Претепан уредникот на "Радио Тумба"

Новинарот на кумановското приватно радио "Тумба", Зоран Божиновски, во вторникот во полноќните часови, среде емисија, бил претепан од, како што самиот изјави, припадници на специјалната полициска единица "Лавови". Тој е хоспитализиран во кумановската болница и е во стабилна состојба, но со сериозни телесни повреди на главата и на рацете.

Во соопштението од Зружението на новинарите на Македонија, кое го осудува настанот, се вели дека група од тројца рекетари, предводени од припадник на специјалната единица МВР "Лавови", чие име и е познато на полицијата и на ЗНМ, насилно влегле во работните простории - студиото на "Радио Тумба" од Куманово, при што физички го нападнале уредникот на информативната програма и координатор на Регионалниот центар на ЗНМ - Куманово, Зоран Божиновски, и водителот на радиото, Реџо Балиќ.

Насилниците вооружени со пиштоли и метални шипки најнапред на водителот Балиќ со пиштол во устата му се заканиле да не превзема никакви одбранбени акции, потоа му се нафрлиле на новинарот Божиновски удирајќи го со кундаци од пиштолите и шипки, во пределот на главата и телото нанесувајќи му тешки телесни повреди. Откако го извршиле овој гнасен и брутален чин, тројцата силеџии со бел "Голф", без регистерски таблички, го напуштиле местото на злосторството. За неколку минути алармирана е полицијата и брзата помош, а потоа Зоран Божиновски е префрлен на хируршкото Одделение во кумановската болница каде му се извршени повеќе хируршки интервенции. Повредениот новинар по интервенцијата се наоѓа во стабилна состојба и е надвор од животна опасност. Кумановската полиција ги превзела сите потребни мерки за откривање на овие брутални насилници.

Нови 2.350 вработени партиски кадри

Според податоците на Сојузот на Синдикатите на Македонија, како и неофицијалните бројки од вработените во јавните претпријатија, вкупната бројка на нововработени партиски кадри, од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ЛП и ДПА, само во пред и по изборниот период изнесува 2.350 лица. И покрај апелот на повеќе партии и ССМ владејачката гарнитура и по изборите продолжила со непотребните партиски вработувања, а со тоа директно го прекршила Законот за државни службеници и Законот за работни односи.

ССМ констатира голем број непродуктивни вработувања во буџетските организации. Во Министерството за образование евидентирани се 350 нови работни места, во Управа и правосудство - 140, во ЈП "Македонски шуми" - 160, во Сообраќај и врски - 354, Царина - 30, Министерството за финансии - 20, Министерството за економија - 100, РЕК "Битола" - 57, ЕСМ - 150 работни места. Но, како водечки сектор се потенцира Министерството за внатрешни работи со 600 нови работни места.

Според правните експерти, се уште актуелниот министер за финансии Никола Груевски, наскоро ќе се соочи со политичка, материјална и кривична одговорност, бидејќи со одобрувањето на масовните партиски вработувања во јавниот сектор во пред и поизборниот период свесно предизвика дупки во државниот Буџет.

Министерот Груевски на ваквите обвинувања одговори дека по изборите дал согласност за само дваесетина вработувања во администрацијата за кои се обезбедени пари од Буџетот.

Бомби врз џипот на бодигардот на Премиерот

Во скопската населба "Јане Сандански", на булеварот АВНОЈ, на 23 септември околу 2,30 часот по полноќ, беа фрлени две бомби врз џипот на Влатко Стефановски, алијас "Рамче", раководител на тимот за обезбедување на Премиерот. Од детонацијата оштетени се 24 возила кои биле паркирани близу џипот на "Рамче". Според првичните податоци на МВР, од експлозијата е причинета материјална штета од околу 10.000 евра.

МВР потврди дека џипот на Рамче бил цел на нападот, но нема сознание кој го извел или организирал овој атак.

"Цветан Димов" нема место за албански паралелки!

Министерот за образование Ненад Новковски, донел решение 12 паралелки на албански јазик од гимназијата "Зеф Љуш Марку" да држат настава во просториите на Средното училиште "Цветан Димов" во Чаир, иако како што велат професорите од чаирската гимназија, во училиштето не постојат услови за тоа. Револтирани од решението на Новковски, учениците од "Цветан Димов", на 24 септември по првиот час ја бојкотираа наставата и излегоа на протест пред Министерството за образование извикувајќи: "Цветан не го даваме", "Зеф Љуш не го сакаме". По неколкуминутното скандирање пред Министерството за образование, учениците биле примени од главниот просветен инспектор кој им рекол да достават писмено барање за решавање на проблемот. Учениците потсетуваат дека и минатата година им било речено да достават писмена реакција, но никој не им одговорил и не им го решил проблемот, туку како што велат им подметнале неколку албански паралелки. Револтираните ученици потенцираат дека ако треба сите ќе се отпишат од гимназијата, бидејќи таму нема доволно простор ниту, пак, училници за дополнителни паралелки.

Масовно труење на деца во Кавадарци

Од расипани сендвичи се затруени речиси двесте основци од ЦОУ "Тоде Хаџи Тефов" во Кавадарци. Првите случаи на труење се регистрирани во петокот и саботата, минатата недела. Учениците конзумирале храна од сендвичарницата "Борис 57" лоцирана во близина на училиштето. Хоспитализирани се 49 ученици во болниците во Кавадарци и во Велес, а преостанатите се пуштени на домашна нега.

Официјалните лабораториски наоди ги потврдија претпоставките дека станува збор за салмонелно труење. Државниот санитарен и здравствен инспекторат поднесе кривична пријава против сопственикот на оваа сендвичарница.

Марихуана во скопското село 'Ржаничино

Нива со марихуана, чии стебла биле високи над три метри, била откриена минатата недела во месноста Узинбегово во атарот на селото 'Ржаничино, на земјиштето што е под концесија на Факултетското стопанство од Скопје. Полицијата во близина на селото пронашла и запленила и расад за канабис засаден на околу 170 квадратни метри.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"