ФОРУМ

РАМКОВНИОТ ДОГОВОР, ПОЛИТИКАТА И ВИСТИНАТА

Васил Томовски, дипл. инг. технолог и технолошки вишок

Политиката не може да се поврзе со вистината, може само со стратегијата, а никогаш со принципите!

Во услови на неизградена национална стратегија за развој на македонското општество, без оптимален економски, правен и безбедносен систем, на чија основа таа би била поставена - политиката не само што се поврзува, туку и произлегува од некаков сурогат - стратегија, изградена и сместена во образецот cirkulus viciozus или cirkulus indifiniendo (благодарение на хедонизмот на сите политичари, вклучени во процесот на политичката разврска на кризата) како трајна определба.

Со цел да се направи обид политиката, не да се поврзе, туку само да се приближи до вистината, потребно е да се изнајдат корелативни односи (ако ги има) на насоките на одредбите на Рамковниот договор и изменетиот Устав со некои историски парадокси и вистини, и низ историската призма да се видат и споредат релевантните фактори.

За почеток, наведот од Цицеровиот говор од првиот век п.н.е. како постулат:

"Inter arma silent leges" (Пред оружјето молчат законите т.е во војна не важат никакви закони освен законите на воената сила).

До почетокот на деведесеттите години од минатиот век, оваа аксиома на Цицерон секогаш била прифатена и потврдена, никогаш не била дискутабилна. Меѓутоа, во последните десетина години од 20 век и во почетокот на 21 век, на просторите на Југославија, по нејзиното распаѓање, упорно се прават обиди и од сите меѓународни фактори да се докаже, но само за просторот на бившата Југославија, дека Цицерон не бил во право. Начинот на изготвување и содржината на Рамковниот договор, посебно неговата имплементација, условена со амнестијата на "борците за човекови права", покажуваат примена на "законската одредба" relaksatio juris - неприменување на закон.

Макијавелистичкиот постулат "Целта ги оправдува средствата" е во центарот на мозаикот на аргументите на содржината и основата на Рамковниот договор. Затоа Николо Макијавели од 15/16 век "би му се извинил" на Шарл Монтескје од 17/18 век, во името на актерите на охридскиот Договор од 21 век за изоставувањето на "некои" основни принципи од "Духот на законот" (за некои други времиња), но "со изговор" дека, сепак, нешто земале од формата - парламентарната процедура за внесување на амандманите во Уставот.

Понатаму изменетиот македонски Устав од 16.11. 2001 година, продукт на Рамковниот договор, нема многу допирни точки со современите, конструктивни закони (Constitution, Verfassung, Устав) на државите од меѓународната заедница и на соседите, но затоа е најмодерен.

А коинциденцијата со "Првиот слободоумен српски устав" од 1835 г. , кнезот Милош Обреновиќ што би го направила горд и задоволен, иако не среќен поради случувањата во "негова Србија", во последните десетина години од 20 век има само асоцијативна симболика.

Изменетиот Устав е прв македонски Устав, бидејќи за него прв пат гласале албанските пратеници во Парламентот (1991 година ПДП не гласаше), првпат верификуван од Албанците, откако беа внесени главните примеси во него. Тоа е првата асоцијација.

Втората асоцијативна симболика е формулацијата на основната одредница на Уставот што ја дал усно (не можел писмено) лично кнезот Милош Обреновиќ: "И како књаз наѓе за сходно". Парафразирана за "првиот" македонски Устав гласи: " И како ЕУ и НАТО наѓе за сходно". Сепак, оваа одредница е содржана имплицитно и во повеќе членови од Уставот, а ќе ја има и во сите закони што нужно ќе произлезат од него.

И третата асоцијација, сличност или можеби идентичност со првиот слободоумен - српски Устав е дека новиот македонски устав е навистина слободоумен. Разлика има само во потеклото и третманот на слободоумноста. Додека слободоумноста на српскиот Устав потекнала од кнезот, а била оспорена од Русија, Портата и Австрија, слободоумноста од македонскиот Устав е протежирана и промовирана (да не се рече наметната) од меѓународната заедница.

За рашомонијадата што постоеше во Република Македонија и што произлезе, а и доби логистичка поддршка со Рамковниот договор, би се заинтересирал, веројатно и самиот Акира Куросава. Сигурно и тој ќе ги поздрави сите решенија што ќе произлезат и ќе следат понатаму за излез од кризата во насока на мир, стабилност и просперитет не само за Македонија, туку и за целиот регион.

Како сите што веруваме, така и тој, веројатно ќе поверува во гаранциите за тоа што го дадоа и ги даваат сите учесници, преговорачи, олеснувачи, поддржувачи, координатори и правните експерти, дека, охридскиот Договор е единственото решение за излез од кризата. Впрочем, Европа и меѓународната заедница затоа и отстапија од своите граѓанско-демократски принципи, единствено, заради мирот во Македонија?!

Но, Акира не би бил Акира Куросава, пред се, човек и Јапонец, ако не би ги потсетил за чувството на одговорност што треба да го имаат и сигурно би им препорачал на сите, за евентуален неуспех, сами да си пресудат - но според стариот јапонски обичај!

Дубиозите на Хашкиот трибунал за еквивалентност на злосторствата на македонските безбедносни сили и албанските терористи, со прецизирањето на лице место дека е нарушена еквилибристиката со квалификациите "сигурно", за злоделата на македонските безбедносни сили и "наводно" за албанските бунтовници, Карла дел Понте ги разјасни.

Низ таа диоптрија, ретроспекцијата на Нирнбершкиот процес, прв судски процес во историјата на човештвото и меѓународните односи на којшто агресијата беше осудена како злосторство против мирот, како престап против човечноста, а нејзините водачи - виновници, казнети, ќе покаже манливост. Можеби некои од нацистичките водачи би требало да бидат преквалификувани во "борци за човекови права" во окупираните, од нив, држави и територии?!

И на крај што вели народот за Рамковниот договор. Старата изрека "Пред сила нема правдина", го екстраполира мислењето на народот.

Оваа кратка компаративна - ретроспективна анализа на Рамковниот договор ја покажува неговата поврзаност со политиката, вистината и настаните во периодот од последните две години, дава глобална слика на анахронизмот, хипокризијата, апсурдите и парадоксите на македонското севкупно живеење на однапред подготвено сценарио и во режија на политичарите, домашни и "белосветски". За нив договорот, претставува и чекорење кон мирот на овие простори! "Дај боже"!

Ако е така, секојдневните настани и случувања по потпишувањето на договорот, поединечни и рафални истрели и детонации - манифестација на слободно поседување на оружје и негова употреба, треба отворено, што би рекле, транспарентно да му се каже на овој народ дека оружјето не е само потребен (услов за потпишување на договор за мир), туку и доволен услов, за спроведување на мирот!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"