Грција глувонема за изборите
Парламентарните избори во Македонија во соседна Грција предизвикаа мало
внимание без официјални оценки и без вообичаените протоколарни честитки.
Портпаролот на грчката Влада, Христос Протопапас, воопшто не дал коментар за
победата на Коалицијата "За Македонија заедно" и притоа истакнал дека
грчката Влада не ги коментира резултатите остварени на избори во други земји.
Бугарија ги одобри демократските избори
Во соопштението на Бугарското МНР во врска со неделните парламентарни
избори во Македонија, се вели дека демократски одржаните избори во
Македонија ја покажаа подготвеноста на политичките сили во државата да
работат за изградбата на единствена и просперитетна Македонија. Понатаму во
соопштението се нагласува дека Бугарија ќе продолжи да ги зајакнува
добрососедските односи со Македонија и ќе се залага за реализирање на
заедничките статегиски цели.
Честитки од Албанија
Портпаролот на албанскиот премиер Фатос Нано истакна дека изборите во
Македонија јасно покажуваат дека на Балканот се консолидираат демократските
институции. Тој го истакна и ставот на Нано кој вели дека демократската
клима која се прикажа за време на изборите е израз на регионалната
безбедност и демократската еманципација, како и чекор напред кон процесот на
консолидација на македонската држава. Воедно албанскиот Премиер и Владата им
честитаат на победниците во оваа изборна трка како и на албанските политички
фактори.
Турско задоволство од мирната атмосфера
Турското Министерство за надворешни работи во соопштението истакна дека
Турција изразува задоволство од мирната атмосфера во која беа спроведени
парламентарните избори во Македонија. Во пораката се потенцира дека Турција
се залага и настојува да придонесе за стабилноста, просперитетот и
теротеријалниот интегритет на Македонија и изразува надеж дека овие
парламентарни избори се основа за нови позитивни чекори во процесот на
стабилизација и имплементација на охридскиот Рамковен договор. Турците се
задоволни и поради фактот што првпат турското малцинство ќе има свои
претставници во новиот македонски Парламент.
ОМО "Илинден" нападнат во Бугарија
Претставници на ОМО "Илинден"
во Благоевград биле нападнати од членови на софиската ВМРО кога сакале да
положат венец пред споменикот на Гоце Делчев по повод македонската
Бартоломејска ноќ. Истовремено им се нафрлиле со погрдни зборови нарекувајќи
ги "родоотпадници", "предавници", "српски шпиони"...
Претставниците на организацијата на Македонците сепак успеале да положат
венец на споменикот на Гоце Делчев, но не од предната страна, туку од
задната, бидејќи луѓето што ги нападнале веќе поставиле три бугарски знамиња.
Привремената спогодба за името?
Првата директна последица од истекувањето на задолжителниот рок на
Привремената спогодба е дека од 13 септември која и да е од двете
земји-потписнички (Грција или Македонија), може да ја повлче и отфрли. Она
што е поважно и што произлегува од оваа ситуација е фактот дека на
Македонија сега и се отвораат сите опции, па и вратите на Меѓународниот суд
на правда, нешто што формално не беше ускратено ни досега, но реално беше
неизводливо поради клаузулата која ги обврзува двете земји, правдата да ја
бараат во Советот за безбедност на ОН.
Судејќи според реакциите на Македонија и Грција изминативе денови
формално и од двете земји нема расположение да се прекине Спогодбата, зашто
таа влијаеше на подобрување на односите и ги смири националистичките страсти
околу името Македонија. Меѓутоа, грчката најава дека не се откажуваат од
спогодбата и ќе ја применуваат уште една година, не е ништо друго, туку
политички притисок кој постојано ќе се повторува.
Инвестиции во балканскиот регион
Претседателот на Европската банка за обнова и развој, Жан Лемиер, на
Светскиот економски форум истакна дека се планира во балканскиот регион
годинава да инвестира 1,1 милијарда евра што е за 900 милиони евра повеќе
отколку минатата година. Ова зголемување се должи на реформите кои
овозможија зголемување на можностите за инвестирање во земјите како што се
Романија, Бугарија и Југославија. Постојат и знаци на надеж во земјите од
поранешна СФРЈ и предизвик за регионот особено за Балканот е да се направи
одржлив процес дури и ако донациите значително се намалат.
Бугарска археолошка незаконска дејност
Според податоците на бугарската полиција, 200-300 илјади лица во земјата
се занимаваат со незаконска археолошка дејност и нелегална трговија со
културно-историски вредности. Лицата коишто се занимаваат со оваа нелегална
дејност се поделени во 3 групи. Првата е "пронаоѓачите" кои пронаоѓаат
антиквитети низ цела земја, втората е "средните дилери" кои ги купуваат
старите предмети од пронаоѓачите, и третата група "големите дилери" кои ги
купуваат највредните антиквитети и организираат канали за шверц на
предметите.
|