|
09/08/2002 Спиро Христов, потпретседател на Македонска алијанса и шеф на Изборниот штаб на Македонска алијанса и Македонска народна партија МАКЕДОНШТИНАТА КОНЕЧНО ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ! Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ
ХРИСТОВ: Македонската народна партија е прва национална партија формирана уште на почетокот на плурализмот во Република Македонија во 1990 година и прва партија што како свој симбол го истакна македонското шеснаесетзрачно златно сонце и како партија се залагаше тој симбол да биде и званично знаме на Република Македонија. Оваа партија во целиот изминат период секогаш се залагаше за одбрана на македонските национални интереси и за разлика од многу други таканаречени национални партии успеа да одолее на предизвикот да учествува во власта по која било цена, не ги продаде националните интереси за власт, фотелји и пари како што направија другите партии во изминатиот период. Соработката на оваа партија со Македонска алијанса датира уште со нејзиното формирање пролетта 1996 година и оттогаш наваму таа во континуитет постојано се зголемуваше со тоа што имавме заеднички активности и настапи во одбрана на македонските национални интереси како за Македонците во Република Македонија така и за Македонците во соседните држави и во целиот свет. Такви заеднички настапи имавме при разни манифестации за одбележување на значајни датуми од многувековната македонска историја како и заеднички протести против дискриминацијата на Македонците во соседните држави, како што беше заедничкиот протест пред бугарската Амбасада против одлуката за укинување на ОМО Илинден - ПИРИН, па протестите пред македонскиот Парламент против Рамковниот договор и промената на македонскиот Устав и многу други слични активности.Значи, успешната соработка во изминатите неколку години во одбрана пред си на македонските национални интереси, сличноста во толкувањето на македонската историја од античко време, па периодот на владеењето на македонскиот цар Самоил, дејствувањето на македонското ВМРО на Гоце, Даме, Јане и другите во борбата за ослободување и осамостојување на Македонија, продолжена преку антифашистичката борба на македонскиот народ и формирањето по толку векови на званична македонска држава преку прогласот на АСНОМ, па си до ден денес каде за многу актуелни настани имаме сличен или ист став, доведе до тоа да ја формираме нашата коалиција со заедничкиот симбол - шеснаесетзрачното златно македонско сонце коешто и најмногу ни обедини. Сето ова што ги обедини нашите две партии, не го најдовме во другите политички партии, па дури и во оние што се декларираат како национални, а всушност со своето дејствување во изминатиот период докажаа дека се многу далеку од си она што значи национална одбрана на македонските интереси, а некои партии тие интереси многу лесно и брзо ги распродаваа за власт или за пари. МС: Во меѓупартиските преговори за коалицирање, и покрај очекувањата, не се создаде условно речено "трет блок" кој би ги урнал без сомнение владејачките илузии на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Зошто не се формира ваков блок меѓу македонските партии? ХРИСТОВ: По дванаесетгодишното лошо владеење на политичките партии - СДСМ од 1992 до 1998 година и ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година наваму - што ни доведе до работ на амбисот, се почувствува потреба од нешто ново, од некаква трета опција којашто на наредните парламентарни избори би ги победила овие партии и би понудила нешто позитивно, подобро во наредниот период. Тоа доведе до формирање на нови партии кои претендираа кон овој празен простор, но за жал скоро сите такви партии беа формирани од луѓе коишто беа или во првата или во втората опција, па дури и на високи позиции во власта и со своите тогашни партиски лидери заедно го лажеа македонскиот народ. Сега, истите тие сакаат да покажат пред гласачите дека се многу чисти, дека се многу чесни, мислејќи дека повторно ќе можат да го излажат македонскиот гласач и на тој начин да ја освојат власта или да учествуваат во формирање на нова влада и пак со крајната цел дека ќе се доберат до фотелјите од каде и натаму ќе го крадат и понижуваат македонскиот народ. Но, убеден сум дека народот кој на два пати горко се излажа, овој пат ќе ги сфати нивните игри и немилосрдно ќе ги казни на претстојните парламентарни избори. Во оваа игра за третата опција се приклучија и други партии кои наводно (или директно) не биле во власта, но се сателити на првата или втората досегашна владејачка опција, па преку нив тие сакаат да приберат колку што е можно поголем број од сега засега неопределените гласачи, да се освојат неколку пратенички мандати, па потоа при евентуално формирање на влада со нив и да коалицираат. Но, и нив македонскиот народ веќе ги препознава, па и за нив следува казната на претстојните парламентарни избори. Ние сето ова од порано го знаевме, но на почетокот на минатиот месец во директните контакти со некои од тие партии и ние како и македонскиот народ се уверивме дека на овие партии или поточно на нивните лидери не им се приоритет македонските национални интереси и државата Македонија, туку приоритет им е исклучиво доѓање на власт на кој било начин и по која било цена и остварување на личните амбиции и материјални интереси. МАКЕДОНСКИТЕ ИНТЕРЕСИ МС: Лидерот на Македонска алијанса, господинот Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски, потенцираше дека двете партии се единствени субјекти кои достоинствено ги бранат македонските национални интереси. Очигледно е дека веќе неколку години другите партии се откажаа од македонската национална кауза. Кои се причините за нивната ваква анационална политика? ХРИСТОВ: Како што претходно истакнав, не дека не сакавме да формираме силен политички трет блок којшто ќе ги победеше досегашните две таканаречени големи партии (големи можеби по членство, но не и по идеи), сакавме и тоа многу, но верувајте немаше со кого тоа да го направиме, бидејќи политичките партии, а посебно тие кои и натаму упорно се претставуваат за национални македонски партии одамна престанале да бидат такви и да ги бранат македонските национални интереси. Ним најмалку важна им е одбраната и борбата за националната македонска кауза, тие така само се декларираат со надеж дека претставувајќи се како такви повторно ќе можат да го излажат македонскиот народ. Остварувањето на нивните лични интереси и заграбување од македонското национално богаство им се единствена цел. За разлика од нив, нашите лидери од Македонска алијанса и Македонска народна партија со досегашните свои активности докажаа дека единствено им е важна борбата за подобар живот на својот македонски народ и пред си зачувување и развој на македонската држава. Затоа и решивме на претстојните парламентарни избори да настапиме заедно само две партии - Македонска алијанса и Македонска народна партија. МС: Господине Христов, зошто токму ваквата ваша концепција претставува трн во очите на владејачките партии? ХРИСТОВ: Ние во Македонска алијанса и Македонска народна партија секогаш како приоритет ја истакнуваме нашата борба за македонските национални интереси и зачувување на македонската држава. Тоа во изминатиот период го докажавме со дела, а не со зборови како што го правеа другите. Во целиот досегашен период на нашето дејствување ние, пред си како луѓе, останавме чисти, неизвалкани од смрдеата на власта, некопромитирани, им одолеавме на силата на власта, на силата на поткупот, на парите, на митото и корупцијата и на си она нечовечно, ниско коешто во изминатиот период на владеење имавме можност да го забележиме кај носителите на власта кои многу брзо подлегнаа на сите овие слабости и многу брзо заборавија за што народот ги бираше и што од нив се очекуваше. Ние сме и сакаме да бидеме трн во очите на сите оние кои во изминатиот период работеа против својот народ и против својата држава, распродавајќи ги македонските национални интереси, па дури и делови од територијата на Македонија подлегнувајќи пред си на зачувување на позицијата на власта како и подлегнувајќи на силата на парите. Но, народот сето тоа добро го знае. Знае за нивните махинации, за нивните кражби, за евтините продажби на националните стопански капацитети, но со заграбување на големи провизии во сопствениот џеб. Народот ќе знае да ги казни со негласање за нивните партии на парламентарните избори. Народот ќе гласа исклучиво за оние за кои ќе знае дека овој пат нема да го излажат. Па потоа заедно со нив ќе знае да ги казни сите овие велепредавници на својот народ и да ги испрати не само во историјата, туку и во казнените установи каде веќе одамна им е местото на многумина од нив. МС: Си уште не почнале предизборните активности, а ВМРО-ДПМНЕ започна да манипулира со гласачите. Така, на пример, оваа партија од позиција на власт, наместо досега да им делеше државјанства на нашите иселеници, таа тоа го прави сега преку ноќ. Како ја коментирате новонастанатата ситуација? ХРИСТОВ: Во периодот на владеењето на СДСМ, тие не сакаа да им овозможат на македонските иселеници да гласаат во државите каде што живеат, т.е. во македонските дипломатски и конзуларни претставништва и активно да учествуваат во изборите во Република Македонија и во нејзиниот политички живот како што тоа го прават сите нормални држави во светот. Тоа не го дозволуваа само од страв дека иселениците, ако им се овозможи тоа нивно елементарно право, нема да гласаат за нивната партија, бидејќи и самите беа свесни дека лошо владеат. Од друга страна, од тогашната "најнационална партија" - ВМРО-ДПМНЕ - на нашите иселеници им се нудеше национална македонска стратегија, им се нудеше дури и обединување на цела Македонија, па и тоа дека ако дојдат на власт под итно ќе го изменат законот за избори со што ќе им се овозможи на македонските иселеници правото на гласање во родната Македонија. Во 1998 година, на тогашните парламентарни избори, македонскиот народ му поверува на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот коалиционен партнер, Демократска алтернатива, гласаше против СДСМ и ги доведе на власт токму овие две партии, верувајќи дека гласаат за вистински промени. Но, по кратко време истиот тој народ се увери дека овие биле само големи лажговци и уште поголеми предавници кои не само што не ја обединија цела Македонија, туку и оваа што ја имаме секојдневно ја распродаваат. Оваа власт, свесна за сето лошо што го направи и што си уште го прави, а знаејќи ја пред си економската независност на македонските иселеници кои не може да ги купува со партиски вработувања во комунални претпријатија, токму таа се исплаши да го исполни ветеното право да ја смени законската регулатива и на овие најчисти Македонци да им овозможи да си гласаат за својата татковина. Но, овие денови, на прагот на новите парламентарни избори, свесни за си лошо што му направија на својот народ и на својата држава и уште посвесни за својот претстоен парламентарен пораз, прават вонредни напори да се оправдаат токму пред тие наши македонски иселеници надевајќи се дека нивното паметење е многу кратко и некако можеби би успеале да останат на власт. Така, неколку дена пред својот пораз, со маркентишки потег на издавање пасоши и државјанства на наши Македонци од соседните држави и од иселеништвото, мислат дека ќе спасат глава. Тоа не го направија кога требаше, на почетокот на своето владеење, а сега за си е премногу доцна, посебно за нивниот спас од казната на македонскиот народ којашто ќе се случи многу брзо и тоа на 15 септември оваа година. Инаку ние, кои отсекогаш го баравме тоа право за македонските иселеници, и натаму ќе се залагаме тоа да се оствари што побргу и да остане засекогаш без разлика кој ќе биде на власт. "КОАЛИЦИЈА НА СОНЦЕТО" МС: Вие веќе ги доставивте листите во сите изборни единици. Со колку кандидати излегувате на овие избори? ХРИСТОВ: На претстојните парламентарни избори нашата како што јас ја нарекувам "Коалиција на сонцето", составена од Македонска алијанса и Македонска народна партија, предложи сто кандидати за пратеници во македонскиот Парламент во пет изборни единици во Република Македонија, освен во шестата Тетовско-гостиварско-дебарска изборна единица. Во неа не истакнавме кандидатска листа, бидејќи нашите заложби за заедничка листа на македонските партии не се остварија затоа што повторно до израз дојде македонското неединство, алчните партиски интереси кај другите "македонски" партии и овој пат беа посилни од македонските национални интереси со што се намалија шансите од овој регион да имаме барем 5-6 македонски пратеници, во согласност со процентот на Македонци во тој регион. Со тоа што овој наш предлог не беше прифатен и со тоа што многу "македонски" партии истакнаа кандидатски листи во шестата изборна единица, а при ваков пропорционален изборен модел, ќе се распарчи македонското гласачко тело и од оваа изборна единица може да се случи да има еден, или да нема ниту еден македонски пратеник. Исто така, при утврдувањето на листите водевме сметка да го запазиме регионалниот принцип на местото на живеење и местото на дејствување на нашите кандидати. Тоа да бидат кандидати од регионот на изборната единица. Така, носител на нашата листа на кандидати во скопската изборна единица е претседателот на Македонска народна партија, Владимир Стефановски, адвокат, роден скопјанец кој целиот свој живот работи и живее во Скопје. По него е правникот Зоран Кочоски - млад, но искусен и способен во браншата во која работи. Во оваа изборна единица наш кандидат е и Драги Стојковски, скопјанец од Драчево кој сега живее во Канада и е претседател на Светската македонска организација "Обединети Македонци" од Торонто. Исто така, и во втората Скопско-кумановска изборна единица носител е стоматологот Љупчо Ивановски од Скопје, но веднаш до него е машинскиот инженер од Куманово, Среќко Арсовски. Во третата Штипско-велешка изборна едница носител е рударскиот инженер од Велес, Митко Димитровски, а втора е Ленче Јакимоска, стечаен работник од "Македонка" од Штип. Во четвртата Прилепско-струмичка изборна единица одиме на чело со претседателот на Македонска алијанса, Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски, а до него сум јас, како потпретседател на Македонска алијанса, со единствена желба на Прилеп и на целиот овој македонски регион да му го вратиме сјајот на економски најразвиен регион. Петтата изборна единица ја водат битолските адвокати Драги Петровски, како носител, и Станое Буџевски, како втор на оваа листа. МС: Колку ви беше тешко да одберете вистински кандидати за пратеници, бидејќи досегашните политичари и парламентарци сосема ја изгубија довербата кај народот? ХРИСТОВ: Да одбереме вистински кандидати, пред си чесни, некорумпирани, ценети во својата средина, да ви кажам најискрено, од една страна ни беше многу тешко заради тоа што ваквите луѓе одамна се тргнаа од политичката сцена заради тоа што неа во меѓувреме ја запоседнаа лоши луѓе. Но, од друга страна, лесно ги најдовме нашите истомисленици, бидејќи нив за наша среќа и за среќа на Македонија си уште ги има. Со вакви кандидати како нашите не само што ние се гордееме, туку со нив ќе се гордее и македонскиот народ и македонската држава, доколку ја освоиме довербата на гласачите и доколку ни се дозволи да покажеме си што умееме. Се надеваме дека токму на овие парламентарни избори преку нашите кандидати конечно ќе влезе Македонштината во македонскиот Парламент, конечно ќе влезе македонското шеснаесетзрачно златно сонце и ќе го огрее напатениот македонски народ, а Македонија ќе добие вистински македонски патриоти во својот Парламент кои и по цена на својот живот ќе знаат да ја одбранат својата татковина и успешно ќе ја изградат и ќе ја развиваат македонската држава. МС: Дали сметате дека Република Македонија ќе може да ја извлечете од длабоката економска, политичка, па дури и воена криза? ХРИСТОВ: Со нашите кандидати, кои ги предложивме на листите за претстојните парламентарни избори и со нашата стратегија која се заснова пред си врз принципот "на вистински места да се поставуваат способни и вистински луѓе", како и со нашата програма која пред си се потпира на долгогодишното успешно искуство на нашите кандидати како во Република Македонија така и секаде во светот, одговорот на ова прашање во секој случај би бил потврден. Нашата програма се заснова пред си на воспоставување на суверенитетот на македонската држава на целата своја територија. Мора Македонија да ја направиме безбедна и сигурна држава, да донесеме закони компитабилни со западните држави, пред си со оние од Европската унија кон која сите се стремиме, и да се научиме сите без исклучок доследно да ги применуваме тие закони. Со овие мерки ќе се воспостават услови за инвестирање пред си од нашите Македонци од иселеништвото чија поддршка во целост ја имаме и кои се подготвени не само самите да инвестираат во својата родна татковина, што досега не им беше овозможено од досегашните власти, туку со себе да ги доведат и своите странски партнери со кои веќе долго време успешно соработуваат и коишто ги знаат и ги ценат нивните квалитети и способности и кои се подготвени заедно со нашите Македонци да дојдат и да инвестираат во сега разрушеното, раскрчменото и уништеното македонско стопанство. На овој начин за многу брзо време ќе ги залечиме досегашните рани и Македонија ќе тргне брзо кон силен економски развој, со што ќе стане водечка економски развиена сила во регионот и респектабилна држава, членка на големото европско семејство. МС: Се надевате ли на фер и демократски избори, или пак очекувате, како по обичај во државава, повторно да ни се случат манипулации и инциденти за време на гласањето? ХРИСТОВ: Тие што го изневериле македонскиот народ во изминатите дванаесет години, а особено актуелната власт којашто најмногу се плаши токму од сопствениот народ и од неговата казна којашто ќе следи на претстојните парламентарни избори, не така лесно ќе ја препуштат власта на друг, посебно заради тоа што се плашат од новата народна власт која треба да дојде. Најмногу се плашат актуелните властодршци, зашто ќе треба да дадат отчет пред македонскиот народ за сите злодела кои му ги направија во изминатите четири години и затоа што за тие злодела ќе треба да одговараат пред државните судски органи, па за многумина од нив затворите ќе бидат место каде што ќе го продолжат својот живот. Токму од овие причини актуелната власт ќе се обиде со сите сили и со секакви методи да остане на власт. Но, тоа нема да им успее, бидејќи ниту една власт што е против својот народ не успеала со сила да остане и натаму да владее, па ниту на оваа ненародна власт нема да и успее да се спротивстави на силата на народот. Силата на македонскиот народ си уште ја потценуваат, но од неа спас за нив овој пат ќе нема. |