| |
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ГРАЃАНСКА ВЕРИФИКАЦИЈА НА ОХРИДСКАТА ЧЕТВОРКА
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Оттука па натаму, барем во наредните четири години, македонската
јавност ќе мора да се навикне да ги прифаќа процесите кои ќе ги презема
новата власт без ниту едно "ама", без ниту едно "но", а уште помалку "не".
- Поразот на изборите не е никаква казна ниту за социјалдемократите во
98-та, ниту за ДПМНЕ-овците сега во 2000-та. Вистинската казна и правда ќе
се оствари тогаш кога еднаш ќе проработи правната држава.
Н а неколку дена пред одржувањето
на изборите лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски (сега повторно на
тронот) ќе изјави: "На 15 септември ќе се случи референдум, нема да се бира
само власт". Малку кој и придаде значење на ваквата изјава во тоа време, но
како одминуваа часовите по затворањето на изборните кутии, се повеќе се
потврдуваа констатациите на политичкиот мангуп дека овие избори навистина
беа своевиден референдум. Референдум за прифаќање или отфрлање на
политичките сили кои го изродија, потпишаа и ни го наметнаа охридскиот
мировен Договор.

Ова беше референдум за верификување на Рамковниот договор, а распоредот
на силите во новиот состав на законодавниот дом недвосмислено го покажува
тоа. Меѓу 120-те народни избраници не смее да седи ниту еден, ама баш ниту
еден кој оваа година што измина правеше се да не дојде до примена на сосила
наметнатиот нов Устав на државата. Бројните анкети и сондажи на јавното
мислење навистина покажуваа високи проценти за отфрлање и делегитимирање на
производот на "охридските миротворци", но последниот резултат од
собраниските избори ги фрли во вода сите погледи и размисли на
добронамерните бунтовници кои на свој начин сакаа да се обидат врз база на
постулатите на меѓународното право, да ја спречат разградбата на
уставно-правната рамка од 91-та.
КАДЕ ПОГРЕШИВМЕ!?
Кој погреши во проценките? Кој успеа преку ноќ да ја смени сликата за
речиси 80-процентната народна побунетост, кога станува збор за
општоприфатливоста на новиот уставен акт? Бранковиот референдум од 15
септември како што милува да го нарече, ги потопи илузиите на новата
опозиција и на силите од т.н. трет пат дека нешто може да се ревидира од она
што е веќе донесено. Паралелно со тоа бледеат и фантазиите на албанските
радикални компоненти дека и тие со еден модерен и софистициран екстремизам
би можеле да внесат нови турбуленции, со рамките на охридскиот Договор, со
изнесување нови максималистички барања кои би резултирале со етничка поделба
на државата. Меѓународната заедница преку своите внатрешни сегменти во
Македонија успеа да стави капак и да го издигне на пиедестал она што
минатата година сите аналитичари и критичари во земјата го осудуваа. И она
што е најважно, можеби несвесно и помалку затскриено во постсвета на
македонскиот гласач, тоа го направивме сами, со нашиот избор на 15 септември.
Повеќето граѓани немаат ниту малку право да го дигаат својот глас против
оние кои минатата година договараа, разделуваа и спојуваа, рушеа па градеа,
не омаловажуваа. Истите тие и само тие повторно ги внесовме во судницата
наспроти Жена-паркот. Судница, затоа што таму му се пресудува на народот.
Премногу јасна и очигледна беше ситуацијата кога новата власт упорно
настојуваше во новиот состав на Собранието да нема ниту други освен
потписниците на капитулантскиот акт. Среќна околност беа резултатите од
големата оддалеченост од преостанатите поразени политички сили во државата,
но премногу остро звучеше изјавата на новиот пулен на социјалдемократите,
Јани Макрадули, кога пред целата македонска јавност категорично рече: "Место
за Ѕинго во Парламентот нема!".
Обичните изјавата ја поврзаа со спорните изборни резултати во третата
Изборна единица, но поискусните овој потег на незадоволните коалиционери го
оквалификуваа на два начина. Прво, како одмазда за нивниот довчерашен
целодецениски соработник кој на крајот ги извиси, и второ, заради
политичкиот став на првиот социјалист во поглед на Рамковниот договор. Јасен
е процесот во државата кој е потпомогнат од т.н. меѓународна заедница - за
антиуставните сили место во институциите не смее да има. Процесот успеа.
Најгласните говорници кои ветуваа ревизија на Договорот доживеаја дебакл
како од македонска, така и од албанска страна.
КРПЕЊЕ НА ДРЖАВАТА
Оттука па натаму, барем во наредните четири години, македонската јавност
ќе мора да се навикне да ги прифаќа процесите кои ќе ги презема новата власт
без ниту едно "ама", без ниту едно "но", а уште помалку "не". Ќе мора она
што досега го навикнавме како теорија отсега да го навикнуваме како пракса.
Да се навикнуваме на позитивната дискриминација, на квантитетот, а не на
квалитетот, на повеќејазичноста која се повеќе ќе ја руши унитарноста на
Македонија, ќе мора да се навикнуваме на се поострото дефанзивно однесување
како наш белег на познавање, ќе мора да се навикнуваме на се поострите
граници во наводниот соживот, ќе се навикнуваме на жичаните огради и бариери
на секоја улица, мост, предградие, рид или река, џамија или црква, месечина
или крст. Така се живеело според западните стандарди, така се живеело во
цивилизацијата, така ќе сме им давале пример на другите околу нас, кои пак
не знаеле така успешно да ги решаваат проблемите. Уште една плуканица во
нашето избрчкано и пропаднато лице, уште едно мавање, односно тапкање по
нашето искилавено рамо. Се радуваме. Имаме уште шанси. Го фаќаме повторно
колосекот.
Ни велат дека бурата поминала. Ај да поверуваме. Но, ова не е вторпат или
третпат вака да ни велат. Зошто повторно да им веруваме? Зошто не тераат да
бидеме изгубени оптимисти, да имаме надеж кога многу од тоа сме изгубиле?
Сега ќе го крпиме соживотот, ќе го крпиме Тетово онаму каде што се испокина,
ќе го интегрираме Арачиново да остане во Македонија, ќе го заборавиме она
што не се заборава. Сега имаме нова власт, со солиден број мандати, како
никоја владејачка гарнитура досега. Ако ништо друго, ќе имаме барем
политичка стабилност на донесеното. Едните ги испративме, другите ги
дочекавме. Арбен и Љубчо во рикверц, Бранко и Алија во туража. Сите околу
нив ракоплескаат, кој на победниците, кој на гордо поразените. Процесот на
крпење на државата неодминливо мора да започне срамно или не, достоинствено
или не - друга алтернатива немаме. Како старото нема да биде, зашто крпеното,
како ново не држи, но колку толку со клопците кои ни стојат на располагање
некоја година ќе протераме.
Граѓаните го кажаа своето, она што уште одамна го мислеа дека нема многу
да чекаат за да го отстранат крлежот од месото кој се запил. "Нема да ве
изневериме. Знаеме како казнувате" - им рече несудениот претседател на
земјава, Тито Петковски, на славеничкиот митинг на неговата Коалиција во
Скопје.
Колку и да е точна оваа констатција на Петковски, сепак се покажа дека
македонскиот граѓанин без оглед на верската и национална припадност во овие
изминати 12 години никогаш никого не казнуваше. Напротив, народот толерираше,
им овозможуваше невиден раскош и луксуз на оние што до вчера беа меѓу него,
гладуваше додека другите ловеа октоподи и правеа балови.
Поразот на изборите не е никаква казна ниту за социјалдемократите во
98-та, ниту за ДПМНЕ-овците сега во 2000-та. Вистинската казна и правда ќе
се оствари тогаш кога еднаш ќе проработи правната држава, кога сите
рамноправно ќе можат да излезат пред судот на правдата, кога пратеничкиот
имунитет нема да биде шанса за вршење валкани дела. Се дотогаш казнети ќе
бидеме само ние, обичните смртници и нам блиските, а никако и колегите на
Петковски. Во заблуда се ако мислат така - дека се казнети.
Казна во оваа држава досега немало. Кај нас владее начелото "Кадија те
тужи, кадија те суди", па оттука не можеме којзнае колку да очекуваме
прогрес во тој поглед. Се додека Македонија врви по патот на партиска, а не
на државна политика, се додека власта ја турка водата по персонална, а не по
институционална насока, се дотогаш ќе пливаме во матно и надвор од сите
европски текови.
Народот сега очекува многу, по примерот на опозицијата ДОС во Србија,
која го урна Милошевиќ пред две години. Само кај нив резултатите изостанаа.
Што ќе добиеме ние? Подобро или полошо - сигурно е дека исто нема да биде.
Кој погреши во проценките? Кој успеа преку ноќ да ја смени сликата за
речиси 80-процентната народна побунетост, кога станува збор за
општоприфатливоста на новиот уставен акт? Бранковиот референдум од 15
септември како што милува да го нарече, ги потопи илузиите на новата
опозиција и на силите од т.н. трет пат дека нешто може да се ревидира од она
што е веќе донесено. Паралелно со тоа бледеат и фантазиите на албанските
радикални компоненти дека и тие со еден модерен и софистициран екстремизам
би можеле да внесат нови турбуленции, со рамките на охридскиот Договор, со
изнесување нови максималистички барања кои би резултирале со етничка поделба
на државата. Меѓународната заедница преку своите внатрешни сегменти во
Македонија успеа да стави капак и да го издигне на пиедестал она што
минатата година сите аналитичари и критичари во земјата го осудуваа. И она
што е најважно, можеби несвесно и помалку затскриено во постсвета на
македонскиот гласач, тоа го направивме сами, со нашиот избор на 15 септември.
|