ИСТОРИЈА

Петте страшни години - Егејска Македонија (21)

БИТКИТЕ НА ДАГ ПРОТИВ ВЛАДИНИТЕ СИЛИ

Пишува: д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ

  • Оценките на Четвртиот пленум дека крајот на атинскиот режим е најблиску отсекогаш, доколку секој грчки патриот се одзва на повикот на Партијата "Сите на оружје, се за победата", не беа реални.
  • Во врска со операциите во Воден, Соботско, Негуш ПБ на ЦК на КПГ одржа седница на која констатира дека неуспехот на операциите во Воден и Соботско се должат на грешки на командите на ДАГ.

Големата битка на Грамос беше многу крвава и тоа се должи на времетраењето на судирите и посебно на нивната острина, а причината за тоа се должи на значењето на целите на двете завојувани страни. Владините сили имаа за цел дефинитивно ликвидирање на ДАГ, а ДАГ имаше за цел да ги сочува своите позиции на Грамос и во продолжение да ја прошири својата контрола врз друго подрачје во земјата.

Владините сили не успеале да ја постигнат главната стратешка цел, уништување на ДАГ. Битката на Грамос претставуваше еден успех за ДАГ - кој се состои со покажаниот хероизам и пожртвуваност на борците. Но, успех кој многу ја чинеше, огромни жртви, жртви што не одговараа на резултатите. Битката на Грамос не само што не отвори цврсти перспективи за соборување на режимот и заземање на власта, туку ја намали таа перспектива и покажа дека ДАГ не е во можност да ги реализира стратешките задачи што ги поставуваше раководството на КПГ. Повлекувањето кон Вичо беше одбранбена акција што за главна цел имаше бегање, за да го пресече контактот со непријателот, во едно подрачје кое се наоѓаше под контрола на ДАГ.

Загубите на двете завојувани страни на Грамос се огромни. Но, податоците што се даваат од разни автори се противречни и затоа треба да се примаат со резерва. Така, на пример, генерал Цакалотос смета дека загубите на владините сили изнесуваа 14.000 загинати и ранети, а според генерал Д. Зафиропулос 109 офицери мртви, ранети 287, исчезнати 9, загинати војници 1.123, ранети 5.285, исчезнати 332 или вкупно 6.740, додека загубите на ДАГ изнесуваат: мртви 3.128, заробени 590, предадени 1.600, ранети 4.500. Според органот на ГШ на ДАГ "Димократикос стратос", вкупниот број на загубите на владините сили вкупно се 5.125 мртви, 16.000 ранети, 439 заробени, 1298 дезертери.

ЗАГУБИТЕ НА ДАГ

ДАГ покрај загубите (загинати, ранети, заробени) ја изгуби најголемата и од големо стратегиско значење територија која одигра и играше значајна улога за развитокот на вооруженото движење.

Во големата битка на Грамос Македонците од Костурско и Леринско масовно беа вклучени. Во слободната територија на Леринско - Преспа беа организирани екипи за подготовка на леб и други прехранбени продукти за борците на ДАГ во Грамос, екипи од жени за пренос на ранети, 500 глави товарен добиток през целиот период на битката пренесуваа во Грамос оружје, муниција и друг воен материјал што пристигнуваше од Југославија. Целата слободна територија на Вичо беше претворена во работилница за потребите на борците на ДАГ на Грамос.

Четвртиот пленум на ЦК на КПГ што се одржа на 28 - 29 јули 1948 година, за придонесот на Македонците во битката на ДАГ на Грамос се вели:

"...8. Пленумот го подвлекува вонредниот прилог што го дава словеномакедонскиот народ за општото дело на слободата. Учеството на словеномакедонскиот народ е сеопшто и тотално. Со оваа своја борба словеномакедонскиот народ цврсто ја гради својата слобода, својот рамноправен живот, со крвта на своите синови и ќерки ја закрепнува и обезбедува својата народно-демократска иднина".

Оценките на Четвртиот пленум, дека крајот на атинскиот режим е најблиску од секогаш, доколку секој грчки патриот се одзвие на повикот на Партијата "Сите на оружје, се за победата" не беа реални. Соодносот на силите, како што беа оформени во конкретната фаза ја оправдува оваа наша констатација.

Поразот на ДАГ на Грамос во голема мера ја запечати судбината, односно исходот на вооружената борба што ја организира КПГ.

Еден таков развој на настаните неминовно беше да се наметне прашањето на одговорноста на раководството. Лидерот на КПГ Никос Захаријадис целата вина за негативниот исход на битката на Грамос му ја префрли на командантот на ГШ на ДАГ, Макос Вафијадис, обвинувајќи го за пројавена малодушност, збунетост и сл. На седницата на ПБ на ЦК на КПГ одржана на 26 август 1948 година Маркос беше суспендиран од сите функции. На истата седница на Политбирото беше одлучено ДАГ да се раководи од колективна команда што беше именуван Виш воен совет на чело со генералниот секретар на ЦК на КПГ, Никос Захаријадис.

Во рамките на планот за дефинитивна пресметка со ДАГ, по завршувањето на битката на Грамос, 25 илјади војници, 9 артилериски батерии, речиси целата авијација и многу тенкови на 2 - 3 септември 1948 година презедоа офанзива против 9.000 борци на ДАГ на Вичо. Ноќта на 9 кон 10 септември единиците на ДАГ поминаа во контранапад во секторот Мали Мади и ги принудија владините сили во панично отстапување нанесувајќи им сериозни загуби во луѓе и материјал. Една цела владина бригада целосно беше растурена. По оваа операција владините сили се откажаа од планот за дефинитивно ликвидирање на ДАГ.

ВОЕНИТЕ ДЕЈСТВА НА ДАГ

Успехот на ДАГ да води борба седумдесет дена се многу над моќниот противник и особено да го одбие нападот на Мали Мади и да му нанесе големи загуби, да повлијае раководството на КПГ да стекне убедување дека ДАГ, доколку добро се вооружи и го реши проблемот на резервите, ќе е во можност да постигне решавачки успеси, дури и да го совлада противникот. Поради тоа што односите со прифаќањето на резолуцијата на Информбирото, односно со југословенските комунисти се оладија, лидерот на КПГ Захаријадис, проблемот на вооружувањето на ДАГ се обиде да го реши во Москва.

За таа цел на 12 септември 1948 Захаријадис допатува во Москва каде што се сретна со советското раководство и лично со Сталин. Тој го информира Сталин и другите руски функционери со политчката и воената ситуација, со заострувањето на односите на КПЈ и последиците за ДАГ од тоа, и побара од Советскиот Сојуз и од другите народни републики да ја помогнат ДАГ.

Сталин го прифати барањето на Захаријадис и одлучи една советска воена фабрика исклучиво да работи за потребите на ДАГ. Захаријадис бараше до пролета 1949 година да добие тенкови, авиони, лесно и тешко оружје, муниција, облека, храна и друго. Од горенаведените барања за помош многу малку е реализирано. Дадено е главно лесно пешадиско оружје, минофрлачи, камиони и нешто храна и облека. Впрочем, барањето за доделување на авиони и тенкови не беше реално, бидејќи ДАГ немаше услови да ги употреби. Компактна слободна територија егзистираше само во едно многу мало подрачје, на Вичо.

Раководството на КПГ откако од советското раководство доби ветување дека ќе го добие бараното оружје, се обиде да го реши најтешкиот проблем на ДАГ, проблемот на бројното зголемување на ДАГ. За решавање на проблемот воено-политичкото раководство на ДАГ презеде конкретни мерки. Имено, ГШ на ДАГ на 23 ноември 1948 година, во согласност на министерот на војната при Привремената демократска влада (ПДВ) издаде наредба за општа мобилизација. Поради тоа што наредбата да мобилизира жители од подрачјата контролирани од владините сили не е почитувана, командата на ДАГ реши тоа да го стори со принуда. За таа цел крупни единици на ДАГ на крајот на 1948 и почетокот на 1949 година презедоа офанзивни акции во неколку градски центри. Операциите на ДАГ, покрај мобилизацијата, имаа за цел да го ослабат противникот, односно да го оневозможат да презема покрупни воени акции против ДАГ.

Ноќта на 11 кон 12 декември 1948 година единиците на ДАГ нападнаа на градот Кардица и го зазедоа. Согласно комуникето на атинскиот Генерален штаб владините сили имаа 57 жртви, 118 ранети и 30 заробени. Едниците на ДАГ на 13 декември 1948 година го напуштија градот.

На 21 декември 1948 година една дивизија на ДАГ нападна на градот Воден. Операцијата беше неуспешна и со големи загуби за ДАГ.

Ист резултат имаше и операцијата што беше организирана на 29 кон 30 декември 1948 година против владините сили во Соботско. Десеттата дивизија на ДАГ што нападна имаше големи загуби во мртви и ранети.

Спомнатата 10-та дивизија и други единици на ДАГ на 11 јануари 1949 година нападнаа на градот Негуш и го зазедоа. Тие го напуштија градот на 14 јануари откако на противникот му нанесоа големи загуби, фатија голем плен и мобилизираа околу 500 нови борци.

Во врска со операциите во Воден, Соботско, Негуш ПБ на ЦК на КПГ одржа седница на која констатира дека неуспехот на операциите во Воден и Соботско се должат на грешки на командите на ДАГ. И покрај тоа што со операциите на Воден и Соботско лично раководеше првиот човек на ГШ на ДАГ - Георгиос Вонтисиос - Гусиас, за неуспехот беше обвинет командантот на 14-та бригада на ДАГ, Георгис Горѓадис, кој беше осуден од воениот суд на смрт и стрелан.

Истата судбина ја имаше и Ѓорѓис Ѓанулис, командант на 102-та бригада на ДАГ. Тој беше неосновано обвинет за поразот на ДАГ на Грамос, осуден на смрт и стрелан. И двајцата во 1956 година беа рехабилитирани.

Најтрагични последици за ДАГ имаше преземената операција за заземање на градот Лерин на 11 спроти 12 февруари 1949 година и заврши на 12 спроти 13 февруари со целосен неуспех.

Во операцијата зедоа учество пет бригади и други единици на ДАГ против три бригади, 40 топови, полициски сили и други формации, борбената авијација, тенковски единици и др.

Според Генералштабот на владината армија, ДАГ имаше 713 мртви што се погребани во заедничка гробница источно од градот Лерин, 350 заробеници, додека владините сили имаа 44 мртви, 284 ранети и 35 исчезнати. Согласно ГШ на ДАГ владините сили имаа 404 мртви, 976 ранети и 82 заробени, а според Димитрис Влантас, еден командант на ДАГ што ја раководеше операцијата на ДАГ во Лерин, загубите на ДАГ во Лерин се 334 мртви, 867 ранети, 14 дезертери и 199 исчезнати.

Планот на ГШ на ДАГ преку горенаведените операции го реши проблемот на резервите на ДАГ со нови борци целосно не успеа. Бројот на загинатите борци е многу поголем од мобилизираните. Освен тоа, еден добар дел од мобилизираните, многу брзо ги напуштија редовите на ДАГ односно дезертираа.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"