| |
ПОЛИТИКА
Странските медиуми за македонските парламентарни избори
НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА ОВОЈ БАЛКАНСКИ НАРОД
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Како заклучок на целиот текст на "Вијести" е нагласен проблемот како
ќе се реши скокотливото прашање на поделба на власта со Ахметиовата
партија чија герилска сила Робертсон минатата година ја означи како "група
убиствени бандити".
- Нашите парламентарни избори зазедоа место и на страниците на
бугарските медиуми, а најсеопфатни информации се запишани на
Веб-страницата на информативната агенција "ФОКУС".
П окрај оценките и пофалбите од
страна на странските посматрачи за успешно завршените парламентарни избори
во Македонија, ред мислења, критики и ставови беа обелоденети и во светските
медиуми. Забележливи се текстовите во весниците "Вечерње новости", "International
Herald Tribune", швајцарскиот
"Le Temps", "Die Welt"
од Германија,
Бугарско национално радио (БНР), "Комерсант", "Новие известија"....
Од поранешните југословенски медиуми се огласија познатите весници -
белградскиот "Данас" и "Вијести" од Подгорица во кои се вели ("Данас")
дека Коалицијата "За Македонија заедно" на Бранко Црвенковски
води на изборите кои беа одржани во неделата во Македонија. Поведувајќи се
според информациите од ДИК, "Данас" ги има објавено процентите на
застапеност на политичките партии. Во нивниот текст потенцирано е дека
досегашниот лидер на албанскиот политички корпус, Арбен Џафери, постигна
слаб успех и ќе има најмногу три пратенички места. Понатаму во "Данас" се
вели: Во Македонија по четири години пауза, социјалдемократите на левиот
центар повторно се враќаат на власт и како што се очекува во Скопје, едно е
сигурно - дека лидерот на социјалдемократите ќе побара коалициони партнери
меѓу албанските партии. (За партнерството меѓу Коалицијата Заедно и ДУИ
исто така е потенцирано и во весникот "Вјести").
ПРВИТЕ ПОТЕЗИ
Покрај ставот на "Данас" објавено е и известување од "Танјуг" во кое се
наведува дека од Македонија, која Црвенковски ја оставил пред четири години
заминувајќи од власта, скоро да не останало ништо. Се очекуваат првите
потези на Црвенковски, пред се да ја разреши дилемата сака ли да седне на
премиерска фотелја или таа функција ќе ја довери на некој од своите партиски
соработници. Секако неизбежно беше во овој весник да се напишат и неколку
збора за Демократската партија на Србите во Македонија која конечно доби
едно пратеничко место благодарејќи на предизборната коалиција со
социјалдемократите. Подгоричкиот весник "Вијести" пренесувајќи ја веста од "Ројтерс"
укажува дека владее мислењето оти Западот и честита на Македонија за успешно
спроведени избори. Притоа во него се наведува дека македонските опозициони
социјалдемократи се вратиле на власт по отфрлањето на "тврдолинијашката
национална влада" од страна на гласачите на изборите. Ова Западот го
поздрави како голема поддршка на мирот. Покрај пренесениот став од Западот,
"Вијести" пишува и за етничките Албанци кои ја истиснале албанска партија
која ја делеше власта со националистите во изминатите четири години и ја
замениле со нов тим на чело со поранешниот бунтовник Али Ахмети. Изборите,
се вели во "Вијести", без меѓуетничко насилство, изгледаат како резултат од
соништата за меѓународните фактори кои се обидуваат да ја стабилизираат оваа
немирна балканска земја по минатите бунтови за поголеми права на албанското
малцинство. Тука спаѓаат изјавите на познатите Хавиер Солана, Џорџ Робертсон...
Според "Вијести", локалните аналитичари велат дека отфрлањето на премиерот
Георгиевски и неговиот тим веројатно повеќе е резултат на нивната
забележлива корупција и лошото водење на земјата отколку тврдолинијашкиот
став во текот на кризата во 2001, што го налути Западот. Како заклучок на
целиот текст на "Вијести" е нагласен проблемот за тоа како ќе се реши
скокотливото прашање на поделба на власта со Ахметиовата партија чија
герилска сила Робертсон минатата година ја означи како "група убиствени
бандити".


Во "Вијести" како посебен дел од текстот објавена е изјавата на Али
Ахмети за "Ројтерс" во која тој вели: "Оптимист сум дека резултатите на овие
избори ќе помогнат да се воспостави мир и стабилност во Македонија",
додавајќи дека неговата партија како доминантна албанска политичка сила
треба да учествува во новата влада. Ахмети изјавил дека на неговата партија
би требало да и припадне Министерството за внатрешни или за одбрана, но
нагласил дека тој лично нема да заземе место во Парламентот ниту пак ќе бара
место на министер во новата влада.
Нашите парламентарни избори зазедоа место и на страниците на бугарските
медиуми, а најсеопфатни информации се запишани на Веб-страницата на
информативната агенција "ФОКУС". Оваа информативна агенција посветила дури
една страничка за пишувањата на другите светски медиуми за македониските
избори.
Бугарското национално радио информираше за ставот на руското Министерство
за надворешни работи кое ги дефинира изборите во Македонија како важен
елемент на регуларен процес. Во сопштението за печатот се одбележува дека
Москва со почитување ја прими веста на македонските избирачи. Под наслов "Албанските
бунтовници се борат за власт" во весникот "Комерсант" се потенцира дека
позицијата кон албанскиот блок партии ќе биде првото и најсложено решение за
новата власт. За "Новие известија" процесите во Македонија не се надвор од
случувањата од Источна Европа. Губитничката коалиција на Георгиевски и
Џафери беше дефинирана како сојуз на националисти, ориентирани кон затворен
развој на двете етнички групи во земјата. Во идната власт на Црвенковски и
Ахмети можно е да се случи врз нова основа да се создаде единствено
македонско општествено ткиво.
БЕЗ КРВОПРОЛЕВАЊА
Во "International Herald Tribune",
како што пренесува бугарската агенција, се вели
дека во Македонија, иако ДИК се уште ги брои гласовите, резултатите се јасни:
новата власт ќе биде составена од либерални, умерени Македонци и етнички
Албанци кои се обединети од страна на поранешен бунтовнички лидер.
Македонија се најде и на страниците на швајцарскиот весник
"Le Temps", во
кој се вели дека Македонија има нова политичка фигура - Али Ахмети кој
првпат во неговиот живот гласа. Очигледно е дека на овој весник посебен
интерес му е Али Ахмети и неговата партија затоа што тие потенцирале дека
ДУИ освои 80 отсто од албанските гласачи.
Независно од фактот, се додава во овој
швајцарски весник, што во македонскиот Парламент официјално ќе се говори на
два јазика, Али Ахмети задолжително треба да се потсети на македонскиот
јазик, затоа што тој тврди дека го подзаборавил затоа што 20 години ги
поминал во Швајцарија.


Парламентарните избори во Македонија поминаа без крвопролевања,
коментираше германскиот весник
Die Welt.
Тоа е показател за успех
на оваа мала земја чиешто опстојување во
текот на седуммесечната граѓанска војна беше неизвесно. Дури самиот изборен
резултат е охрабрувачки. Македонците избираа меѓу досегашното владејачко
ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Георгиевски, којшто излезе на избори со
националистички и антизападни слогани, и социјалдемократите предводени од
левоориентираната либерална коалиција "За Македонија заедно".
Во вестите што ги објави "Асошиетед прес" се вели дека опозиционите
партии ја симнале од власт владејачката коалиција во првите избори во
државата по минатогодишното вооружено востание, што претставува нов
предизвик за овој балкански народ кој се уште е во етничка тензија. Меѓутоа,
се вели понатаму, етничките Албанци го славеа Ахмети кој го водеше
поранешното шестмесечно востание со стремеж за поголеми права на ова
малцинство кое, според овој медиум, брои третина од целокупното население на
Р. Македонија. Ахмети сега ужива статус на херој меѓу бројното албанско
малцинство. Но, многу Македонци го сметаат за терорист и властите имаат
покренато постапка за негово апсење.
Наспроти ова, "Асошиетед прес" ја пренесе и изјавата на генералниот
секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, кој им се заблагодари на двете страни за
нивната "политичка зрелост" и изборите ги нарече "Решителен чекор во
вистинска насока и јасно одбивање на насилството кое владееше последните
месеци".
Американскиот весник "Washingtonpost"
како и "CNN"
пишуваат дека етничките Албанци ќе бидат дел од
Парламентот и дека Бранко Црвенковски, лидерот на "За Македонија заедно", го
чека голема работа.
|