ржавната изборна комисија, и
покрај разните притисоци, како од политичките партии, така и од високи
државни службеници, успеа да ги запази роковите за објавување на конечните
резултати. Притисоците започнаа во вторникот минатата недела кога високи
политички функционери влегоа во прилепската печатница "11 Октомври" во која
се печатеше целокупниот изборен материјал. Петнаесетина полицајци во панцири
и шлемови и вооружени со автоматско оружје, како и петнаесетина полицајци во
цивилно, предводени од заменик-директорот на Службата за државна безбедност,
Златко Кескоски, се распоредиле во сите простории во печатницата и барале да
им бидат доставени на увид сите документи за набавката на хартијата на која
се печатени гласачките ливчиња, колку хартија е преработена, колку уништена,
колку има резерва, и колку ливчиња се испечатени. Ден потоа високи политички
функционери на ДПМНЕ влегоа во Собранието на Македонија, а Државната изборна
комисија беше под полициска истрага на актуелниот министер за внатрешни
работи, Љубе Бошкоски и претставници на МВР, државниот секретар Венко
Калачоски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Горан Митевски и
помошникот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнување,
Златко Кескоски, како и претставници на ВМРО- ДПМНЕ, потпретседателот на
ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Републичкиот изборен штаб, Марјан Ѓорчев и
партискиот секретар Војо Михајловски. Коментарите од ДИК за овој упад беа
дека она што се случувало таа ноќ во Собранието наликувало на "тивок пуч", а
како дел од тоа сценарио бил и настапот на Амди Бајрам со исфрлањето на
стотина гласачки ливчиња на скалите пред Парламентот и пред камерите на
повеќе телевизии.
НЕПРИСТРАСНОСТ
По упадот на Бошкоски во Кабинетот на претседателката на ДИК, таа изјави:
Одговорно тврдам дека во моето досегашно работење особено водев и водам
сметка за непристрасноста и за законитоста. Токму поради таквиот пристап во
работата, Државната изборна комисија, и покрај кратките рокови, успеа да ги
запази сите законски рокови.

Bo{koski se obide da izvr{i neviden pritisok vrz Dr`avnata
izborna komisija

"Odgovorno tvrdam deka vo moeto dosega{no rabotewe osobeno
vodev i vodam smetka za nepristrasnosta i za zakonitosta", Mirjana Lazarova
- Trajkovska, pretsedatelka na DIK
Таа информираше дека на средбата, која се случила по силно инсистирање на
Бошкоски, и на која присуствувале и амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Крег
Џенес, и шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, Џулијан Пил Јеитс,
министерот Бошкоски и неговите соработници се интересирале за печатениот
изборен материјал.
Државната изборна комисија, појасни Трајковска, уште пред изборите ја
информираше јавноста за запазената процедура под која беа уништени
згрешените табаци хартија.
Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ЛП на прес-конференција повтори дека победата на
Коалицијата "За" на неделните избори е неспорна, меѓутоа изразуваат
сомневања околу некои постапки на ДИК, пред се околу печатењето на
гласачките ливчиња и употребената хартија и мастило во изборниот процес со
кои се доведува во прашање регуларноста на изборите. МВР, според него, не
вршел притисок врз ДИК, туку само сакал да ја води постапката за утврдување
евентуален фалсификат на изборите, зашто имал законска надлежност. Интересот
во истрагата им бил насочен кон печатницата "11 Октомври" во Прилеп, каде
што, според нив, во нејасна процедура биле уништени 122.215 табаци со
хартија за 488.490 погрешени гласачки ливчиња. ДИК, според Бошкоски, имала
писмен документ дека од еден табак најмногу можеле да се направат три
гласачки ливчиња, а всушност можат да се изработат четири ливчиња. МВР се
сомнева дека табаците не биле уништени комисиски од шест лица од ДИК, туку
до одредницата во прилепското село Алдинци, 4,5 километри од градот, биле
однесени од само едно лице, делница на која, според Бошкоски, можело сешто
да се случи. Како крунски доказ дека наводно е направен фалсификат, Бошкоски
понуди изгорени делови од гласачки ливчиња најдени во Прилеп, Скопје, Шуто
Оризари, Штип. МВР воедно посочи дека проверува како и зошто фирмата "Кометал
трејд" на два пати увезла хартија од која се прават гласачки ливчиња. Првиот
пат во мај кога биле увезени пробни 836 килограми, а вториот пат на 19
август, кога се увезени 20.708 килограми. Оваа хартија не завршила во
печатницата "11 Октомври", затоа што таа, по договорот за печатење на
гласачкиот материјал со ДИК, самата увезла 80 тони хартија. Хартијата била
увезена од Швајцарија.
Инспектори на криминалната полиција со налог за претрес влегоа во
просториите на Графичкиот центар - Скопје со цел да ги проконтролираат
набавките на хартија за печатење во врска со фамозните тврдења на МВР дека
за потребите на изборниот процес незаконски се набавени поголеми количества
некаква хартија од која наводно се печатени дел од избирачките материјали.
Графички центар - Скопје, според гласините во јавноста, е една од фирмите
блиски на Трифун Костовски, кој како независен кандидат од листата на
Коалицијата "За Македонија заедно", стана пратеник. Костовски демантираше
каква било поврзаност во овие наводи на МВР.
Отфрлам какво било сомнение дека "Кометал трејд" или Трифун Костовски
учествувал во фалсификување документи или гласачки ливчиња. Тоа е монтажа од
актуелната власт за да фрлат дамка на изборите што ги изгубија. Место да се
повлечат и честитаат, тие се обидуваат на ваков начин да се спасуваат.
Тврдам дека кога ќе дојде новата влада, таа неизбежно ќе се позанимава со
ова прашање. "Кометал" ниту има регистрирано фирма за увоз, ниту е увозник.
"Кометал трејд" е само посредник, продавач во набавките на хартијата за
Графички центар, а Графички центар не е ниту негова фирма, ниту припаѓа на
групацијата што тој ја предводи. "Кометал трејд" ниту е специјализиран за
хартија, ниту за фалсификати, како што се наведува од министерот за
внатрешни работи. Најмалку беше битна работата на Графички центар, туку тоа
беше атак врз мене, објасни Костовски и додаде дека "Кометал трејд" е
главен доставувач на 30 вида хартија за Графички центар и дека нема никаква
врска ниту со прилепската, ниту со некоја друга печатница, односно оваа
фирма не набавува хартија за ниту една друга печатница.
Тодор Костадинов од "Кометал трејд" потенцираше дека хартијата за која
говори Бошкоски всушност е ЛВЦ-хартија која се користи за печатење корици на
магазините. Таа, според Костадинов, редовно се увезува. Од последното
количество што е увезено на 13 август во Графички центар на лагер се уште
има 18 тони хартија од овој тип, додека два тона се веќе потрошени. Од нив
во три наврати се правени пропагандни материјали - флаери и плакати за
кампањата на Трифун Костовски. Костадинов потенцира дека тие имаат договор
за комерцијална хартија, а не за специјална намена. Фирмата, според
Костадинов, побарала од производителот на хартијата (фирма од Германија, а
не од Швајцарија, како што наведе Бошкоски) да даде толкување дали на оваа
хартија може да се печатат пари или гласачки ливчиња.
ДЕМАНТИ
Со своја реакција се огласи и директорот на печатницата "11 Октомври" а.д.,
Сашо Зафировски, кој објасни дека сите наоди и докази што ги презентираше
господинот Љубе Бошкоски во своето излагање се тенденциозни, со цел да се
наруши угледот и рејтингот на печатницата "11 Октомври".
Иако дојдоа без налог, по 45 минути стигна и налогот на кој беше потпишан
истражниот судија Љубен Биноски. Веднаш ми стана сомнителен тој документ,
бидејќи знам дека Биноски е претседател на Општинската изборна комисија и
нелогично е да има двојна улога во моментов и да потпишува налог за проверка
на работата на еден орган чиј член е и тој. Во телефонскиот разговор со него,
Биноски ми рече дека не потпишал никаков налог за претрес и по неговото
доаѓање во печатницата и соочувањето со Кескоски, како и со консултациите со
претседателот на Основниот суд во Прилеп, Ангелчо Видески, се констатира
дека во негово име налогот го потпишал друг судија, кој се вика Орде
Митрески, изјави директорот Зафироски.
Тој го поставува прашањето зошто претседателот на Основниот суд во Прилеп
не ги повикал двајцата истражни судии во градот да потпишат толку важен
документ, туку наредбата ја потпишал трет судија кој не е истражен. Тој
наведува дека телефонски разговарал со господинот Митрески кој потврдил дека
го потпишал документот, а по барањето да дојде во печатницата и да го
потврди својот потпис, тој не дошол, но се јавил по телефон и "видно
вознемирен" го убедувал дека треба да постапи по наредбата. Околу записникот
за уништување на погрешно отпечатените табаци, тој вели дека таков записник
постои од 5 август годинава, а претставниците на ДИК кои се потпишани на тој
записник се и високи функционери на МВР. Зафировски потврди дека со Трифун
Костовски никогаш немал ни лични ни деловни контакти и дека не увезле ни
лист хартија преку неговата фирма "Кометал трејд", како и дека немаат
увезено 80 тони хартија, како што тврди Бошкоски.
За разлика од директорот на прилепската печатница, во соопштението на
основниот суд во Прилеп се вели дека наредбата за претрес во прилепската
печатница е издадена од надлежен истражен судија и во пропишана постапка и
таа е во целосна согласност со законот и е во целост полноважна од
материјално-правна и процесно правна гледна точка. Судијата Љубен Биноски,
се вели понатаму во соопштението, на 29 јули беше именуван за претседател на
Општинската изборна комисија од Државната изборна комисија, откога фактички
прекина да ја врши работата како истражен судија, а тој прекин трае и денес.
Затоа, цело време го заменуваше овластениот судија Ордан Митревски, со право
да ги потпишува одлуките во негово име. Таквите одлуки судијата Митревски во
овој период редовно ги потпишуваше во име на Биноски, со ставање цртичка
покрај потписот како знак дека потпишува во негово име.
Она што е од особена важност за двата последни случаја поврзани со
изборите - издавањето на судски налог од прилепскиот Основен суд за претрес
во прилепската печатница "11 Октомври", како и оној издаден од Основниот суд
Скопје 1 за непречен влез на МВР во Графичкиот центар -Скопје, е дали се тие
валидни и во согласност со законската регулатива?!