ИНТЕРВЈУ

Митко Димитровски, носител на листа на Македонска алијанса и Македонска народна партија во Изборна единица број 3

АПАШИТЕ ОД ВЛАСТА ЗАД РЕШЕТКИ!

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • Како совесен Македонец, татко, семеен човек не можам повеќе да гледам како пропаѓа државата. Не можам да си замислам дека македонските политичари, кои цели дванаесет години се вртат во врвот на политиката, толку ја украдоа мојата сакана татковина. Често пати сум се запрашувал како може еден Македонец прво да гледа на својот џеб, а воопшто да не размислува за својот народ. Зарем тој ист народ кој нему му ја даде довербата не заслужува подобра иднина?
  • Мислам дека имам реални шанси кај избирачите, бидејќи проблемите во последниве дванаесет години се натрупани и народот овој пат добро ќе размисли кому да му го даде својот глас. Сигурен сум дека ќе се определи за лица кои немаат срам да кажат дека многу работи во Македонија во последнава деценија не се на место направени.

МС: Господине Димитровски, Вие сте носител на листата на Македонска алијанса и Македонска народна партија во Изборната единица број 3. Од каде мотивот поактивно да влезете во политичките води и зошто ја одбравте токму оваа Коалиција?

ДИМИТРОВСКИ: Програмските определби на Македонска алијанса и Македонска народна партија за мене беа одлучувачки за прифаќање на кандидатура во Коалицијата на двете партии, како и можноста на избирачите да им се понуди нешто ново, во однос на она што веќе е видено и слушнато досега. Тоа е првата причина што поактивно влегувам во политиката. Но, она што најмногу сакам е да придонесам и да го запрам големиот национален, економски, општествен и културен пад на Република Македонија, на македонскиот народ и на другите граѓани кои живеат во неа.

Како совесен Македонец, татко, семеен човек не можам повеќе да гледам како пропаѓа државата. Не можам да си замислам дека македонските политичари, кои цели дванаесет години се вртат во врвот на политиката, толку ја украдоа мојата сакана татковина. ^есто пати сум се запрашувал како може еден Македонец прво да гледа на својот џеб, а воопшто да не размислува за својот народ. Зарем тој ист народ кој нему му ја даде довербата не заслужува подобра иднина? Мислам дека таквите апаши мораат веднаш да се најдат зад решетки. Само таквата атмосфера може да ја наплати сета македонска сага што во последнава деценија сите ја доживуваме. Затоа верувам дека македонскиот народ, обичниот гласач, се освестил, се отрезнал од пијанството што со години го вовлекуваше да живее во еден лажен илузорен свет. Ова е Република Македонија и таа мора да се гради врз цврсти темели. Неа мораат да ја водат совесни и одговорни луѓе. Сметам дека токму ваквите карактеристики длабоко во мене ги носам и никој не може да ги смени. Затоа верувам дека избирачите ќе го направат вистинскиот избор. Мојата иднина, иднината на моето семејство и судбината на македонскиот народ и другите граѓани е во нивни раце. Нивната волја не можат да ја сменат ниту Бранко, ниту Љубчо. Од двајцата видовме само сиромаштија и беда. Време е да живееме во еден реален свет во кој без труд, без работа нема никаков општествен и економски просперитет. Затоа, упатувам апел: Гласајте само за вредните и чесните луѓе, сметам дека само со такви поединци, интелектуалци и разумни луѓе има надеж за Република Македонија. Има надеж да го вратиме националното и човечкото достоинство на обичниот Македонец, работник, земјоделец и невработен интелектуалец.

МС: Што ќе им понудите на Вашите избирачи во Изборната единица број 3?

ДИМИТРОВСКИ: Како кандидат за пратеник пред сè се залагам за воведување на целосен мир, суверенитет и територијален интегритет на Република Македонија. Сметам дека законите мораат да се почитуваат на целата држава. Затоа докрај ќе се борам за сузбивање на секаков вид криминал и ќе настојувам да имаме чиста и здрава околина што е посебно важно за градот Велес и неговата околина. Како стопанственик подготвен сум да помогнам да се отворат нови работни места и тоа најмалку два пати повеќе од тоа што е направено за последните дванаесет години во стопанството. Република Кина (Тајван) не сум во состојба да ја донесам во Македонија, но гарантирам дека на најдобар можен начин може да се искористат домашните ресурси и интелектуалните капацитети кои чинам дека ги имаме во доволен број. Исто така, со добра законска регулатива и со овозможување на подобри услови за инвестиции и стопанисување можеме да ги искористиме Македонците од дијаспората за отворање нови капацитети во државава. Сигурен сум дека со исполнувањето на ваквите цели и задачи ќе направиме голем чекор за доброто за македонскиот народ, за сите граѓани на Република Македонија. Ваков реален растеж Македонија одамна нема доживеано. Затоа без вакви јасни и зацртани цели нема некаков економски прогрес. Досега, фиктивните резултати, корупцијатата, криминалот пречеа за развојот на државата. Откако прво ќе удриме со камшикот по грбот на криминалците, патот ќе ни биде отворен. ^екор по чекор ние ќе скршнеме од овој пат до пеколот.

ПОДМОЛНОСТ

МС: Досегашните владејачки гарнитури на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со начинот на практикување на власта ја изгубија довербата на граѓаните. Во Изборната единица број 3 од каде што доаѓате Вие, овие партии имаат свои кандидати. Со оглед на тоа што Македонска алијанса и Македонска народна партија, чиј кандидат сте Вие, не учествувале во валкани игри, сметате ли дека имате шанси да станете пратеник од тројката?

ДИМИТРОВСКИ: Мислам дека имам реални шанси кај избирачите, бидејќи проблемите во последниве дванаесет години се натрупани и народот овој пат добро ќе размисли кому да му го даде својот глас. Сигурен сум дека ќе се определат, за лица кои немаат срам да кажат дека многу работи во Македонија во последнава деценија не се на место направени. На народот му се потребни нови вработувања, се разбира кои ќе бидат на реална основа, не по партиски клуч или не знам по која линија. Притоа нам ни требаат луѓе кои ќе се определат за единство на државава, за развој со искористување на сопственото знаење и сопствената моќ, а со откажување од меѓународните срамни донации и понижувања. Македонија го може тоа.

МС: Безбедносната состојба во Република Македонија секојдневно се влошува. Терористите секојдневно провоцираат и сè уште се во кризните подрачја. Постојат и најави дека на денот на изборите ќе има терористички акции на т.н "Армија на Илирида". Можно ли да е се одложат изборите, или пак ако се одржат да бидат фер и демократски?

ДИМИТРОВСКИ: Партиите на власт тешко можат да се помират со фактот дека може да ги изгубат веќе стекнатите позиции и со сè што направија за овие четири години, па веројатно ќе се обидат и на овој начин да ги одложат или целосно оневозможат изборите. Тоа тешко ќе им успее, но веќе се подготвуваат за фалсификување на изборите преку т.н. програма за "преголемата загриженост" за Македонците во соседните земји и издавањето на државјанства и патни исправи преку ноќ. Интересно е дека до пред неколку денови оваа власт не беше заинтересирана за истите граѓани, а уште поинтересно актуелната власт има и свое смешно оправдување: Таква слична работа направи и претходната власт со издавањето на 150.000 државјанства. Што да се каже? Како можеа тие, можеме и ние. Доволно, зарем не? Мислам дека тактиката на Брат Љубе, мојот премногу извалкан конкурент, не одговара на разнишаните демократски процеси во нашата држава. Но, од кого е и за кого е, таквата подмолна игра е очекувана. Меѓутоа, тоа е премногу за нашите Македонци кои живеат во сите делови на светот, вклучувајќи ги и нашите браќа од соседството. Не можам да верувам дека еден таков шарлатан може да падне на толку ниски гранки и да си игра со националните чувства на Македонците кои со години се тепаа по шалтерите на МВР и нивната бирократија за да ја докажат сопствената припадност кон нацијата и Република Македонија. Но, ете и тоа го видовме, а што потоа направи: циркус - мапет шоу. Значи проблемот не е во процедурата за добивање на државјанство, односно пасош, туку во тајното сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот компањон ДПА. Нивниот договор сè уште е валиден и тој тешко се раскинува. Затоа од него можеме уште нешто бомбастично и спектакуларно да очекуваме. Но, затоа тој "недоквакан потег" ќе оди на штета на националниот интерес на македонскиот народ и Република Македонија. Процес кој ја фрла Македонија на колена.

МС: Република Македонија, според Меѓународната кризна група, е можеби најкорумпираната држава на Балканот. Како Вие, заедно со Македонска алијанса и Македонска народна партија доколку ја освоите довербата на гласачкото тело, ќе се борите против ова зло?

ДИМИТРОВСКИ: Борбата против корупцијата е една од основните задачи и цели на нашата Коалиција и тука ќе нема милост за никого. Но, тоа мора да биде во согласност со позитивната законска регулатива која за жал кај нас не се спроведува. Затоа констатацијата на МКГ за големата корупција во Република Македонија и не е нова. Таа го подјадуваше националното ткиво уште во времето на СДСМ, само што во времето на ВМРО-ДПМНЕ корупцијата е издигната на вулгаризам. За секој тендер кај Владата и државните органи имаше одреден процент за поединци во владејачката гарнитура, а пак друг соодветен дел одеше за партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ. Оваа процедура и не е некоја тајна. Овој рекет, поткупливост на државничкиот апарат нè следи десетина години, само што формата и досетливоста се различни. Познато е дека продажбата на ОКТА, шверцот со цигари и другите марифетлуци, односно манипулации се тесно координирани со структурите на власта. Затоа гласачкото тело би требало да го раскине, распарчи, уништи од корен ваквиот негативен организам, кој за жал во времето на Бранко беше октопод, а сега може и да се нарече крлеж, или како било. Корумпираните политичари се производ на нашата стварност.

ОДГОВОРНОСТ

МС: Економијата во градот Велес, од каде што доаѓате Вие, е пред колапс. Што станува со тамошните фирми - загубари. Имате ли податоци колку луѓе од овој град се на улица? Како приватен стопанственик, на кој начин ќе го извлечете градот, па и државата од економската каша?

ДИМИТРОВСКИ: Економијата во Велес не е во колапс, туку веќе одамна е колабирана. "Порцеланка" повеќе години не работи, иако таму беа вработени повеќе од 3.000 луѓе. Веднаш до неа по простор и по состојба е и "Свиларата", а многу близу е и Агрокомбинатот "Лозар" и така со ред. Со бројот на невработените доста се калкулира не само во Велес, туку и во државата. Претпоставувам дека точниот број не го знае ниту актуелната власт. Излезот го гледам во рестартирањето на велешките погони, искористувањето на природните ресурси и во ангажирањето на сопствените кадри, признати во Македонија и светот. Во тој контекст треба да се ангажира домашниот и странскиот капитал, вклучувајќи го и капиталот на Македонците од дијаспората. Тие треба да најдат соодветен интерес во изградба на производствени капацитети и вработување на млади и талентирани кадри во Велес и во Македонија. Сметам дека тавкиот пристап може да даде соодветен резултат кој многу бргу ќе биде видлив и опиплив. Затоа индината на велешани мора да се бара на сопствените простори, не однадвор. За таа цел уште веднаш ќе мораме да ги засукаме ракавите.

МС: Деновиве извршниот директор на Велешката топилница, господинот ^едо Петров, поради узурпациите на Рудникот САСА е во центарот на вниманието. Колку има вистина во тврдењата дека Петров е вмешан во нелегални трансакции со компанијата МХК "Злетово" и како што велат велешани учествува во валкан бизнис?

ДИМИТРОВСКИ: Претпоставувам дека власта е таа што ги пласира овие информации во врска со нелегалните трансакции и узурпациите во Рудникот САСА, меѓутоа не ми е јасна целта, бидејќи и господинот Петров е дел од актуелната власт. Во овој случај на власта треба да & се верува, а работите да се истераат на чистина и секој да си одговара според законите. Детали околу овие работи навистина не ми се познати. Но, можам да претпоставувам што се случувало, бидејќи сум сведок на сите заткулисни перипетии и скандали што беа врзани со МХК "Злетово" во Велес. Нашата топилница последниве четири години доживеа разноразни упаѓања, сменувања на раководства, продажба, па повторно реактивирање итн. Сите овие доблести од АЛМАКО групацијата, па сè до внесувањето во игра на ^едо Петров во Велес е една уиграна варијанта што мошне добро функционира во Република Македонија. Меѓутоа, тоа најмногу го чувствуваат работниците кои немаат земено плата со месеци и затоа ваквата практика мора најбрзо да престане. Таа го уништува велешкото стопансттво, а така пропаѓа и економскиот потенцијал на Македонија.

МС: Градот Велес е најзагадениот град во Република Македонија. Доколку ја освоите довербата на граѓаните, што ќе преземете на тој план?

ДИМИТРОВСКИ: Аргументите зборуваат дека навистина Велес е најзагаден град. Во овој град се раѓаат деца сакати, без очи и со секакви деградирани човечки и генетски манипулации. Тоа е резултат, ноторен факт за непланираниот економски развој на Република Македонија. Тоа е нашето болно наследство кое три децении велешани го носат врз својот грб, кое во последно време толку нè боли што со ништо не може да се лекува, освен ако не се преземат ригорозни еколошки казни. Затоа доколку ја освојам довербата на гласачите, ќе инсистирам докрај примена на законската регулатива од оваа област, а загадувачите да си ги решат проблемите онака како што е предвидено. Виновниците ќе мора да сносат одговорност за настанатите проблеми. Ќе инсистирам да се применат меѓународните норми и правила. Без здрава животна и природна средина нема иднина, нема нормална генерација на велешани.