд, работа, ред и закон во Република Македонија. Овој "јавашлук" не нè води на друго место, освен во пропаст. Пропаста самите си ја копаме, бидејќи ако продолжиме да ги поддржуваме македонските политичари од типот на Георгиевски кои немаат скрупули, не ни се гледа далеку крајот.