ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

БРИЛИЈАНТНА ИГРА

Гог ма гог

Изборите ти биле игра, многу сериозна и одговорна, многу значајна и пренапрегната... Само тој што не играл не познава ни победа, ни пораз. Овде долго време се сомневавме дека "изборната игра" не знаеме да ја одиграме како што треба, по мерка на демократијата, со граѓанска одважност, со партиска толерантост, во духот на фер-плејот, оти од пуста желба кога не си подготвен за победа, сакаш да победиш, и како маалски шверцер на ситно, цело мало да го измамиш.

Арно ама, и ова парче македонска замја знаело да "игра" избори, такви какви што светот знае и умее. Можеби тоа требаше да ни се случи двеилјадитата, но нејсе и сега не е доцна, дури напротив ич не е доцна оти дванаесет години плурализам се премалку за четири сепак добри изборни игри, од кои четвртата е изборна парадигма.

Кој доби, кој изгуби, во овој момент апсолутно не е важно. Важно ќе биде подоцна, по 100 дена кога ќе "падне златото, а ќе се покаже - свинската кожа". Сега ловоровиот венец му припадна на македонскиот граѓанин и на сите други граѓани на оваа земја, на чија адреса стасуваат конечно пофалби и признанија.

Значи ли тоа оти дефинитивно Македонија го проби густиот обрач на недоверба дека сме "некое диво племе на некои балкански координати, на чии поданици им се ограничува слободата на движењето во светските простори?!".

Една недела од изборите не сме свесни што "одигравме"? Маестрален натпревар за историјата на демократијата!

Каде е Блаже Конески да го опише изборниот лач, како што го опиша македонскиот вез? Не се секирајте овде секогаш живеат големи поети, оти голем е самиот народ. Криво ми е само што имавме многу надворешни гвардијани кои мораа да внимават на изборната дисциплина. Ама на крајот чув (не сите) поголем број заминале за Охрид, на брегот на најубавото Езеро на светот да се честат за тоа што биле сведоци на најевропски избори.

Му се обраќам на читателот да ми прости за инспириумот упатен директно до народот за изборите, ама не се премолчува оти овој народ тоа го заслужува. Затоа и сум среќен, и дека сум дел од него.

За победниците и поразените не зборувам, оти такви не гледам. Парламентарната демократија е "едно цело" од сите што не има во оваа земја, колку не има и такви какви што не има... Многу непознати искушенија не очекуваат. Народот направи што требаше да направи за власта, сега на потег е власта да направи - за народот.

Не знам дали забележавте во честитките на странските демократски влади дека колку што и се посакува успешна работа и на позицијата, толку конструктивност и се посакува и на опозицијата.

Јас би рекол двапати повеќе да се фали опозицијата за да не заспие - позицијата... Да си кажеме право, вели еден мој пријател Робе, понекогаш знаеме и да се занесеме на крилјата од успехот, кој ич нема да биде успех ако утре живееме полошо од вчера.

Македонија е еден голем се уште неоткриен рудник на апсурди. Читател кому му се бендисала минатонеделната колумна, во делот во кој го споменувам Крушево и прославата на Илинден, пишува: "Почитуван Гог ма Гог, Крушево и Мечкин Камен се македонска голгота и тие како икона на животот имаат задача да им служат подеднакво и на Македонците и на Турците и на Арнаутите и на Власите на сите што ги одредил Господ да живеат заедно. Во Крушевскиот манифест, сто години ненадминатиот алманах на формулата за среќата, запишани се најубавите лекции што сите подеднакво сме должни да ги научиме. Крушево и Илинден се празници на животот, а на животот имаат право да му се поклонат, не само Македонците, туку и Албанците и Турците и Власите... Само тогаш Илинден ќе биде вистински празник, а жртвите на Мечкин Камен - спокојни!".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"