| |
Четврток 12.9. 2002
Тетово: При напад врз полициската
станица "Боговиње" кај Тетово, изутринава е убиен 35-годишниот полицаец
Фикри Елмази од тетовското село Теново. Секторот за внатрешни работи во
Тетово се уште трага по десетчлената група што го изврши нападот утрово
околу шест часот.
Според полициски извори, напаѓачите се познати и тие се од составот од
вооружената група која пред извесно време ги киднапираше осумтемина
Македонци кај тетовското село Жеровјане.
Во тетовскиот регион во текот на изминатата ноќ со зголемен интензитет се
слушаа рафални и поединечни истрели од повеќе видови оружје од реони на
градот и околните села.
Петок 13.9. 2002
Тетово: Во градот и околината
ноќеска се слушаа истрели кои престанаа околу пет часот. Според Секторот за
внатрешни работи во Тетово, рафални и поединечни истрели се евидентирани од
реонот околу Текстилниот училишен центар "Ѓоше Стојчевски", од околината на
Спортскиот центар и касарната "Кузман Јосифовски - Питу", Теќето, населбите
Горна Чаршија и Вонвардарска, како и од селата Теарце, Пршовце, Доброште,
Шемшево, Лисец, Гајре, Палатица, Требош, Озормиште, Стримница, Непроштено,
Слатино, Челопек и Радиовце.
Сабота 14.9. 2002
Тетово: 45 минути по полноќ, во
тетовското село Челопек
била нападната полициска екипа од банда составена од тројца вооружени и
добро опремени терористи. Бандата отворила оган врз полицајците - припадници
на резервниот состав кои реагирале брзо и енергично возвраќајќи на нападот.
Во оваа вооружена пресметка еден од терористите бил убиен, додека другите
двајца биле ранети и пренесени во Ургентниот центар во Скопје.
Според МВР, патничко возило БМВ 320 со светло-зелена боја и странски
регистерски таблички било забележано од месното население еден ден порано,
околу 22,30 часот. Возилото се движело низ селото, во неколку наврати
скршнувало од главните улици и се задржувало во близина на куќи на резервни
полицајци од Челопек.
Двајца полицајци заедно со неколкумина други припадници на резервниот
полициски состав од селото, распоредувајќи се по главниот селски пат на
неколку места до стоматолошката ординација "Медидент". Пред да почнат
престрелките, возилото се приближило до местото каде што се наоѓале
полицајците, а тие се обиделе да го сопрат заради контрола. Во истиот момент
од возилото во правец на полицајците бил истрелан еден рафал кој, за среќа,
не погодил ниту еден од нив. Како што соопштува МВР, полицајците веднаш
возвратиле. Вооружената пресметка траела речиси еден час. Засега за
идентитетот на тројцата напаѓачи ништо официјално не се соопштува, а се
зборува дека еден од нив носел прекар Џаџи. СВР- Тетово, по наредба на
истражен судија при Основниот суд, извршило увид. Притоа, на патот кон Долни
Челопек било
пронајдено возилото. На совозачкото место имало убиен неидентификуван човек
во црна облека со амблем на АНА и пиштол калибар 7,62 мм. Телото на убиениот
потоа било пренесено околу пет часот утрината во Службата за судска медицина
при Медицинскиот центар во Тетово. Во возилото бил пронајден цел арсенал
оружје, муниција и друго. Според МВР, пронајдена е една автоматска пушка од
кинеско производство со две рамки со муниција за автоматска пушка, потоа
четири пакувања муниција за автоматска пушка со сто куршуми, еден мобилен
телефон, црна маска, рачна радиостаница и исечоци од дневните весници во
врска со убиството на полицајците во Гостивар. До возилото биле пронајдени
уште еден пиштол калибар 7,62 мм и рамка со куршуми. Кај еден од двајцата
ранети била пронајдена легитимација од УНМИК на име Неџдет Рамаи од Косово,
издадена на 28 март 2001 година.
Во врска со овој последен вооружен напад на полицијата во тетовскиот крај
од страна на непознати вооружени лица, РТВ КИСС од Тетово јави дека оваа
тројка била вклучена или е осомничена за убиствата на полицајците во
Гостивар, како и во убиството на полицаецот во Боговиње.
Во интерес на истрагата, надлежните органи не соопштуваат други детали.
МВР и СВР - Тетово преземаат координирани мерки и активности за целосно
расветлување на случајот
Недела 15.9. 2002
Скопје: Гранична патрола на АРМ
открила магацин со оружје и воена опрема во скопското село Танушевци додека
ја обезбедувала државната граница кон СР Југославија во делот кон Косово,
информираа во македонската Армија. Според АРМ, патролата на првата гранична
бригада го нашла оружјето околу пладне, во импровизиран подземен магацин во
атарот на Танушевци. Извори во безбедносните служби тврдат дека оружјето што
било најдено е најверојатно останато од минатата година додека во овој дел
од земјава имаше воен конфликт. Тие велат дека најденото оружје и муниција
се кородирани и речиси неупотребливи од тоа што подолго време стоеле под
земја.
Според информациите на АРМ, граничната патрола во импровизираниот
подземен магацин нашла 14 полуавтоматски пушки, 21 автоматска пушка и два
пушкомитралези. До оружјето биле складирани 4.347 парчиња муниција со
калибар 7,62 мм, 170 куршуми со калибар 12,7 мм и 38 куршуми со калибар 14,5
мм. Граничарите на АРМ нашле и дополнителна опрема за оружјето. Од воена
опрема македонските граничари заплениле 70 рамки за автоматска пушка, два
добоша за муниција за пушкомитралезите, четири реденици за куршуми и 365
борбени елеци за војници. Како што информираше македонската Армија,
оружјето, муницијата и опремата биле од кинеско и албанско производство
Понеделник 16.9. 2002
Тетово: Во тетовскиот регион во
текот на изминатата ноќ континуирано се слушаа истрели од повеќе видови
пешадиско оружје од реони во градот и од голем број села. Според полицијата,
истрели зачестено имало и од возила во движење, но во ниту еден случај тие
не биле упатени кон директни цели. Во 17,50 часот во Тетово одекна силна
детонација која наидуваше од јужниот дел на градот. Според СВР Тетово,
детонацијата е од активирана експлозивна направа во близина на Штуловиот
универзитет и Државното средно училиште "Моша Пијаде". Извршен е увид и
утврдено е дека детонацијата била предизвикана од рачна бомба.
Куманово: Полициски пункт во близина на село Опае бил нападнат со
истрели од тежок митралез и од автоматско оружје, информираше Министерството
за внатрешни работи. Според надлежните, вооружената група од правец на
кумановското село Режановце со рафален оган го нападнала полцискиот оган.
Напаѓачите од тежок митралез истрелале три долги рафали и петнаесет
поединечни истрели од автоматско оружје.
Вторник 17.9. 2002
Тетово: Повеќе канонади од рафални
и поединечни истрели се евидентирани од реонот околу градскиот плоштад,
поштата, Домот на АРМ, Основното училиште "Братство Миѓени", реонот околу
касарната "Кузман Јосифовски -Питу", складот на општинскиот одбор на
Црвениот крст, улицата "Ленин", од населбите Циглана, Купеник, Горна Чаршија
и Вонвардарска, како и од околината на Медицинскиот центар.
Според Секторот за внатрешни работи од Тетово, повеќепати се регистрирани
истрели од Лисец, Гајре, Мала Речица, Долно Палчиште, Жеровјане, Челопек,
Радиовце, Стримница, Слатино, Теарце, Шемшово, Одри, Долно Орашје, Нераште,
Требош, Озормиште и од други села. Ноќешните истрели не биле упатени кон
директни цели, информираат полициски извори.
Во 21,35 часот во Тетово се слушна детонација. Според полицијата,
детонацијата е од активирана непозната експлозивна направа во реонот околу
Основното училиште "Свети Кирил и Методиј" во југоисточниот дел на градот.
Среда 18.9. 2002
Тетово: Во текот на изминатата ноќ
во тетовскиот регион се слушаа истрели од повеќе видови пешадиско оружје,
чиј интензитет беше намален околу полноќ. Рафални и поединечни истрели во
текот на ноќта се евидентирани од централното градско подрачје во Тетово, од
реонот околу Текстилниот училишен центар "Ѓоце Стојчески", Медицинскиот
центар, касарната "Кузман Јосифовски - Питу", населбите Горна Чаршија,
Вонвардарска, Купеник и Циглана, месноста Расадиште крај патот Тетово -
Попова Шапка и од поголемите станбени комплекси.
Во Тетово во повеќе наврати се евидентирани истрели од автоматско оружје
и од возила во движење.
Според Секторот за внатрешни работи во Тетово, од синоќа до полноќ се
регистрирани серија рафални и поединечни истрели од селата Слатино,
Непроштено, Теарце, Пршовце, Отушиште, Доброште, Одри, Долно и Горно Орашје,
Нераште, Шемшево, Требош, Озормиште, Желино, Палатица, Челопек, Радиовце,
Жеровјане, Порој и Џепчиште.
АНА се обидела да го убие Бошковски?!
Терористи на АНА на 15 септември се обиделе да извршат атентат врз
министерот за внатрешни работи, Љубе Бошковски, тврди МВР. Во "мерцедесот"
на министерот било пукано на автопатот Скопје - Тетово кај селото Желино.
Следниот ден непознати лица од возило во движење пред македонскиот Парламент
со пиштол пукале во автомобил на Владата, во кој се наоѓал министерот за
финансии, Никола Груевски. За среќа, во двата инцидента била предизвикана
само материјална штета, а министрите Бошковски и Груевски минале без
повреди.
Ова на прес-конференција го соопшти портпаролот на МВР, Воислав
Зафировски. Тој рече дека полицијата од безбедносни причини досега не и ги
има соопштено на јавноста овие два инцидента. Трите лица што ноќта меѓу
петокот и саботата имале вооружена престрелка со полицијата во тетовското
село Челопек, всушност требало да извршат атентат врз министерот Љубе
Бошковски, тврди МВР.
Тие знаеле дека министерот ќе дојде во Челопек на погребот на неговиот
татко. Но, бидејќи ноќта во престрелката со полицијата едно од лицата беше
убиено, а другите двајца се ранети и уапсени, обидот за атентат пропаднал.
Поради тоа, т.н. АНА преминала на резервен план. Истиот ден кога Бошковски,
по завршувањето на погребот, тргнал од Челопек кон Скопје, кај тетовското
село Желино било пукано во "мерцедес" кој се движел во колоната возила што
го придружувале министерот. Бошковски не се наоѓал во тоа возило, а во
инцидентот нема повредени, туку само е оштетен автомобилот - рече
Зафировски.
|