|
ИНТЕРВЈУ Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски, претседател на Македонска алијанса
ДВОЈАЗИЧНОСТА ВО ПАРЛАМЕНТОТ УШТЕ ЕДНО ПРЕДАВСТВО Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ
МС: Господине Атанасоски, Вие сте лидер на Македонска алијанса. Како ја оценувате моменталната предизборна жешка политичка ситуација во Македонија? АТАНАСОСКИ: Веќе може да се забележи дека во Република Македонија започнуваат процесите за парламентарните избори. Но, можам да потенцирам дека македонскиот народ и граѓаните се наоѓаат во голема дилема. Затоа на народот му е потребна нова опција, покрај оние што денес се на власт, ВМРО-ДПМНЕ, и оние што порано ја водеа РМ, мислам на коалицијата на СДСМ. Меѓутоа, пред народот сe уште се нема појавено онаа политичка варијанта која ќе понуди нешто ново и сосема чесно. Сепак, во наредните денови Македонска алијанса и Македонска народна партија ќе покажат дека со своите идеи и програми ќе понудат реална шанса за доброто на Македонија, за македонскиот народ и поблескава иднина за државата. МС: Зошто двете најголеми македонски политички партии ја наелектризираат и ја вжештуваат политичката предизборна атмосфера? АТАНАСОСКИ: Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која сега е на власт со своите коалициони партнери ќе се обидат со сите средства што им се на располагање да ги добијат идните парламентарни избори. Тоа значи дека ќе ги фалсификуваат резултатите, а притоа може да употребат и сила која ќе биде применета во одредени делови во Македонија. Воопшто, тие не сакаат да ги загубат изборите. Со губењето на власта ВМРО-ДПМНЕ можеби повеќе и не би постоела на македонската политичка сцена. Поради ова, тие ќе се обидат со сите средства да ги добијат изборите и да го продолжат својот политички живот. Другата варијанта, СДСМ, која веќе шест години беше на власт, не покажа некоја визија за Република Македонија. Тоа беше голема шанса за нив, но тие не ја искористија. Не покажаа некој квалитет со водењето на РМ. Истите луѓе ја водеа државава, истите лица сега ја раководат партијата. На Македонија & се потребни нови лица, потребен е нов лидер кој ќе понуди современа визија. На тој начин РМ ќе го најде своето соодветно место на Балканот и во светот. МС: Двете најголеми македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ги промовираа своите партнери во коалициите за претстојните парламентарни избори. Дали во таквата политичка констелација е можен силен противкандидат кој ќе биде претставен во некојси трет демократски блок? АТАНАСОСКИ: Убеден сум дека иднината на Македонија е во рацете на македонскиот народ. Народот го има клучот. Ако народот увиде дека досегашните лидери не направија ништо за нивниот живот, за нивната држава, време е да одберат нов лидер кој ќе ги води кон подобра иднина. Него ќе треба самите да го изберат, а тој подоцна ќе треба многу да се докажува. Тој треба да покаже дека е способен да ја води Македонија и ќе треба да создаде услови за подобар и мирен живот за наредните поколенија. ПАРТИСКИ САТЕЛИТИ МС: Досегашната практика покажа дека третиот блок не може да профункционира поради традиционалните македонски поделби и чувството за политичка инфериорност во однос на другите партнери. Дали таквата зла судбина ја намалува шансата на македонскиот народ, електоратот да ја избере вистинската опција која РМ ќе ја врати на патеката на мирот и на економскиот просперитет? АТАНАСОСКИ: Во Македонија може да се забележи дека, покрај условно речено големите партии, другите политички субјекти произлегоа од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Тие не можат да се окарактеризираат како трет блок кој навистина може да успее и кој искрено би го водел македонскиот народ. Овие партии претежно се сателити на едната или на другата групација. Само Македонска алијанса и Македонската народна партија никогаш досега не биле ниту со едната, ниту пак со другата група. Мислам дека сме единствени политички партии кои ги штитат интересите на македонскиот народ. Тоа многупати досега сме го докажувале во овие осум години, колку што егзистира неделникот "Македонско сонце". На многу пати сме потенцирале дека нам пред сe ни се македонските национални интереси и вистинскиот економски пат на РМ кој требаше конечно да заживее. МС: Поединци кои беа дел од власта и од Парламентот се обидоа да создадат некојси трет блок кој набргу се распадна. Дали ваквиот политички сојуз се растури поради личните интереси кои се пред македонските национални и државни интереси? АТАНАСОСКИ: Лидерите на македонските политички партии во политиката пред сe тргнуваат од своите лични интереси, а потоа доаѓа партискиот интерес. Тие повеќе не размислуваат за Македонија, или за нејзиниот национален и државен интерес. Имавме можност да го гледаме тоа за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери. Сите овие политички партии кои сега се во Центарот и кои ,како што претходно напоменав, произлегоа од едната или од другата партија, имаат намера да соберат одредени гласови, а потоа да се приклучат кон блокот на големите партии. Токму поради нивните лични интереси кои беа многу тенденциозни, тие не успеаја да ја надминат пречката за да ја промовираат т.н. трета опција. МС: Сметате ли дека се исполнети сите услови за нормално одвивање на парламентарните избори во државава со оглед на тоа дека сe уште имаме вооружени инциденти и дали стравувате од какво и да е местење, односно фалсификати на изборите? АТАНАСОСКИ: Овој пат има далеку поголем простор за уште поголеми фалсификати или разни други местења на изборните резултати. Тоа значи дека не се отстранети сите фактори за намалување на инцидентите при изборите. За таа цел владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери имаат создадено свои "партиски групации" кои можат во секој момент да ги ефектуираат за да создадат напнатост и различни проблеми. МС: Меѓународните посматрачи неодамна потенцираа дека МВР треба да се погрижи да воведе поголема контрола за безбедноста на граѓаните и поголем проток на сообраќајот. Дали непреземањето на акција им одговара на властодршците, бидејќи тоа е една од варијантите за неодржување на изборите? АТАНАСОСКИ: Мислам дека албанските партии се договорени со ВМРО-ДПМНЕ како да ја контролираат ситуацијата во Република Македонија. Во тој "дил", дел од територијата на Македонија е под контрола на Албанците, а дел му е препуштен на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го прават со единствена цел да ги скријат личните интереси и да создадат услови за тоа како да ги перат парите од нивните црни бизниси - дрогата, проституцијата, продажбата на цигарите и на оружјето. Ваквата ситуација ним им одговара. МС: Деновиве беше изгласан новиот Деловник за работа во Собранието со кој на Албанците им се овозможува да зборуваат на албански јазик во Парламентот. Кој е Вашиот коментар за новонастанатата ситуација? АТАНАСОСКИ: Овие македонски пратеници плитко размислуваат. Тие треба да погледнат што се случува во другите парламенти. Така, на пример, дали во францускиот Парламент може да се слушне некој друг јазик освен францускиот? Исто тоа може да се забележи и во САД каде фунцкионира само англискиот јазик. Ние сме единствениот народ кој со двојазичноста, а подоцна и со тријазичноста, почнуваме да си ја растураме сопствената земја. Тоа не оди во корист на иднината на Македонија. Една држава која се расцепкува на многу поситни делови, не може да постои. За оваа ситуација нашите парламентарци требаше многу порано да размислат, пред да го потпишат срамниот Рамковен договор. Затоа овие потписници не треба да се најдат во новиот парламентарен состав, бидејќи очигледно не работат во интерес на македонскиот народ и држава. Практично, двојазичноста во Парламентот е уште едно предавство, уште еден чекор кон разнебитувањето на Република Македонија. МС: Какво е Вашето размислување за евентуалното влегување на албанските терористи во идниот Парламентот? Дали со поддршката на меѓународната заедница се придонесува за нивно полесно влегување во законодавниот дом во Македонија? АТАНАСОСКИ: Во една нормална држава не треба да очекувате дека некој од надвор ќе дојде и ќе ви ги реши проблемите. Самите ние треба да бидеме способни да си го зачуваме мирот, суверенитетот и интегритетот на Македонија. Но, поради причините кои веќе ги напомнав, а тоа се дека албанските партии и ВМРО-ДПМНЕ се имаат договорено и тие варијанти се во оптек, мораме да се соочиме со вистината - тие се збогатија преку криминални дејствија. Што се однесува до сето она што го донесе Рамковниот договор, тоа е вистинска катастрофа за Македонија и македонскиот народ. Доколку се продолжи со ваквиот тренд и повторно дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ, ние мораме да се простиме од нашата држава - Република Македонија. И во иднина нема да постоиме како Македонци. Ова мое размислување многу порано го имам кажано, а ќе го повторувам и натаму. На вакви тенденции укажуваат и работите што се случуваат со Македонската православна црква. Сe се сведува на уништување на македонската нација и на македонската држава. НАЈГОЛЕМИОТ БИЗНИС МС: Дали донесовте одлука за тоа како Македонска алијанса ќе настапува на парламентарните избори - самостојно или пак во некоја од коалициите? АТАНАСОСКИ: Ние ги разгледавме сите околности што се во РМ и што можеме да му понудиме на македонскиот народ и на граѓаните. Најдобрата варијанта е Македонска алијанса и Македонска народна партија, две македонски национални партии кои ќе се борат за македонскиот народ и за националните културни и економски интереси во Македонија, да настапат заедно на претстојните парламентарни избори. МС: На што најмногу ќе се фокусирате во текот на кампањата и по изборите? Дали на преиспитување на одредбите што произлегоа од Рамковниот договор, или на економскиот растеж на РМ? АТАНАСОСКИ: Ако ги добиеме парламентарните избори, ако македонскиот народ ни ја даде својата доверба, ние критички ќе се осврнеме на сето она што во последниве месеци е направено и ќе го преиспитаме. Ако нешто е штетно за РМ, за македонскиот народ, тоа ќе го отфрлиме. Но, ако е направено нешто добро, во секој случај ќе го прифатиме. Јас мислам дека повеќето точки од Рамковниот договор не се за доброто на Македонија и тие ќе бидат ставени на дневен ред на некоја седница на идниот Парламент. Во Парламентот е силата да расправа за нив, а ако треба и да ги промени. МС: Ниту една македонска партија не се осврна на економската состојба во државава. Што Вие ќе предложите за подобрување на лошата економска слика во земјава? АТАНАСОСКИ: За да имаме некој економски развој, потребно е да имаме мир и стабилност на државата. Но, за жал тоа денеска во Македонија не е можно, бидејќи се случуваат различни инциденти. А, тоа го регистрираат разните меѓународни институции кои испраќаат извештаи во своите земји. Затоа, мора да се преземат големи напори за да се смени регулативата и да се донесат закони кои навистина ќе бидат поволни за привлекување на странски инвеститори. Меѓутоа, би сакал да кажам дека ние сега имаме лоша економска концепција која ја практикува ВМРО-ДПМНЕ кој дозволи грчкиот капитал да навлезе, а тоа го прават со една многу лоша политичка позадина и со влегување во економска зависност. Тоа е погубно за нашата држава. МС: Одредени странски инвеститори доаѓаат во РМ, а потоа бегаат од земјава. Дали Владата на Георгиевски премногу уценуваше и бараше големи провизии за нивните инвестиции? АТАНАСОСКИ: За жал, политичките партии во Македонија "го вртат" најголемиот бизнис. Затоа мислам дека народот треба да размисли дали партиите треба да водат бизнис или да се занимаваат со политика која ќе биде во корист на македонскиот народ и на македонската држава. Поради ова, народот на претстојните парламентарни избори ќе треба добро да размисли за кого ќе гласа, кој ќе го води и кого на какво место ќе го постави. Тие треба да изберат нови лидери, личности кои немаат "црна позадина", кои не се извалкале досега и кои се без дамка во својата кариера и кои навистина покажаа дека умеат да & помогнат на РМ. МС: Деновиве Владата на Георгиевски се обидува да го продаде и последниот стратешки сегмент од РМ, а тоа Електростопанството. Каков е Вашиот став во врска со ова? АТАНАСОСКИ: Јас отсекогаш сум бил против продажбата на стратешките и виталните објекти во РМ. Тоа сум го потенцирал и при продажбата на "ОКТА", тоа го тврдам и сега. Мислам дека нашето Електростопанство во моментов не би требало да се продаде. Но, по пет или десет години кога ќе направиме демократска држава и кога ќе имаме подобри услови, ќе може да го разгледаме и ова прашање. Се разбира, ако тоа е во корист на државава и на македонскиот народ. Меѓутоа, во овој момент категорично ги отфрлам ваквите обиди, бидејќи ако се продаде Електростопанството, тогаш Македонците ќе се најдат во уште потешка економска ситуација. Тоа ќе се покаже по еден месец кога луѓето ќе немаат пари да ги платат сметките. МС: Македонија има свои природни ресурси за економски развој, но секогаш проценките не одат во прилог на РМ. Каде се греши, односно што Вие предлагате за да се има стабилен економски просперитет? АТАНАСОСКИ: Ние прво треба да ја согледаме целокупната економска состојба во Македонија. Потоа треба да се запрашаме - што на нашата држава & е потребно. На прво место ни е потребно производство на храна, сопствена храна што тука би ја произведувале. Ние имаме капацитети за производство на храна за македонското население. Втората основа за развојот ја гледам во нашите интелектуални капацитети. Во Македонија има многу умни и способни луѓе кои можат да помогнат. Но, тие треба да раководат со институциите во државава, а не да бидат на маргините на општеството или да заминат во странство. Третата целина на која мораме да & посветиме големо внимание е одбраната. Македонија мора да има цврста одбрана и не треба да се молиме некој друг да ни ја опремува војската и полицијата, а ние само пасивно да гледаме што се случува на теренот. Само со вакви цели ќе бидеме подготвени да работиме за доброто на македонскиот народ и на македонската држава. |
Продолжување на политичкиот живот?! Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која сега е на власт со своите коалициони партнери ќе се обидат со сите средства што им се на располагање да ги добијат идните парламентарни избори. Тоа значи дека ќе ги фалсификуваат резултатите, а притоа може да употребат и сила која ќе биде применета во одредени делови во Македонија. Воопшто, тие не сакаат да ги загубат изборите. Со губењето на власта ВМРО-ДПМНЕ можеби повеќе и не би постоела на македонската политичка сцена. Поради ова тие ќе се потрудат да ги добијат изборите и да го продолжат својот политички живот. Партиски војници Овој пат има далеку поголем простор за уште поголеми фалсификати или разни други местења на изборните резултати. Тоа значи дека не се отстранети сите фактори за намалување на инцидентите при изборите. За таа цел владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери имаат создадено свои "партиски групации" кои можат во секој момент да ги ефектуираат за да создадат напнатост и различни проблеми. Националните интереси Ние ги разгледавме сите околности што се во РМ и што можеме да му понудиме на македонскиот народ и на граѓаните. Најдобрата варијанта е Македонска алијанса и Македонска народна партија, две македонски национални партии кои ќе се борат за македонскиот народ и за националните културни и економски интереси во Македонија, да настапат заедно на претстојните парламентарни избори. Против продажба на стратешките објекти Отсекогаш сум бил против продажбата на стратешките и виталните објекти во РМ. Тоа сум го потенцирал и при продажбата на "ОКТА", тоа го тврдам и сега. Мислам дека нашето Електростопанство во моментов не би требало да се продаде. Но, по пет или десет години кога ќе направиме демократска држава и кога ќе имаме подобри услови, ќе може да го разгледаме и ова прашање. Се разбира, ако тоа е во корист на државава и на македонскиот народ. Меѓутоа, во овој момент категорично ги отфрлам ваквите обиди, бидејќи ако се продаде Електростопанството, тогаш Македонците ќе се најдат во уште потешка економска ситуација. Тоа ќе се покаже по еден месец кога луѓето ќе немаат пари да ги платат сметките. |