о Светата Земја, во градот
Назарет, се роди нај-достоинствената, највеличествената, најмилостивата и
најблагословената од сите мајки на светот, Мајката на нашиот Господ Исус
Христос. Се роди најпочитуваната Дева на светот, Вечната Дева, Пресвета и
Пречиста Дева Марија. Се роди Мајката на Светлината, Која го роди Оној Кој
низ сите векови говори низ сета створена вселена, Оној Кој говорел преку
вистинските пророци, Оној Кој се жртвувал за спасение на светот и Кој
говорел за вечното спасение - Спасителот на светот Господ Исус Христос:
"Јас сум Оној Кој говореше преку апостолите, светителите и учителите. Јас
сум Оној кој говори и кој ќе говори до крајот на времето преку Црквата Моја
света. Јас сум Оној кој говори и за кого се говори".
БЛАЖЕНА ВЕСТ
Се роди на земјата, Царицата небесна, Пресвета Богородица, по татко и -
по потекло од царски род (по потомство од цар Давид), а по мајка и - од
архијерејски род (од родот Аронов). Нејзините родители, светите праведни
Јоаким и Ана, веќе остарени, често тагувале, оти и по 50 години брак, Бог не
ги благословил да имаат своја рожба. Но, "онаму каде што сака Бог, се
менуваат законите на природата". Заради љубовта, Бог ги менува законите.
Постојат, а како да не постојат. Бог го испратил Свети Архангел Гаврил -
благовесникот, да ги извести светите Јоаким и Ана дека ќе им се роди: "Ќерка
преблагословена со која ќе се благословат сите народи на земјата и преку
која ќе дојде спасението на светот". Бог направил големо чудо и Света Ана
зачнала.

Ro`destvo na Presveta Bogorodica
На 8.09 по стар календар (или на 21.09. по нов календар), во малото
галилејско гратче Назарет, Света Ана родила ќерка, на која и ставиле име
Марија - име кое значи мила на Бога. Нејзините родители го исполниле
ветувањето пред Бога. Ја однеле во манастир на тригодишна возраст. Св.
Јоаким починал на 80-та година од својот живот, а Света Ана во својата 79-та
година. Марија многу тагувала за смртта на родителите. Во храмот останала 12
години. Кога наполнила 15 години, според тогашните закони требала да го
напушти храмот и да се омажи.
ВЕТЕНА НА БОГА
Но, таа пред свештениците изјавила дека до крајот на животот се ветила да
остане девојка и да му служи на Бога. Затоа тие ја однеле во домот на
старецот Јосиф од Назарет. Кога Марија ја читала книгата на пророкот Исаија
се чудела која е таа девојка за која пишува: "...Ете, Девица ќе зачне и ќе
роди Син, и ќе му го дадат името Емануел", што значи Бог е со нас. Тогаш
Архангел Гаврил испратен од Бога и открил дека Таа е девојката одредена од
Бога да го роди Синот на Севишниот: "Радувај се, благодатна! Господ е со
тебе! Благословена си ти меѓу жените!...и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе
родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече
Син на Севишниот". Марија му одговора на ангелот: "Еве ја слугинката
Господова; нека ми биде според зборовите твои!".
Оттогаш и преку Неа, преку Таа непозната галилејска Дева, преку Нејзиното
мајчинство и Нејзината крвна врска со Исус Христос, "ќе започне да се
извршува тајната на спасението на светот". Да ја погледнеме иконата на
празникот "Рождество на Пресвета Богородица" кој уште се вика и "Мала
Богородица". Да ја погледнеме со нашиот духовен поглед. Ете, гледаме, на
постела лежи жена која штотуку родила ќерка. Името на жената е Ана. Крај
ќерката стои таткото. Името му е Јоаким. Близу до постелата на Ана жени го
вршат првото миење на новородената Марија, "новородениот најчист и
највозвишен плод на човечката историја". Целиот човечки род, во целиот свет,
на сите човечки јазици, со радост да го празнуваме "Рождеството на Пресвета
Богородица" и гласно да го испееме тропарот - химната на Нејзиното раѓање,
божествената песна, роденденската песна: "Твоето раѓање, Богородице Дево,
радост му јави на целиот свет, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата -
Христос, Бог наш. Уривајќи ја клетвата, ни даде благослов. Уништувајќи ја
смртта, ни дарува живот вечен".
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд