Инвестиција на "Јака 80" од Радовиш

"Јака 80" од Радовиш на јавна аукција купи 41,93 проценти од југословенската фабрика за лекови "Југоремедија" за што треба да уплати околу 15 милиони евра. Во наддавањето учествуваа четири компании: покрај радовишката "Јака 80", уште и "Лек" - Љубљана, "Таш" - Шабац и "Екстра 5" - Белград. Упатени извори велат дека управувачкиот пакет на фабриката од Зрењанин ќе биде преземен со дополнителните вложувања и докапитализацијата како и со откуп на акции од вработените.

Генералниот директор на "Јака 80", Рубен Градовски, најави дека во зрењанинската фабрика ќе бидат инвестирани дополнителни шест милиони евра во наредните пет години. На прашањето за потеклото на капиталот директорот не одговори.

Се шпекулира дека целата трансакција ќе оди преку Кипар, а како можен посредник во игра е и "Македонска банка".

ОКТА: "Џозеф е лажго"

Директорот на Окта, Петрос Каралис, категорично ги отфрли обвинувањата во извештајот на Меѓународната кризна група за таканаречениот корупциски скандал за продажбата на Рафинеријата на "Хеленик петролеум". Шефот на МКГ го нарече "поткуплив лажго". МКГ тврди дека Рафинеријата е продадена на нетранспарентен начин, за многу ниска цена, парите се уште не се уплатени, добиена е монополска положба, а има и сомневања дека високи функционери наплатиле провизија за зделката.

Рафинеријата е купена за 32 милиони долари и пред 20 дена била уплатена последната рата од 12 милиони долари. Продажбата беше можна само со договор за концесии од македонска страна и обврски за инвеститорот. Окта доби ексклузивитет на нафтениот пазар и гаранција дека ќе работи ТЦ "Неготино" за пласман на годишното производство од 500 илјади тони мазут. Купувачот се обврза да изгради нафтовод од Скопје до Солун и да вложи во нова технологија. Досега се инвестирани 160 милиони долари, а Рафинеријата од ЕСМ, државата и Топлификација побарува 30 милиони долари. Џозеф едноставно го пресметува двегодишниот профит од 10 милиони долари и смета дека сме вратиле третина од платеното - беше дециден Каралис.

Шпекулации на "Тридент"

Имот во вредност од девет милиони евра на "Македонија табак" незаконски е префрлен во фантомска фирма "Тридент" како и 935.000 евра имот на "Тетово табак", без знаење на вработените - акционери. Во "Тридент" учествуваат со "свој " капитал и "Интернационал 7" со влог од 3,8 милиони евра и "Булгармакс дооел" со 4,3 милиони евра. Не е познато како акциите што ги вложил Ѓорѓи Трендафилов, сопственик на "Булгармакс дооел" дошле во негови раце, зашто порано ги поседувала "Македонија табак" во златарската компанија "Голдмак" и во Тутунскиот комбинат "Боро Петрушевски - Папучар", но никогаш не ги продала преку берза поради судската забрана. Директор на "Интернационал 7" е Стевче Коцевски, поранешен раководител на "Македонија табак 2000".

Во позадина всушност се пирамидални фирми основани со цел да се префрла имотот од една во друга фирма, за да се сокрие криминалот. Акционерите од "Македонија табак" најавија дека за проблемите со нивниот имот ќе се обратат до Европскиот суд во Стразбур.

Санкции за Телеком

"Македонски телекомуникации" не го потпишаа до определениот рок интерконекцискиот договор со "МТЦ мобилни телекомуникации". Ова беше услов поставен од Управата за телекомуникации, чие неисполнување повлекува одредени санкции. Од Управата најавија прекршочни пријави против одговорните во Телеком поради непотпишување на Договорот за меѓусебно поврзување. Следи и времена мерка против странскиот менаџер кој поради санкциите нема да може да ја продолжи работната дозвола во Македонија. Можно е и прекинување на врските меѓу мрежите на "Мобимак" и Телеком, т.е. меѓу мобилната и фиксната телефонија.

НБМ и предизборната кампања

Народна банка на Македонија демантира дека се вклучила во финансирање на предизборната кампања и дека поранешната власт за таа цел добила 20 милиони долари. Ставот на НБМ против ваквите "клевети" е дециден.

Дел од девизните резерви со кои ракува НБМ се користат за овозможување на нашите комерцијални банки полесно да добијат кредитни линии од странски банки. Такви се и последните две одлуки за кредитната линија за "Електростопанство" и за финансирање на откупот на пченицата. Кредитот што ЕСМ го зеде за Проектот "Стрежево" се користи строго наменски. Тие не би го злоупотребиле тој кредит. Финансирањето на откупот на пченицата, не е почнато да се реализира. Банките работат врз основа на довербата што ја имаат во нив депонентите, за која признаа дека тешко ја вратија. Народна банка и натаму успешно како и досега ќе ја извршува својата основна функција - одржување на ценовната стабилност и стабилност на девизниот курс, му се допаѓало тоа некому или не.

"Шанел" и во Македонија

"Шанел" е новиот сопственик на "Постелнина" од поранешниот Текстилен комбинат "Македонка". Купопродажниот договор е потпишан, уплатени се 130.000 евра, а "Шанел" ги почна подготовките за активирање на погонот. Производството треба да стартува за три месеци, ќе се вработат третина од поранешните работници, а од конфекцијата ќе бидат произведувани блузи и кошули.

"Астибо" продадено на "Варитал"?!

На меѓународниот тендер за "Астибо" најповолната понуда од 15 потенцијални купувачи, ја доставила италијанската фирма "Варитал" од Милано. За најголемата фабрика за конфекциско производство понудата е 2.125.000 евра и обврска дека на работа ќе се задржат сите 2.210 вработени.

Меѓутоа, последниот збор за продажбата го има Стечајниот судски совет при Основниот суд во Штип. Ако одлуката се реши позитивно, тогаш "Варитал" треба да ги уплати парите во рок од 25 дена. Во спротивно целата постапка околу продажбата на "Астибо" ќе биде повторена.

Виното - наш извозен адут

Виното како еден од носечките производи во извозната структура на Македонија, за период од првите седум месеци во 29 земји е извезено во количина од 89.831 тон со вредност од 29.047.685 долари. Од вкупниот извоз на вино, во земјите на Европската унија извезени се 34.397 тони во вредност од 10.299.250 долари.

На прво место е СР Југославија каде е реализиран извоз од 48.809 тони во износ од 16.081.250 долари, а на второ место е Германија со 34.264 тони во износ 10.164.040 долари. Годинава цената по која се извезува виното од 0,31 долар бележи пад во однос на ланската од 0,34 долари.

Истовремено Македонија врши и увоз на вино кој до јуни достигна 21 тон во вредност од 42.360 долари, а оваа година во споредба со лани количински е помал за 91 отсто, додека вредносно за 58 отсто. Најмногу вино е увезено од Југославија, 20 тони во вредност од 24.740 долари, по просечна цена од 2 долари за литар.

Трета берзанска трансакција на НПК

На Македонската берза продадени се пет отсто од "Националната платежна картичка". Станува збор за 369.244 обични акции кои достигнаа цена од 61 денар. Трансакцијата се реализира на сегментот на пазарот каде се плаќа безготовински т.е со хартии од вредност кои на Берзата се купуваат за околу 50 отсто од номиналната вредност. Тоа автоматски значи дека новиот сопственик трансакцијата го чини двојно помалку. Ова беше трета берзанска трансакција со акциите на НПК.

Нашите полжави најдобри во Европа

Гевгелиската фабрика "Марил" од 1997 година произведува месо од полжави кое е многу барано на пазарите во Европската унија и во САД. Станува збор за специфично производство, за што се потребни големи капацитети и брза обработка на количества до 50 тони полжави на ден. Годишно се увезува до 2.000 тони главно лозарски полжави "хеликс поматија" и тоа најмногу од Унгарија и од Србија и Црна Гора. Од нашата земја не се врши откуп, зашто на сила е програмата на Министерствата за земјоделство и за екологија за заштита на градинарскиот полжав "хеликс лукорум".

Со овие количества за преработка, "Марил" е на прво место во Европа, а фабриката е прва од ваков вид во земјава. Се преработуваат и корупки од полжави, а приготвените полжави одат во Грција, каде што се доработуваат во специјалитети за малопродажба. Се очекува идната година "Марил" да почне да преработува и да извезува до 3.000 тони чисти полжави.


Мобимак со "Мојот круг"

Деновиве "Мобимак" ја промовираше новата услуга "Мојот круг" која е наменета за пост-пеид претплатниците. "Мојот круг" овозможува остварување на повици во ГСМ мрежата на "Мобимак" по намалена тарифа за мобилните броеви кои најмногу ги користат. Секој пост-пеид претплатник може да избере четири броја од кругот на неговите најблиски. За првиот број од кругот на претплатникот важи 10 отсто попуст и 60 денари месечна претплата, додека за вториот, третиот и четвртиот број важи 5 отсто попуст и 30 денари месечна претплата.

Доколку пост-пеид претплатникот сака да ја користи оваа услуга потребно е во продавниците на "Мобимак" да ги каже четирите броја во кругот и да потпише договор. Ако претплатникот го направи тоа до 31 октомври 2002 година, ќе добие бесплатна претплата до 2003 година. Оваа услуга стартуваше на 18 септември.

Подготвила: Марија НИКОЛИЌ


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"