едам на брегот на Охридското
Езеро и размислувам за неговата старост. Најстаро езеро во Европа. Не.
Постаро од него е само Бајкалското. Колку е старо, си викам, а колку е убаво.
Никаде знаци на староста што можат да му дарат грда лика. Зошто го велам ова?
Зашто седнат на брегот на Езерото непрестано си го поставував прашањето:
Колку убавина е потребно за да се наполнат очите?
Многу пати сум се обидел да измерам. За разлика од желудникот (го полнам
со чинија грав, чинија ситно исецкана зелка и две парчиња леб) очите секогаш
ми остануваат гладни. Така вели татко ми: "Не му се плаши од гладниот стомак,
туку од гладните очи" (во моментов зборуваме за глад за убавина). Гледам и
не можам да се нагледам. Дури и кога убавината како во песната на Конески ќе
ме измори, очите ми остануваат празни.
Носен од бранот на постојаната мисла се запирам со погледот врз детенцето
што се тетерави на ноџињата сакајќи да го фати чекорот на мајката. Колку
чекорчиња му требаат на малечкото да го фати чекорот на големата мајка.
Длабнатинките во песокта од кои и Езерото ги повлекува своите води, кажуваат
дека се потребни многу. Мајка ми вели, јас постојано одев по стапките на
татко ми, ама никако не можев да дознаам со колку чекорчиња ќе можам да го
стигнам. Кога сфатив дека туѓото време не се стига па и колку усилби да
вложуваш, престанав да го следам.
Детенцето што се тетеравеше по брегот на Езерото, мислата за мајка ми, ме
вратија во детството. А таму, во детството, јас бев пленет од дедо ми. Кога
ќе застанев покрај него постојано се прашував: Колку години ми требаат да ја
стигнам итрината на дедо Трајко. Можеби дедо и не беше толку итар колку што
другите наседнуваа на неговите обиди да го поедностави животот.
Дедо пцуеше кога инкасаторот според електричното броило ќе му кажеше
колку треба да плати за потрошената електрична енергија. Го пцуеше и машки
го колнеше човекот што му продаваше тутун на кило. "Крадци се тоа!" - викаше
на сет глас. "Треба да се затворат! Го крадат народот! Ниту лице имаат, ниту
образ! Ниту срам, ниту перде!". Се лутеше тој на крадците или на тие што ги
квалификуваше како крадци, ама се лутеше и на тие што на него гледаа како на
човек што сака да ги подкраднува.
Дедо одгледуваше бостан. Дедо продаваше бостан. Ќе се истовареше со
магарето на еден од штипските тротоари (пред слаткарницата "Јаја") и ќе
викнеше: "Ајде лубеници!". Лубениците ги мереше не со тегови на кои се
изрежани мерните единици за тежина - 1 кг. или 2 кг. или 3 кг. или 5 кг.,
туку со камења. За најголемата лубеница го полнеше тасот полн камења.
Купувачите гледаа збунето и му даваа пари колку што дедо ќе побараше. Оние
што ќе се побунеа, ги караше во мајчина им.
Се сметаше себеси за чесен човек и не даваше никој да се посомнева во
неговата чесност. Си заминуваа луѓето од кај сергијата на дедо, а во мрежите
не ги носеа лубениците како земјата, што би рекол Вознесенски, туку својата
глупост. Дедо едноставно им ја мереше глупоста на луѓето. Тие пак за тоа
плаќаа. Некои беа и задоволни, зашто веруваа во добрите намери на дедо.
Каде се не ме однесе мислата, а од место не сум се помрднал. Седам на
брегот на Езерото веќе како жртва на разумот и се прашувам колку време ни е
потребно нам Македонците, на политичката сцена, за да сфатиме дека некој ни
ја мери глупоста. Се туркавме 45 години на една сергија, сега во поледните
10 години се туркаме на друга. Истите продавачи и тогаш и сега. На тасовите
наместо тегови "ниски камења студени" и тогаш и сега.
Ни ги пакуваат политичарите главите во торби, а ние им се насмевнуваме со
беззабите усти при тоа велејќи им: "А бе браќа глупи сме та нема каде" и си
одиме дома со надеж дека сепак Македонците не биле инспирација на
францускиот драматург Франсис Вебер да ја напише комедијата "Вечера за
глупаци" во која на крајот вели: "Колку се глупи! Боже колку се глупи!
Господи колку се глупи!".