Од Редакцијата
Република Македонија се враќа на вообичаениот ритам на живеење. Скоро
триесет дена македонскиот народ, граѓаните, живееја во напнатост и
исчекување. Живееја "на леб и вода". Толку им остана од владеењето. Царот
падна, а "Империјата го возврати ударот" од 1998 година. Гласачите го решија
крстозборот. Конечното решение е "Промени на промените".
Нашиот "ишарет" кон власта барем малку ни ја врати надежта. Од сега ќе
имаме доволно време да се занимаваме самите со себе, а не да трчаме и да ги
молиме политичарите. Ќе се сосредочиме на иднината, а таа ни оддалеку не ни
е розева.
Мораме да расчистиме со тероризмот. Мораме да ја контролираме
територијата. Да ги контролираме политичарите. Претходните не мислеа на нас
и на нашата држава. Имаа превез на очите. Имаа фереџе. Беа недостапни. Но,
сега новата постава ќе мора да трепери и да стравува, оти ако ги ѕвекне
македонскиот народ, електоратот, со "Марковиот боздоган" по тиквата, нема да
се освестат. Тој сега е толку силен и моќен што малку му фали да тргне и да
ја сопре новата македонска голгота. Народот го испрати својот последен абер.
Го казни досега неказнетиот. Го изми срамот од себе. Затоа сега клокоти нов
извор. Да се надеваме дека тој нема да секне и дека ќе донесе нова свежина,
нова политичка крв, која мисли на сопствениот корен, македонскиот народ.
ЦРВЕНКОВСКИ ВО ЦЕ-КА
Некогашните "промени" убедливо се поразени. За чудо, дебаклот џентлменски
беше признат, односно возвратен. Не падна крв, иако сите прогнозираа, се
коцкаа и шпекулираа. Арно ама, македонскиот народ се освести. Го положи
испитот на полнолетството. Конечно можеме да уживаме во благодетите на
демократијата. Народот го заврши лавовскиот дел од работата, па така му ја
врати довербата на Црвенковски. Народот го симна од власт, народот го
препороди. Го врати во политичката игра. Го врати во бившата зграда на ЦЕ-КА.
Сега откако пинг-понг топката е вратена во старото јато, време е да се
соочиме со реалноста. Претходната власт на лагер ни остави толпа замрсени и
испреплетени проблеми. Тие се толку сложени што веднаш мора да се решаваат.
Но, сепак потезите ќе мора да бидат разумни, бидејќи Република Македонија е
исцрпена. Многу ја молзеа, така што го исцицаа млекото. Затоа предизвикот е
голем и неизвесен. Секој чекор ќе се гледа низ лупа, а резултатот ќе се мери
на кантар. Новата опозиција веднаш ќе влезе во акција и ќе ја критизира
власта. Ќе го следи секој нивен чекор, а грешките ќе ги осоколат и ќе им
даваат право да интервенираат, да боцкаат и да бараат. Во такви услови
парламентарната сцена ќе биде корида во која ќе се соочуваат и судруваат
различни мислења и ставови во врска со водењето на државата.
ЛАИЦИ ВО ПОЛИТИКАТА
Препородените "комунисти" се вратија во живот. Но, сега одговорноста ќе
им биде поголема. Залакот што го добија носи два милиона народ на врат.
Македонија одамна е јалова и затоа ќе треба време да се создадат услови за
нејзино оплодување. Таа е исцрпена од војните, од тероризмот, од политичкиот
јавашлук. Згора на тоа многу политички лаици ја водеа државата. Се утнаа
многу работи. Од приватизацијата до процесот за зближување кон
евроатлантските интеграции. Во овој исклучително бурен временски простор се
живееше за денес или утре. Никогаш не се планираше за нешто подолгорочно и
поперспективно. Затоа се давиме во живата кал. Ставени сме во инкубатор,
иако на многу пати ни даваа инфузија за да ја прескокнеме таа фаза. Но,
очигледно беше послатко да се ужива и да се граба отколку да се придонесе за
Република Македонија.
Затоа успехот не смее да го дигне Црвенковски во облаци. Тој треба да
создаде стабилна влада која пред се ќе биде составена од врвни стручњаци, а
не партиски војници. Импровизации не ни се потребни. Таквото водење на
политиката не доведе до вакво дереџе. Затоа денес сме помудри и поразумни,
но и истоштени од долгогодишната економска и општествена криза. Таа ги
нагриза сите пори во земјава и затоа не можеме да мрднеме од мртвата точка.
Долго време тапкаме во место. Време е Коалицијата "За Македонија заедно" да
ги оправда избирачките резултати.
НАРОДОТ ГО ОДБРА КВАСЕЦОТ
Славјето заврши. Коалицијата "За Македонија заедно"
треба го инвестира својот целокупен политички кредибилитет, бидејќи веруваме
дека поразот од 1998 година убаво ги отрезни. Ним им требаа четири години
само докажување за повторно да се вратат на власта. Овој период им беше
доволен за да се спуштат на земјата и да ги преиспитаат своите политички и
програмски цели. Останува проблемот дали ќе бараат сојузник меѓу албанските
партии и кој од нив ќе биде избран. Со нив, или без нив, ги чека најдголгиот
политички пат. Ова патешествие нема да биде лесно. Тоа го покажаа
довчерашните аџии. Но, тие не умееја да се снајдат на функцијата. Затоа
народот ги шутна. Сега ни претстои период на политичка адаптација. Период
кој ќе покаже дали народот го одбра вистинскиот квасец. Затоа оваа латентна
позиција треба да се искористи за нормализирање на политичката ситуација во
земјава. Многу од партиите што се пријавија на изборите ќе го бараат својот
идентитет, но и многумина политичари ќе бидат заборавени. Како што се
појавија, така ќе заврши нивната анимација. За неколку дена многу нешта ќе
бидат попознати и искристализирани. Се зависи од Црвенковски и од неговиот
иден кабинет.