| |
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
КОГА ДУШАТА ЌЕ СЕ ПРОДАДЕ ЗА ДОЛАРИ
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Ни Балканот не отскокнува од мозаикот наречен американски продор за
перење пари. Од 1990 година кога кризата во поранешна Југославија се
повеќе се зголемуваше, таа се повеќе бараше животи и долари. Најпрво
Хрватска, потоа Босна, се симнаа преку Косово до Македонија.
- Остана неодговорено прашањето зошто раководството на НАТО би ги
ризикувало животите на осумдесетина американски војници за да се спаси
една група сепаратисти кои се тешко вооружени и побунети против Владата на
една земја за која претседателот на САД и Стејт-департментот цело време
велеа дека се трудат да ја спасат? Самите Американци си го поставуваа
прашањето: на чија страна беа нивните воени сили?
11 септември 2001 - 11 септември
2002. Една година од најголемото терористичко зло во историјата на
човештвото. Се отрезни ли моќниот дел од светот? Се оттргна ли од двојните
аршини и стандарди или пак продолжи со старата стратегија на односи кон
преостанатите земји од светската организација? По се изгледа дека разумот на
човекот се уште е далеку од вистинското и мирољубиво човечко однесување.
Поделеноста на планетата во поглед на безбедносната сфера го направи светот
многу поопасен отколку во минатото. Сите почнаа да се борат против т.н.
глобален тероризам искористувајќи го притоа злото и болката на народите за
преземање нечовечки методи за постигнување хегемонистички цели.

Кога ќе се направи компарација меѓу состојбите и случувањата во премалата
Македонија и преголемата Америка јасно ќе се увиди дека методите и начините
за борба против истото зло - тероризмот - се несогледливо различни.
Македонија минатата година доживеа воена криза прва по Втората светска војна
во која беше спречена самата со расположивите средства да се одбрани од
напливот на качачките банди кои своевремено беа финансирани и потпомогнати
од истите оние оратори кои вербално се обидуваа пред светот да ја осудат
нивната сепаратистичка дејност. По неколку месеци од Танушевци се случи
преголемиот срам за Американците - нападите врз кулите близначки во Њујорк и
ранувањето на моќниот Пентагон. За неколку дена уследи жестоката воена
операција на американските бомбардери за уривање на талибанскиот режим во
Авганистан. Истите налогодавци нам ни упатуваа пораки со закани дека мораме
соодветно и пропорционално да одговориме во сопствената земја на
секојдневните атаци на бандите на Џафери и Ахмети. Колку тие пукнале, толку
ние да им вратиме. Ако така требало да биде како што се повикуваа на
меѓународното право, зашто во спротивно ни се закануваа со Хаг и
бомбардирање, зошто тогаш и силите на Буш не урнаа само две згради во Кабул
за да остане на нивото на соодветната пропорционалност, туку направија се
авганистанската земја да ја срамнат со земја убивајќи притоа стотици невини
свадбари кои потоа ги ставаа на списоците на колатерална штета.
ЛАГАТА И ВИСТИНАТА
Светот знае се, маските испопаѓаа, но се уште цивилизираниот слој нема
сила да возврати на мегаломанското однесување на условно најмоќните. Лагите
кои постојано се пласираат низ закупените светски моќни медиумски куќи
кружат насекаде и по она зацртано правило дека десетпати повторена лага
станува вистина незапирливо се турка идејата дека во светот има само една
привилегирана нација која е над сите, со повреден живот од преостанатите по
урнекот на Хитлеровата идеја за својата германска нација. Но, знаеме сите
како неславно завршуваат таквите идеи, процеси и стратегии.
Пред триесет години американскиот аналитичар Даниел Елсберг објави
документи кои покажуваат дека владите на САД од Труман до Никсон систематски
го лажеле својот народ. Документите покажуваат дека генерациски долг заговор
е изведуван помеѓу граѓаните и Конгресот во врска со Виетнам, а тоа е само
еден доказ за заговор од сите оние кои и подоцна се случуваа. Заради лагите
околу Виетнам и фабрикувањата и фалсификувањата на аргументите и фактите,
четири милиони Азијци ги изгубија своите животи, а САД претрпеа загуби од
половина милион жртви и нацијата доживеа страотен удар.
Сценариото се повтори и на почетокот на 21 век. Настаните во Авганистан
се само продолжение од надворешната американска хегемонистичка политика за
продор во срцето на најголемиот континент. Американците повторно забораваат
дека многу членови на Конгресот се интересираат за нивните постконгресни
лобистички работи, а војниците за цело тоа време им крвават на боиштата, па
на крајот излегува дека за нивните животи се грижат само нивните семејства и
најблиски, а никако американската Влада.
Ни Балканот не отскокнува од мозаикот наречен американски продор за
перење пари. Од 1990 година кога кризата во поранешна Југославија се повеќе
се зголемуваше, таа се повеќе бараше животи и долари. Најпрво Хрватска,
потоа Босна, се симнаа преку Косово до Македонија. "Ние отидовме заедно, и
заедно ќе си заминеме" - ќе речат американските конгресмени. Тоа "ние" се
однесува на НАТО, а НАТО се уште постои само заради добриот бизнис на
американската војска. И последниве години Американците добија многу лажни
удари од своите раководители како во времето на Виетнам. Но, ги премолчеа.
Во екот на изборната кампања силите на опозицијата и на власта меѓу другите
неодминливо го покренуваа прашањето и за улогата на т.н. меѓународна
заедница во минатогодишната воена криза во Македонија. Додека тогашната
власт упорно сака да му докаже на електоратот дека Западот сомнително се
однесуваше во судирот меѓу т.н. ОНА и македонските владини сили, тогашната
опозиција целата одговорност за неуспешниот тек на акциите го префрли врз
органите на безбедноста и личностите кои во тоа време раководеа со државата.
Кој е во право? Навистина ли западната хемисфера остана невина во
случувањата од 2001-та и колкаво беше нивото на нејзината неутралност во
борбата меѓу двете завојувани страни? Нема да ги анализираме реториките и
настапите на нашите залутани политиканти, бидејќи се е во функција на
изборната кампања, се се врти околу наводниот патриотизам или на едните или
на другите.
СПАСУВАЊЕ НА ТЕРОРИСТИ
Почнуваат да стануваат забележливи анализите на бројни американски
аналитичари од кои во последно време се издвојува пензионираниот генерал во
американската армија, Дејвид Хакворт, кој ги изнесува случувањата во
Македонија низ сведоштвата на директните американски учесници во кризата.
Точно е дека американските трупи спасија 400 "албански бунтовници" кои беа
членови на 113-тата УЧК-бригада. Остана неодговорено прашањето зошто
раководството на НАТО би ги ризикувало животите на осумдесетина американски
војници за да се спаси една група сепаратисти кои се тешко вооружени и
побунети против Владата на една земја за која претседателот на САД и
Стејт-департментот цело време велеа дека се трудат да ја спасат? Самите
Американци си го поставуваа прашањето: на чија страна беа нивните воени
сили? И уште едно прашање: која беше нивната цел, стабилизирање или
дестабилизирање на Република Македонија? Бригадата на УЧК која беше сместена
во Арачиново на само неколку километри од Скопје беше обиколена цели две
недели под тежок напад на македонските одбранбени армиски и полициски сили.
Генералот Хакворт се прашува: "Како Американците би се чувствувале доколку
некои бунтовници се обидат да ја заземат американската власт и наеднаш од
некаде се појават канадски војници, да се вовлечат внатре и да ги спасат
истите непријателски бунтовници?". Тој вели дека незадоволството кај
Македонците било оправдано.
Изворите во американската Армија која беше сместена на Косово и беше
запозната со изведената операција потврдија дека се работело за спасување на
17 инструктори кои се наоѓаа меѓу бунтовниците. Се работело за поранешни
офицери во Армијата на САД кои им обезбедуваа целосно воено образование на
терористите. Во тоа време македонската Влада тврдеше дека 70 отсто од
оружјето кое беше запленето од герилците беше произведено во САД,
вклучувајќи ги и најмодерните набљудувачки направи кои спаѓаат во третата
генерација на најсовремено оружје. За неколку дена тоа со докази го потврди
и германскиот весник "Хамбургер абендблат" од 28 јуни минатата година. Други
извори, пак, велеа дека седумнаесетте инструктори од американско потекло во
Арачиново биле припадници на организацијата за обука на милитанти МПРИ и
дека операцијата била изведувана во сенка на Вашингтон и прикривана од ЦИА и
Стејт-департментот како операција во екс-Југославија. Инаку, МПРИ е
компанија на чие чело се наоѓа поранешниот генерал во Армијата на САД, Карл
Вуоно, а целата организација е пополнета со поранешни припадници на
американската војска, од генерали до обични војници кои за своите услуги се
тешко платени. Оваа иста организација во раните 90-ти години ги тренираше
хрватските војници во операцијата СТОРМ која резултираше со брутално чистење
на 200.000 невооружени српски цивили. Потоа го создадоа генералот Агим Чеку
кој играше централна улога во масакрот на многу Срби на Косово. Кога Чеку се
приклучи на УЧК во 1999 година веднаш доби обука и помош од ЦИА и
Стејт-департментот и од други организации за борби против српските
безбедносни сили. Некој ќе рече дека сето ова е утопија, дека многу други
служби развиваат сценарија за расипување на сликата на Американците пред
светот. Но, еве што стои токму на сопствената Веб-страница на организацијата
МПРИ: "Ние им служиме на потребите на Владата на САД или на странски влади
или во приватниот сектор со највисоки стандарди по цена на ефективни
солуции". Таков персонал денес е распространет на различни локации ширум
светот во Саудиска Арабија, Тајван, поранешните јуословенски простори и
Колумбија. Зошто? Која е улогата што тие ја играат? Суштината е јасна. Овде
станува збор за огромен бизнис. Еден американски војник кој досега служел во
три војни надвор од територијата на САД потврди дека откако се пензионирал
многупати добил понуда за работа во МПРИ. Но, како што вели тој, тука не
станува збор за патриотизам, за чест или принципи. Тука станува збор само за
пари. Тука душата се продава за долари. Македонија минатата година со тоа си
имаше работа. На нашата судбина, на нашата болка некој заработуваше долари.
Но, се случи 11 септември. Никој не го оправда, но некој не го осуди.
|