| |
Изложби
Политички прогонувани
Скопје, 13 септември.
Во просториите на Државниот архив на Република Македонија, беше отворена
изложба под наслов "Прогонувани, затворани и осудувани за самостојна
Македонија". Изложбата се состои од околу 300 фотографии и документи од
политичките досијеа на лицата прогонувани, осудувани и затворани за
самостојна и независна Македонија. Изложбата е организирана од Здружението
на граѓани и политички прогонувани, а ја отвори Паскал Гилевски.
Кружни сеќавања
Скопје, 13 септември.
Во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје беше отворена
изложбата "Кружни сеќавања" на Дијана Томиќ - Радевска. Изложбата
претставува видео-инсталација составена од две видео-проекции од кои едната
е директно врз ѕид, а другата врз маска-отпечаток од лицето на авторката.
Урдин во "Гај Питерс"
Монте Карло, 15 септември.
Ликовниот уметник Киро Урдин, кој живее во Белгија, одржа самостојна
изложба во реномираната светска галерија "Гај Питерс" во Монте Карло, каде
се поканети околу 20.000 еминентни гости од Европа и светот. Изложбата која
ќе биде отворена до 21 октомври за прв пат му се случува на еден Македонец.
Акрилни дела
Варшава, 16 септември.
Делата на седумгодишниот Стефан Плескуњиќ беа претставени пред полската
публика. Изложбата е сочинета од 18 дела од овој млад автор.
Керамичка колонија
Атина, 16 септември.
Ресенската керамичка колонија, како единствена членка од нашава земја на
Меѓународната академија за керамика при УНЕСКО (една од десетте
професионални асоцијации од целиот свет), присуствуваше на годинашнава
Генерална асамблеа во Атина, Република Грција. Ова беше за прв пат
организирана Балканска изложба на современа керамика, окарактеризирана од
самиот организатор, како "врв" на културните случувања на Асамблеата.
Ресенската керамичка колонија ја претставуваше Република Македонија преку
делата на Владимир Аврамчев, Михо Лазаров и Душан Мишевски.
Преобразби 2
Скопје, 17 септември.
Современата македонска скулптура, со сите нејзини фази и менувања на
изразноста, е изложена во Музејот на современата уметност. Проектот има
наслов "Преобразби 2", а автор во реализацијата е Соња Абаџиева. На
изложбата се застапени 30 автори со 50 дела - скулптори, сликари , архитекти,
односно сите оние кои дејствувале во насока на менување на традиционалното
лице на скулптурата.
Град
Солун,
17 септември.
Македонскиот фотограф Боро Рудиќ, во Солун, во галеријата на Гете
институтот, презентира дел од своето творештво, 45 црно-бели фотографии на
тема "Град". Изложбата е пренесена од Турција каде беше поставена во
Инстанбул, Бурса, Кочаели и Кајсери.
Македонија низ вековите
Љубљана, 18 септември.
Во просториите на Културниот центар "Крижанка", Државниот архив на Р.
Македонија ја презентира изложбата "Македонија низ вековите" која содржи
околу 30 паноа и 280 документи и фотографии. На изложбата се претставени
најважните историски личности и настани од историјата на македонскиот јазик.
Книги
Нашиот херој Цоки
Тетово, 12 септември.
Во салата на музичкото училиште во Тетово, во присуство на бројни
посетители и членови на семејството на загинатиот, беше претставена книгата
- монографија "Нашиот херој Цоки" од Гојко Ефтоски. Книгата е посветена на
Цоки Стојановски, припадник на полициските единици, загинат во
минатогодишните настани. Самиот автор за делото вели: "Мојот напор беше
колку е можно поавтентично да го прикажам животниот пат на Цоки".
Две дела
Куманово, 13 септември.
Во салата на киното "Козјак" во Куманово, се одржа промоција на двете
книги од првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Станува
збор за следниве наслови "Македонија е се што имаме" и "Атентат - ден потоа".
Кичевски парохии
Кичево, 13 септември.
Во Домот на културата "Кочо Рацин" во Кичево промовирана е монографијата
"Црквите и манастирите во Кичевското архиерејско намесништво" од новинарот
на Радио Кичево, Светлана Вељаноска. Притоа, архиерејскиот намесник и
старешина на Соборниот храм "Свети Петар и Павле", протојереј-ставрофор
Ѓорѓи Лапоски, меѓу другото рече дека за прв пат е направен приказ на
четирите кичевски парохии со своите цркви и манастири, со што 82-те
светилишта им стануваат уште поблиски на верниците.
Три изданија
Скопје, 19 септември.
Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков" промовираше три изданија.
Станува збор за "Девербативните именки во македонските црковнословенски
ракописи" од д-р Лилјана Макаријоска, "Лексиката на Станиславовиот пролог"
од м-р Катица Трајкова и "Темпоралната карактеристика на финитните глаголски
конструкции во југоисточните македонски говори" од м-р Убавка Гајдова.
Театар
Театарот на крстопатот
Пловдив, Софија, 19 септември.
Со "Парите се отепувачка" и со "Филм" Битолскиот театар гостува на
Фестивалот "Театарот на крстопатот" во Пловдив. Овој театар, исто така,
гостуваше и во "Иван Вазов" во Софија.
Музика
Гаиа
Солун, Грција, 13 септември.
Битолската група "Фолтин", настапи на големиот " world-music"
фестивал "Gaia",
што традиционално се одржува секоја година во овој период. Нивниот концерт
се одржа во престижната сала "Mono
Lazariston", каде
што патем настапувале и Андреа Бочели, Цезариа Евора, Дејвид Брн. Ова е прво
гостување на групата "Фолтин" во Грција, што значи и официјален почеток на
нивната соработка со продуцентската куќа "Трето уво". Инаку, на фестивалот "Gaia"
покрај голем број грчки групи, настапија и неколку групи и ди-џеи од
странство.
Низа 2002
Прилеп, 13 септември.
Во Домот на културата "Марко Цепенков" се одржа првото издание на
Фолк-фестивалот "Низа 2002". На него настапија плејада од познати
фолк-пејачи од македонската естрада.
Средби на млади пијанисти
Белгија, 16 септември.
Младата македонска пијанистка Симона Ѓорчева, ученичка на трета година во
МБУЦ "Илија Николовски - Луј" во Скопје, во класата на м-р проф. Снежана
Анастасова - Чадиковска,
деновиве постигна голем успех на натпреварот по пијано организиран од ЕПТА (Европска
пијано и педагошка асоцијација) на Белгија. Натпреварот беше насловен како "Средби
на млади пијанисти".
Охридска ЦД-разгледница
Во Ширванот во Куќата на
Робеви во Охрид се одржа промоција на Виртуелната ЦД-разгледница "Охрид -
градот на светлината", дело на "Вертикала" од Скопје и "Новена" од Загреб,
Хрватска. Станува збор за исклучителен Проект, вистинска енциклопедија за
културното богатство на градот - бисер на Белото Езеро. Спакуван во формат
на разгледница (вистинска разгледница која може да се испрати како покана за
посета на Охрид), овој ЦД-РОМ содржи над 400 фотографии и звуци, а
карактеристични се панорамите кои нудат поглед од 360 степени и создаваат
илузија на вистинско присуство во спомениците на културата.
|