Нов мандат за "Лисиците"?
Според генералниот секретар
на НАТО, Џорџ Робертсон, по состанокот на амбасадите на Алијансата и на ЕУ,
НАТО нема да одлучува за продолжување на мандатот на "Килибарните лисици" во
Македонија се додека не биде формирана новата влада. Во меѓувреме ќе се
водат разговори и со досегашната и со идната извршна власт за да се види
дали меѓу нив постои консензус за тоа прашање. Анализите говорат дека воено
присуство треба да има до средината на 2003 година и дека дотогаш не треба
да се менува ништо, констатираат европските дипломати.
Ахмети бара коалиција на албанските партии
Али Ахмети упати повик до другите три политички партии на Албанците да се
соберат околу неговата ДУИ. Ахмети потврди дека се уште немале контакти со
СДСМ околу евентуалното коалицирање. Претпоставка е дека со коалицијата се
релативизира прашањето за можното партиципирање на ДУИ во новата влада.
Ќе продолжам да го следам курсот за кој се ангажирав и порано и ги
повикувам другите албански партии да направиме заедничка коалиција и да ги
предводиме демократските процеси во иднина, изјави Ахмети додавајќи дека
останува да се види како работите ќе се одвиваат понатаму. На повикот на
Ахмети, ДПА го одби предлогот за партиципирање во новата влада, додека НДП
има позитивен став за понудата на ДУИ.
Партиски вработувања во РЕК "Битола"
ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги искористи последните денови од своето
владеење и во РЕК "Битола" за два дена вработиле стотина лица. Повеќе лица
од фантомски фирми, кои биле прогласени за технолошки вишок, спогодбено биле
преземени и трајно вработени. Директорот на РЕК "Битола" предводен од
бившиот пратеник Владо Сугаревски во Комбинатот вработил над 150 луѓе,
главно од списоците што ги составувал ОК на ВМРО-ДПМНЕ и непознат број други,
на кои не им било особено тешко, по веќе добиените препораки да си го
откупат во кеш работното место во РЕК.
ССМ со победничката Коалиција
ССМ јавно кажа дека
платформата на Коалицијата "За Македонија заедно" е најдобра, а до крајот на
месецов се очекува и потпишување на спогодбата меѓу нив. Синдикатот ќе бара
донесување закон за загубарите, измени на Законот за работни односи, на
Законот за пензиско и инвалидско осигурување, реформи во здравството, како и
утврдување на најниските плати и потпишување на колективен договор онаму
каде што тоа се уште го нема.
Коалицијата што ќе ја формира новата влада треба да знае дека треба нас
да не смета како социјален партнер. Нема да толерираме ништо надвор
од потпишаната спогодба, рече лидерот на ССМ, Ванчо Муратовски.
Стипендии за децата на воените инвалиди
Министерството за образование
и наука обезбеди пари за исплата на стипендии за редовно школување во
државните средни училишта и за студирање на високообразовните институции,
како и бесплатни учебници за основно и за средно образование за децата на
загинатите бранители и на децата на воените инвалиди од прва до седма група
воен инвалидитет. Предметите ќе се решаваат по индивидуално доставени барања,
поткрепени со уредна документација, кои треба да се достават до
Министерството за образование и наука. Досега доставените барања се решени,
велат од Министерството за образование и наука.
Нападнати новинари
Екипа на локалната телевизија "ТВ М" од Охрид во близина на Косел била
нападната од некои лица за време кога ја вршеле својата професионална работа.
Новинарката Јасмина Ивановска и снимателот Сашо Цингуловски се обиделе да
снимаат расправија меѓу две партиски групи пред избирачкото место 1.338.
Снимателот добил силен удар во главата, а камерата му била одземена. Нападот
го регистрира и Здружението на новинарите во Охрид и полицијата.
Градови - лидери во загаденоста
Еколошки најзагрозени подрачја во Македонија во 2001 година биле Скопје,
Битола, Тетово и Велес. Во "Националниот извештај за човековиот развој" во
2001 година, изработен од тим македонски научници со финансиска подршка на
УНДП, се вели дека во овие урбани средини постои критична загрозеност на
животната средина. Скопјани имаат проблеми со смогот, што предизвикува
сериозни белодробни заболувања, Велес е високо ризичен центар поради
присуството на општите загадувачи, Битола се загадува од РЕК "Битола" со
користењето на јагленот, додека во Тетово аерозагадувач е "Југохром".
Бензинот со повисока цена
Од 17 септември на полноќ, нафтените деривати поскапеа за 1,50 денари за
литар, односно за околу 5,23 отсто. Во согласност со Одлуката на Владата,
еден литар обичен бензин со поскапувањето чини 53,4 денари, суперот се
продава за 54,5 денари за литар, а безоловниот чини 51,5 денари. Цената на
литар Д1 гориво изнесува 38,5 денари, а на Д2 - 37,50. Екстра лесното масло
во малопродажбата се продава за 28 денари за литар, а килограм мазут
изнесува 14,275 денари.
|