ИСТОРИЈА

Војводата Александар Турунџев - 97 години од убиството

МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ СЛОБОДНА!

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Злокобната приказна започнува кон крајот на 1904 година кога во селото Ајтос доаѓа војводата со својата чета. Предавството, почнато многу порано, уште истата ноќ ќе ја однесе новата жртва. Овојпат, ценејќи ја големата храброст на Турунџев, сето тоа ќе биде организирано многу прецизно и педантно. Војводата преноќува кај својот "верен" пријател . "Пријателот" и соопштува на власта дека војводата е во длабок сон, ја отвора вратата, а десетина војници се нафрлаат врз заспаниот комита, го врзуваат и го спроведуваат во битолскиот затвор.
  • Непокорливоста на Турунџев ги нервираше воените судии, кои имаа добиено повелба од Цариград да го осудат на смрт, без оглед на тоа дали е докажана некаква негова вина што заслужува смртна казна. Затоа го осудија на срамна смрт, со јавно бесење во некој дел од Битола. Судот го избра Ат-пазар по две причини: Прво, за да ги навреди Македонците со бесењето на војводата на сточен пазар и второ, да ги исплаши битолските револуционери.

Кажи Алексо - праша претседателот на судот, зошто не се предаде во времето кога султанот даде амнестија?

Зашто сакам да го убијам султанот и да ги заменам фесовите на Турците со шапки - одговори Алексо.

Ами, само тоа ли ти е желбата? - праша повторно претседателот.

Да, само тоа - одговара Алексо.

Сериозно ли зборувате и ги поддржувате ли тие свои желби, Алексо? - праша уште еднаш претседателот на судот.

Да, ги поддржувам и ќе ја исполнам својата желба, само ако имам можност да излезам на слобода, и ако ми се укаже случај да се доближам до Султанот - одговори потврдно Алексо...

ПАТОТ КОН БЕСИЛКАТА

Пресудата падна уште додека Турунџев беше на судската клупа. По една година затвор, на 29 август односно 11 септември 1905 година, храбриот војвода ќе се најде на бесилката на битолскиот Ат-пазар.

Градот со внимание ќе ја следи судбината на фатениот војвода. Во исто време, во затворот е уште еден војвода, Леко Џорлев од село Баница, Леринско. Интересно е што пресудата е различна, за едниот бесилка, а за другиот доживотен затвор. Оваа поделба, односно, различните аршини ја вознемируваат јавноста во градот, која во исто време помислува за ослободување на својот омилен војвода. Меѓутоа, отежнувачка околност беше пречекорувањето на царската амнестија за сите оние кои учествувале во Илинденското востание, а до определен период не престанале со својата дејност. За тоа следуваше смртна казна, а за Александар Турунџев беше патот кон бесилката.

Всушност, овој период е пресуден и кобен по судбината на многу истакнати македонски револуционери поради предавствата од врховистите непосредно пред Рилскиот конгрес. Нивната цел е да бидат ликвидирани сите оние кои можат да ја попречат бугарската пропаганда во Македонија, особено приматот на приврзаниците на Сарафов на Конгресот. Меѓу најкрвавите ќе биде и предавството на неповторливиот војвода Александар Турунџев, кој е меѓу ретките фатен жив од непријателот.

Злокобната приказна започнува кон крајот на 1904 година, кога во селото Ајтос доаѓа војводата со својата чета. Предавството, почнато многу порано, уште истата ноќ ќе ја однесе новата жртва. Овој пат, ценејќи ја големата храброст на Турунџев, сето тоа ќе биде организирано многу прецизно и педантно. Војводата преноќува сам кај својот "верен" пријател. "Пријателот" и соопштува на власта се во детаљи, па и тоа дека војводата е во длабок сон и потоа доаѓа група војници. Споменатиот "пријател" ја отвора тивко вратата, а десетина војници се нафрлаат врз заспаниот комита, го врзуваат и го спроведуваат во прочуениот битолски затвор.

А неговата чета не случајно е оставена во другите куќи. Помошникот на Турунџев, Кокончето, ја извлекува четата кон костурскиот реон, каде што се среќава со четата на Поп Трајков и успева да го наговори неговите другари да го напуштат злогласниот војвода Коте и да се присоединат кон четата на Кокончето.

Комитите од четата на Александар Турунџев, отпрвин, кога дознале за заробувањето на војводата се обиделе да се организираат и да преземат контранапад, но очигледно многу децидно ја почитувале неговата наредба, која според кажувањето на заменикот, Кокончето, гласи: "Војводата ни кажа дека тој оди при својот сакан пријател и дека ние четниците не треба да се беспокоиме за него. Во случај на изненадување, ние ќе го употребиме своето оружје само ако го чуеме грмежот на неговата пушка. Такво нешто немаше. Војниците го фатија војводата. Кој го предал, како се доверил тој, кој го скроил тој оригинален план за неговото фаќање, за мене е темно. Очигледно фаќањето е организирано дело...".

Епилогот на приказната е познат. На 29 август, односно 11 септември 1905 година, по една година затвор, храбриот војвода ќе на, опеаната во народна песна, бесилка на битолскиот Ат-пазар. Од овој морбиден и трагичен настан е сочувана една фотографија која најдобро говори за беспримерната храброст, за држењето и однесувањето на истакнатиот борец, војвода Турунџев, кој пред да биде обесен ќе изјави: "Македонија ќе биде слободна!"

Но, масовните колежи и погребалниот процес што го организира врховизмот, под диктатура на великобугарската пропаганда не застанува тука. Тој продолжува најмасовно во текот на подготовките на Рилскиот, општ конгрес на македонското револуционерно движење и ги собира првите резултати од својата "жетва".

Сепак, на рилскиот конгрес ќе бидат разоткриени сите предавници на револуционерното дело. Конгресот на кој присуствуваат и Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев и другите истакнати дејци ја разгледуваат и критички ја оценуваат состојбата по Илинденското востание. Особено критичен е ставот за предвремено востание, како и за злосторничката дејност на врховистите. Тие се непожелни за територијата на која живее и работи Македонската револуционерна организација.

ГОЛЕМ МАКЕДОНСКИ СИН

Кога се зборува за легендарниот лик на Александар Турунџев, мора да се спомене една голема контрадикторност. Иако македонскиот народ го опеал во народната песна и во легендите, сепак во историографијата не постојат многу детални информации за неговиот живот и долгогодишно војводство.

Роден е во 1871 година во село Горно Врбени, Леринско. Во почетокот на своето револуционерно делување активен е во ајдутска чета, а подоцна станал член и на Револуционерната организација.

Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско. Станува популарен заради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Освен тоа беше силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед. Насекаде беше мил гостин, зашто со другарите ги истреби најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние кои посакуваа не се осмелуваа да станат нови угнетувачи и мачители на македонскиот народ, заради големиот страв од Александар Турунџев.

По одлуката за кревање востание на Солунскиот и нејзиното потврдување на Смилевскиот конгрес, на Турунџев му беше доверена обврската да го доорганизира сопственото село и да го подготви за востанието. Кога заврши со воената обука на своите соселани од најразлични возрасти, но главно на возраст од 20-25 години нагоре, Турунџев со сите нив, околу 230 лица опфатени со обуката, организира на неколкупати талим (маневра) со тоа што во импровизираните судири меѓу "востаниците" и "аскерот" учествуваше по една половина од вкупниот број. За време на Илинденското востание во Леринско беше запазена директивата на Смилевскиот конгрес за партизански (герилски) начин на војување, при што дејствуваа четите, а селаните останаа во своите села. Вкупно беа мобилизирани 500 борци, при што само родното село на Турунџев даде околу 100 храбри востаници.

Османските војскводачи изработија детален план за контраофанзива против македонските револуционерни, востанични единици. А за да го спречат повторното засилување на востаничкото движење во Леринско, вилаетските власти во Битола донесоа одлука за сместување нова единица во родното село на Турунџев, која пристигна со својот командир на 14 ноември 1903 година. Неговото присуство не ги исплаши членовите на ТМОРО во легендарното Екши-Су (Горно Врбени), ниту пак ја запре организационата дејност на легендарниот син на селото Александар Турунџев, кој почна со обнова на револуционерната мрежа во својот реон, станувајќи се популарен, особено по ревизионата посета на реонот од страна на Дамјан Груев, врховниот командант за време на Илинденската револуција и неговата верна сенка, бескомпромисниот револуционер - Героги Сугарев. Тој не се потчини на амнестијата на Султанот и затоа беше предаден од еден подлец, изрод и платен шпион кој ја злоупотреби неговата доверба.


Бесењето на војводата Александар Турунџев

Црно му било пишано

на Александар Турунџев;

шеснаесет години војвода

на седумнаесет го фатија.

Го кладоа во долапи,

во тешки пранги железни.

Бог да го бие пашата,

тој валијата битолски,

тој на Александра говори:

"Кажи бре, кажи Александро

што си досега направил?"

му одговори Александар:

Дејгиди пашо битолски,

нели ме праша, распраша,

се право ќе ти раскажам:

к'шлите сум ги изгорел,

железници бомбардирал,

Турците сум ги истепал,

анките сум ги одбулил".

Тогаш се паша налути

и луто ми го излага:

"ја излези бре Александро,

надвор е твојата невеста

со машко дете на раце!"

Се израдува Александро

и излезе од долапите

тогаш му раце врзаа,

на бесилка го однесоа,

на бесилка - на Ат- пазар

Дојде поп да го опева

и дробни солзи пророни.

Александро му прозбори:

"Не плачи, дедо, не жалај!

Ако ме мене обесат,

нека се живи браќа ми,

поарни ќе се од мене,

поарни храбри војводи!".


Бидејќи претставуваше вистинско страшило за османлиските власти, тие одлучија да не излезе жив од темницата. Го мачеа, му ставаа клечки под ноктите, го гореа со железо за да посочи некого од соработниците во градот. Неговиот одговор беше еден: "Битола ја познавам, во Битола никого не познавам".

Турунџев ги издржуваше сите тортури стоички, без да бара милост и со стисната уста. При најголемите болки паѓаше во бесознание, се обиде и да се фрли од битолскиот затвор, но не успеа да се самоубие. По настанот го чуваат уште повнимателно, држејќи го во окови на рацете и нозете. Откако се уверија дека не ќе можат да ја скршат неговата челична волја, затворските власти го оставија да лежи, а вилаетските власти, главно Воениот суд, подготвуваа процес против него - велепредавнички процес.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"