Македонскиот народ, гласачите, успеаја да ја преживеат парламентарната
кампања. Но, затоа пак третиот блок, третите опции наседнаа на трикот на
големите македонски партии. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги измамија. Многу лесно ги
насамарија малите партии. Тие се полакомија, мислејќи дека ако влезат
самостојно во валканата парламентарна игра ќе им го одземат поголемиот дел
од електоратскиот колач. Меѓутоа, реалноста друго говори.
Ѕинго едвај влезе во парламентарната арена за да им парира. Тоа го стори
благодарение на сопствената телевизија, сопствениот политички багаж, а
можеби и поради тајниот договор со едната или другата политичка опција. Во
секој случај џабе влезе Ѕинго во македонскиот Парламент кога по обичај
императорот од Кратово силен е само на зборови. Досегашната практика покажа
дека за развојот на демократијата не мрдна со прст. Но, ако беше искрен и
кон гласачите, тоа ќе го стореше со кратовчани. Ним им треба плата за да се
прехранат, да се облечат, да остават поколенија.
НАМЕСТО 'РШУМ - ДЕБАКЛ
Во секој случај, победи опцијата за Рамковниот договор. Дали тоа е
реалниот одраз на волјата на македонскиот народ? Секако дека не. Но, изборот
беше сведен на тоа дека од лошото подобро е да се одбере помалку лошото, оти
другите не успеаја да се обединат и да им конкурираат. На што тогаш мислеа
лидерите на третиот политички блок? Очигледно не на Република Македонија. На
фотелјата. Сега откако прашината слегна, се се сведува на традиционалната
битка кој да биде лидер, кој да заграби повеќе, кој вреди повеќе на пазарот
итн.
Но, очигледно никој не вреди повеќе. Сите поодделно се помали од маково
зрно. Затоа нивната битка се сведе на парламентарен дебакл. Заедно собраа
приближно 120.000 гласа. Ако беа здружени, сега ќе имаа минимум 15 пратеници.
И така, наместо да прават 'ршум во македонскиот Парламент сега ќе гледаат
острана и "ќе свират на шупелка". Но, нема кој да ги слуша. Се пенетрираа во
политиката благодарение на кочијашите во ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, авантуристот
Тупурковски и корумпираната економска олигархија.
ДО НЕКОИ СЛЕДНИ ИЗБОРИ
Срамно е да се влезе во парламентарна политичка борба ако знаеш дека
немаш којзнае какви соработници. Џабе им е на ороводците да се пркосат кога
играта ќе се заврши на коленици. Таквата практика беше позната во времето на
Милошевиќ. Тој владееше со Србија и го манипулираше народот благодарение на
разединетата опозиција. Но, и таа немаше да се обедини ако САД и европските
сојузници немаа инстрес да влезат на Косово. Зарем и нам треба да ни се
повтори таквата историја!? Не!
Зарем домашните политичари не ја научија основната азбука во политиката.
Богат народ - богата држава. Вака, по поразот јалови им се изјавите дека
конечно се етаблирале во Република Македонија и дека се вистинската трета
опција. Тие се сега, за жал, обично ништо. Тие се ситни и простодушни
политичари чија кариера може да се сведе од денес за утре. Или од избори до
некои други избори.
ГЛАСАЧКА ПРОВИЗИЈА
Нивната ролја беше во улога на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Се појавија пред
изборите, плукаа против основачите, но затоа си ја завршија работата. Го
зашеметија македонскиот народ. Го збудалија електоратот и тој немаше друг
избор. Го избра... лошото. Каде беше третиот блок? Никаде! Демократскиот
сојуз уште не се испили, се скара со Демократскиот центар, а пак овие кои
мислеа дека се чесни и го имаат угледот, подзаборавија дека го носат багажот
на милијардата на Циле.
За разлика од довчерашните компањони, Тупурко сметаше дека без него ќе
нема нова власт, а пред изборите дури мавташе со белата книга за Тајван.
Зарем професорот заборави дека книгата мораше да ја објави многу порано!?
Очигледно, не го служи меморијата, или мисли дека гласачите се кратки во
умот. Но, сепак, ете дојде поразот. По него апстиненција. Дали третокласните
политичари ќе ги јаде јанѕа што ја утнаа сопствената визија? Гласачката
провизија не ја добија. Единствено се офајдија големите македонски партии.
Црвенковски го вратија во живот, а на Георгиевски му овозможија да го
оправда сопствениот пораз. Подобро покритие за слабото поведение во
Република Македонија нема.
ГУМА ЗА ЏВАКАЊЕ
Дали третокласните ќе се вратат од нокдаунот? Се зависи од нивното
преструктуирање, односно окрупнување. Преостанатите нема да се јават се до
следниот локален дожд. Во ваква ситуација најмногу загуби Република
Македонија, бидејќи не успеа да одбере нови лица, нови политичари. Затоа
гласачите ќе мора да ја џвакаат истата гума за џвакање. Следниот поправен
испит се локалните и претседателските избори во 2004 година.
До нив има доволно време за консолидирање на "третите опции". Се разбира,
ако сакаат да бидат искрени кон самите себеси. Ако се окрупнат, постојат
реални шанси да го возвратат ударот и да успеат да освојот што повеќе
советнички и градоначалнички места. Вака, од страна можат само да гледаат,
да критикуваат и никогаш не можат да влијаат врз политичкиот амбиент во
Македонија. Затоа, доблесно е да се признае поразот, бидејќи од него може
многу да се научи. Впрочем, на грешките се учат попаметните. Ќе бидат ли
попаметни ситните партии од третиот блок?