"За Македонија заедно" нема да коалицира со терористи!

Според портпаролот на Коалицијата "За Македонија заедно", Јани Макрадули, тие имаат освоено 62 места во Парламентот, тврдење кое ќе го докажат, а на ДИК и преостанува да ги утврди резултатите.

Место за Ѕинго во македонскиот Парламент нема, потенцираше Макрадули на пресот што го одржаа завчера. Андреј Жерновски упати остри критики за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ кое губејќи ја власта масовно вработува свои кадри и склучува милионски сомнителни зделки.

Во врска со коалицирањето со ДУИ, беше кажано дека нема да коалицираат со терористи, туку само со оние кои ја поддржуваат платформата на Коалицијата "За Македонија заедно". На новинарското прашање дали ќе ги отстапат МВР или МО на ДУИ, Макрадули е со одговор дека сега се уште не е време за тоа да се дискутира.

ДУИ за државните симболи

Портпаролот на ДУИ, Агрон Буџаку, вели дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети ќе го отвори прашањето за државните симболи и прашањето за името, затоа што, како што вели тој, оваа партија смета дека за овие прашања треба да има заеднички договор меѓу Македонците и Албанците.

Кога се правеше Уставот во 1991 година, Албанците не беа консултирани за државните симболи. Ние се уште не зборуваме за детални решенија за симболите, но бидејќи со охридскиот Договор градиме една нова нација, нова држава, од суштинско значење е Албанците да бидат прашани за знамето, грбот и за името. Ако ние се договориме името да биде Република Македонија, ДУИ тој став ќе го брани и пред Грција и пред меѓународната заедница. Албанците, за разлика од соседите на Македонија, ја признаваат македонската нација, вели Буџаку.

Протерување на Македонците од Чаир

Во скопската населба Чаир, Албанците веќе неколку години наназад вршат притисок врз соседите - Македонци да ги напуштат домовите.

Ќе ве иселиме од тука како во Тетово. Имаме оружје и ќе ве протераме, ни се закануваат соседите, кои за да не потсетат на сериозноста на заканата, ја каменуваат нашата куќа, вели Младен Топузов од оваа скопска населба и додава: Со страв од тепање, каменување, секојдневни пцости и закани, моето семејство живее веќе со години, бидејќи соседите Албанци сакаат да не истераат од нашиот дом. Иако полицијата воопшто не не штити, нема да заминеме, бидејќи јас веќе четириесет години живеам во куќата.

Македонија членка на СТО

Од 17 септември Македонија стана неформална членка на Светската трговска организација, откако работната група за пристапување кон СТО во Женева го прифати конечниот извештај за прием на Република Македонија. Претстои ратификување на овој извештај од страна на Генералниот совет на СТО на 11 октомври, по што ратификувањето треба да биде направено и од страна на новиот состав на македонскиот Парламент, најдоцна до 31 март 2003 година, со што и официјално ќе биде потврдено членството на Македонија во големото трговско семејство.

Странците со 530 милиони долари во Македонија

Во Македонија странските директни инвестиции минатата година забележале пораст. Во 2000 година тие изнесувале 178 милиони долари, а во 2001 - 530 милиони долари.

Во изминатиот период успеавме да обезбедиме не само ценовна и валутна стабилност, туку и макроекономска стабилност, што е еден од значајните фактори за привлекување инвестиции, изјави гувернерот на Народна банка на РМ, Љубе Трпески, на промоцијата на Светскиот извештај за инвестиции во ООН.

Парламентот треба да работи од 7 октомври

Според Собранискиот деловник усвоен во јули оваа година, Парламентот треба да почне да работи најдоцна до 7 октомври. Обврска да свика конститутивна седница има претседателот на Парламентот од последниот состав и тоа најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите, но не подоцна од денот на истекот на мандатот на пратениците од претходниот состав. Собранието може да се конституира ако на седницата се верифицирани мандатите на две третини од вкупниот број пратеници. Доколку конститутивната седница не се свика во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21 ден од денот на завршувањето на изборите.

Македонија пред Европскиот суд?

Македонија може да биде тужена пред Европскиот суд за човекови права поради одолговлекувањето на судските постапки по одделни предмети и да плаќа надомест на штета поради неостварувањето на правата и интересите на граѓаните, предупредува Врховниот суд.

Судовите се соочуваат со проблемот на неефикасноста, особено во одреден вид предмети, што има одраз врз остварувањето и заштитата на човековите слободи и права и на вкупното функционирање на правната држава. Ова е дел од оценките и заклучоците на Врховниот суд изведени од извештаите за минатогодишната работа на судовите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"