| |
Буништето на ДПМНЕ
(Отворено писмо до Љубчо Георгиевски)
Почитуван бивш премиер,
Господине сега веќе бивш премиер, ве гледавме како по изборите некаде на
полноќ кога веќе се беше решено кога го одржавте вашиот последен премиерски
говор некако ни бевте пеплосани и укмосани, заради губењето на изборите. А
дали се запрашавте зошто ги изгубивте изборите и кои се најголемите
виновници за тоа? Ако не знаете, дозволете да ви изнесеме неколку примери.
Како прво, опкружени сте со криминалци и корумпирани личности, како околу
вас, така и во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Додека вие бевте во удобните
кожни фотелји во кабинетот, некои личности правеа пари на ваша сметка. Еве
ќе ви кажеме поопширно и би ве запрашале ЗОШТО ИЗГУБИВТЕ КАТАСТРОФАЛНО ВО
КУМАНОВО? Ако не знаете, ќе ви кажеме: Поради човекот кој изигруваше ПАША во
КУМАНОВО, а тоа е твојот љубимец ДРАГАН ДАРАВЕЛСКИ за кого и членството на
ВМРО-ДПМНЕ од Куманово беше и најголем противник на неговиот апсолутистички
ПАШАЛУК, а на кој вие не реагиравте на тоа по нашите укажувања да се
отстрани од партијата и од раководството на партијата. Затоа и ние гласавме
на овие избори против вас, зашто вие бевте против нас. Ќе ви кажеме зошто
Кумановци гласаа против. Затоа што вашиот незаменлив кадар од Куманово,
ПАШАТА ЧЕДОМИР КРАЛЕВСКИ, го предложи Законот за притискање на копчето, за
што би се наплаќало по сто денари и за предложени амандмани, исто така, се
добиваа пари. Заради овој Закон реагираше целиот народ од Македонија, само
вие не можевте да го слушнете гласот на народот, зашто горе во удобните
кабинети не се слуша, а богами и гласот на нас обичните членови не го
слушавте. Зошто изгубивте во Куманово катастрофално? Затоа што локалниот
силеџија Аце Русевски собираше со сила пари од сите кумановски дуќанџии,
односно собираше рекет. Куманово не гласаше заради вашиот главоња силеџија,
односно телохранител (РАМЧЕ) Влатко, кој беше и рекетар и земаше пари за
себе, демек ќе правеле паравојска.
Да ви кажеме и зошто секаде низ Македонија катастрофално изгубивте! Ќе
почнеме со ред. Кандидатот на листата на ВМРО-ДПМНЕ, Васил Гаџоски, на еден
повратник од Германија кој долго време е еден од најквалитетните македонски
ТЕНИСКИ тренери во Германија и кој сакаше да земе едно Основно училиште во
Општината Карпош и да изгради неколку игралишта и сите дополнителни објекти
со игралиштата, да го земе користењето на Основното училиште на 15 години
концесија, дотичниот господин Васил Гаџоски, кој во овој пратенички мандат
беше цар за општината Карпош и за кој без негова согласност не можеше да
пројде никаков проект за инвестирање. Овој корумпиран пратеник на човекот му
побара 150.000 ДМ за да му средел за проектот. Човекот што сакаше да
инвестира во Македонија и човекот кој ќе вработеше и ќе обезбедеше
егзистенција за дел од македонскиот народ си замина од Македонија.
А за директорот на стоматолошката клиника, господинот Ванковски, кој беше
вистински диктатор немаме зборови. Што се однесува до набавките за забни
материјали најдобар партнер во делењето на парите од заработките не бил
никој друг, туку неговиот шеф ВОЈО МИХАЈЛОВСКИ. Загубивте катастофално затоа
што во Штабот на ВМРО-ДПМНЕ имате едно корумпирано дете кое изигрува ПРЕМИЕР,
а на кого сте му довериле да става потпис за вработување, а тој господин
знаете ли само колку пари земаше за едно вработување во зависност од местото
на вработување. Пример, за во ТЕЛЕКОМ износот беше 5.000 ДМ. Ова корумпирано
дете-политичар со име АЦЕ НАУМОВСКИ знаете ли колку луѓе има вработено со
пари, а за неговата ароганција и забрана за влегување во Штабот за некои
личности, создаде омраза кон партијата на која и ние припаѓавме. Овој
господин немаше пари да си купи еден пар чорапи. Денес, господине БИВШ
премиер, проверете што се има овој господин, па дури и личен шофер си имал
човекот. Ова корумпирано и неизживеано дете во јавноста се претставуваше
како заменик-директор на "Електростопанство" и дека тој бил Господ и дека
можел да прави што сака.
Зашто изгубивте катастрофално? Ќе го продолжиме списокот. Еден господин
со име ВОЈО МИХАЈЛОВСКИ, моќникот, кој го држеше под заштита господинот АЦЕ
НАУМОВСКИ, и неговиот личен шофер МАРЈАН, сиромашните граѓаните на
Македонија се прашуваа од каде овие луѓе имаат толку пари, односно се
милионери и купуваат банки. Знаете ли со колкава омраза граѓаните на
Македонија гласаа против вас!? Па, и ние членови на ВМРО-ДПМНЕ намерно
гласавме против вас. А што да кажеме за господин Ламбе Арнаудов кој не знае
две реченици да состави, а не да биде директор на "Електростопанство" на
Македонија.
Една од причината за губење на изборите е и Законот за пратеници на
либералот Слободан Даневски кој ги иритираше граѓаните. Најголемиот револт
кај народот беше пречекот на косовскиот терорист Хашим Тачи, како да е некој
цар и тоа со црвен тепих. Знаете ли зошто изгубивте на овие избори
катастрофално и во Крушево? Зашто таму има ваши членови и тоа претседатели
на ОК Крушево и кои им се закануваа на сите луѓе во Крушево дека ќе ги
бркале од работа. Меѓу нив најозлогласен беше Петко Кузмановски кој заедно
со вашиот заменик-министер за земјоделство Јован Дамчески се најомразените
луѓе во Крушево. Овој вториов, особено Јован Дамчески кој е камелеон, смени
неколку партии и прави зделки со тутунот и кој во Крушево има ПАШАЛУК. Во
исто време кога беше во Демократската алтернатива за фабриката ИЛИНДЕНКА беа
дадени 110.000 американски долари за рестартирање на фабриката, а каде се
парите никој не знае освен овие двајца паразити. А за претпријатието МАШИНО
ПРОМЕТ во Скопје, во кое беа вработени околу 40-тина луѓе?! И зошто
моќниците од ВМРО-ДПМНЕ го штитеа криминалецот, директорот ПАЈМАКОСКИ и
зошто силеџиите од КОМЕТА влегоа и ги избркаа сите вработени од внатре.
Затоа народот гласаше против вас! А за криминалците од КОМЕТА е посебна
приказна за кој новата власт се надеваме дека ќе ги забрани овие
обезбедувачки агенции и со тоа на босот на Комета, Зоран Јовановски, кој
порано беше бурекџија во "Жито Лукс". Конечно ќе му се стави крајот на
КОМЕТА и на таквите како него.
Што да ви кажеме за вашиот паразит кој се наоѓа во вашиот кабинет, ако не
знаете ќе ви кажеме, тоа е господинот Валентин Митровиќ, сигурно не знаете
дека неговата сопруга е директор на Катастарот, а за куќата односно палатата
што си ја прави сигурно ќе прими "избеглици" од тетовските села, а за
закажување средби за тоа ангажирал и секретарка, а беше недостапен за
луѓето. Сето ова го гледа народот!
А што да кажеме за господинот Сашко Станинов кој има членска карта од
10.10.1998 година и кој е еден од најомразените личности од вашата партија
заради рекет на фирмите и поради тоа што гради во центарот спроти Лотарија
на Македонија, во Скопје. Што да кажеме за една госпоѓица по име ЈАСНА, која
дојде од провинција во Скопје и ја вработивте во заеднички служби. Која
имаше љубовна афера со директорот Никола Илиев и вработените ги фатија на
дело, што да прават луѓето кога се сакале многу, а немале каде. Инаку,
секретарката ЈАСНА била ДИКТАТОР и ги малтретирала вработените, а тие имале
огромна омраза кон партијата ВМРО-ДПМНЕ заради ова неизживеано девојче.
А што да ви кажеме за другите пратеници кои станаа милионери преку ноќ.
За тоа што изгубивте на изборите секако се најзаслужни личностите кои вие ги
поставивте, а тие ги злоупотребуваа како што е Моќникот, Директорот, Владо
Јаневски. Прашајте го со кои пари го купи луксузното возило
PEUGEOT, кое беше трн во
окото на сите вработени во Државната КЛИНИКА. Нема што да се каже за
кандидатот Александар Флороски кој е веќе непожелна личност во населбата
Чаир, каде е локален Моќник со неговиот пашалук. Заедно со неговиот компањон
Аце Миленковски, се истрошени луѓе во вашата служба и навистина треба да
најдете нивна замена за понатамошните активности. А што се однесува до
сопругата која е директор во училиштето, таа е вистински тиранин кон своите
колешки. Има многу избркани од работа, а сето тоа се збира во омразата од
луѓето!
А што да кажеме за министерот Новковски кој штитеше без потреба една
директорка од Неготино и кој беше актуелен неколку дена на телевизија поради
неговиот инает. А каде е програмата ПЕКСНАС која го собра гневот на
родителите, еве го резултатот. Што да се каже за Ѓулистана Марковска која
ете како пратеник си дојде до два дуќани во ГТЦ во Скопје, за кои луѓето се
прашуваат, а одговор не добиваат. За нивните куќи што ги имаат и што се трн
во очите на обичните, како се злоупотребува пратеничката функција, господине
БИВШ премиер, сето ова и покрај вашите настојувања за правење добри
дела,пуштање и отворање на објекти, за жал ваквите личности вас ве
деградираа и причината за губењето на изборите се наоѓаа во ваквите
личности!!! Тие кај народот предизвикаа омраза и револт, на што сведоци сте
со резултатите на гласањето. Ова ви го пишуваме затоа што вие бевте
недостапни и имавте некомпетентни луѓе околу вас, а овој начин е
наједноставен за да го прочитате тоа што не сакавте да го чуете!
Господине бивш премиер, каде ви се најлојалните, најстари членови од
основањето? Се запрашавте ли еднаш што прават тие, или поважни ви беа
новопримените полтрони кои крадеа немилосрдно и го уриваа угледот на
партијата. А еден од таквите ви беше и министерот за одбрана Пауновски кој
ви го урна угледот. Тој е еден од најважните за губењето на овие избори.
Редно е да го исчистите дворот и целото ѓубре да го исфрлите на буниште.
Го изгубивте и најстарото членство во партијата! Каде ви се величенствените
идеи? Затоа земете си добри советници, а не деца! ЗОШТО го потпишавте
срамниот ОХРИДСКИ ДОГОВОР!? Војводо, каде ти се комитите, ќе те напуштат
еден по еден заради таквите паразити околу тебе. Народот дава, ама народот и
зема мандати, тоа е казната што треба да ја знаеш, за да знаеш кого одбираш
околу себе. Кога сте испратиле некој од големите босови меѓу општинските и
месните комитети да го чујат мислењето на членството? Затоа овој пораз ќе ве
опамети за да не заборавате на членството и неговите сугерирања. Токму затоа
се надеваме дека лекцијава од изборите добро ти дојде, бивш ПРЕМИЕРУ!
Бивши членови на ВМРО-ДПМНЕ
До Коалицијата "За Македонија заедно" - Скопје
Господи, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце
(Псалм 124,4)
Возљубени чеда во Господа,
Му благодариме на Бога и се радуваме што четвртите парламентарни избори
во Македонија поминаа во извонредно мирна и демократска атмосфера, а
резултатите како прелиминарни и неофицијални покажуваат дека вашата
Коалиција "За Македонија заедно" убедливо го доби парламентарното
мнозинство.
Примете ги нашите искрени и срдечни честитки од името на Поглаварот на
Македонската правослвна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, кој е
службено отсутен, од членовите на Светиот архиерејски синод,
свештенослужителите и верните чеда на Македонската православна црква, со
молитвени богослужби за успешно раководење на Република Македонија во
наредните четири години и развивање и продлабочување на добрите односи меѓу
државата и Македонската православна црква, за доброто на нашиот народ.
Бог нека не чува и нека ни даде мир и благосостојба.
Со божји благослов.
За Архиепископ Охридски и Македонски,
Митрополит европски, г. Горазд
Честитки од Пирин
(До Бранко Црвенковски од Коалицијата "За Македонија заедно" и до
македонските избирачи)
Почитувани господа,
Ние Македонците од Пиринскиот дел на Македонија нестрпливо го очекувавме
изборниот ден и изборната победа на најдобрите и национално најодговорните
фактори во Република Македонија.
Вашата победа и е наша победа. Вашите надежи за иднината на Македонија се
и наши надежи.
Ние Македонците обединети во партиите ОМО "Илинден - ПИРИН" и ОМО
"Пирин", ги поздравуваме денес сите Македонци во државата независно од тоа
за која политичка партија гласале и се надеваме дека изборната победа на
Коалицијата е и победа за сите Македонци, па и за нас Македонците коишто
живееме надвор од Република Македонија.
За ОМО "Илинден - ПИРИН" инж. Иван Сингартијски
За ОМО "Пирин" инж. Ботјо Вангелов
До кога со лаги?
Во последниот број од мојот весник "Македонско сонце", на страницата пет
забележав вест за арнаутското лондонско подземје. Квалификациите за нивната
дејност што "Тајмс" ги посочи се општопознати не само за нашата јавност,
туку и за сиот свет. Значи, ова е повод за најавување на истиот тој весник
за ново ангажирање на странски трупи во нашата земја. Зошто господа? Зар
вашето дванаесетгодишно присуство не зборува дека токму вие сте тие што сте
генератори на такви последици?! Зошто се уште ги затворате очите и не сакате
да се соочите со фактот дека македонската полиција и војска се барем десет
пати поспособни за да се справи со таа пакост? За ваша среќа, начекавате
изродници на власт кои за дебели пари и стравот што в коски им влегол можете
и понатаму да живеете и изживувате. Но, на секоја лага има крај. Посебно тоа
важи за македонскиот народ кој од ден на ден се повеќе ви ја зема мерката. А
потоа, изродниците ќе влезат во вашите тевтери како отпадници кои не си ја
завршиле нивната задача.
Борис Танасков, Скопје
|