ЦРКВА

Одродникот Јован повторно атакува врз светата Македонска црква

ЦРВОТ САКА ДА СТАНЕ ПОГЛАВАР НА МПЦ!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • СПЦ во вторникот на 24 септември го прогласи отец Јован за егзарх охридски и плаошки. Оваа одлука е опасен предизвик за Македонската православна црква и за новата политичка гарнитура.

Расчинетиот владика, сега отец Јован, не мирува. Тој постојано нешто ровари. Се бунтува. Станал такво буцкало што веќе е "здодевен како комарец". Очигледно не ја научил лекцијата што му ја испратија македонските православни верници. Очигледно требаше да му го скршат носот, кој го пикаше кај што не треба и да го клоцнат, па така да му дојде паметот.

Но, ете човекот не се научи, стана бродоломник кој нема за што да се фати, па затоа прави што сака. Го опструира македонското духовно и православно чедо, Македонската православна црква. Ги поткопува темелите на нашата вера рисјанска.

МОТИВИ

Српската православна црква пред три дена го прогласи Јован за егзарх охридски и плаошки. Оваа одлука е опасен предизвик за Македонската православна црква и за новата политичка гарнитура. Вестите што пристигаат од "дворот" на српскиот Патријарх Павле мора да се сфатат за сериозни, бидејќи нивниот духовен војник и шпион е опасен црв. Противник што континуирано се обидува часовникот да го врати наназад. За таа цел не се бираат средствата. Се користат сите методи вклучувајќи ги и одродниците и нивните мотиви. Затоа овој нов атак врз МПЦ е и напад врз македонскиот народ и врз Република Македонија.

Таквите напади зачестија со зголемувањето на влијанието на расколникот Јован кој во сопственото слепило се обидува со помош на методите на ѓаволот дури и да се самопрогласи за поглавар на МПЦ. Неговите апетити одат дури до таму што ја заборава основната цел на мисијата на Христа дека Црква без верници, без народ, е само бесполезно појавување на Земјата.

РИЗИК

Сега на потег е Македонската православна црква која конечно мора решително да расчисти со Јован. Мора да го дотолчи одродникот. Да му ги скрати крилјата за да не се шепури по Македонија. Тој неодамна дури се дрзна да го користи симболот на Македонската православна црква, односно на светата Митрополија велешка и повардарска. Дело што е казниво според Кривичниот закон на РМ.

Факсот на Јован што пристигна во нашата Редакција

На 9 септември расколникот ни испрати факс до Редакцијата кој според него бил заведен како протокол број 1013. Но, притоа го прешкртал бројот на телефонот на Велешката епархија. Обидот на Јован да не вовлече во лудата игра само по себе говори за неговата недоличност, непристојност и цинизам. Станува збор за личност која дури не е достојна да се спомене меѓу нашите редови во весникот, но поради функцијата што ја вршиме мораме да се осврнеме на неговите палавости.

Во меѓувреме, Македонската православна црква ќе мора многу побргу да реагира, бидејќи секоја ненавремена акција носи ризик за понатамошно продолжување и продлабочување на проблемот. Затоа понекогаш и не пали народната поговорка: "Молчењето е злато. Молчењето е мајка на мудроста". Начинот на реакцијата секогаш зависи од мудроста на Поглаварот на МПЦ и од надлежните архиереи.

Чекорот на СПЦ, пак, воопшто не зачудува и не заслужува коментар. Ваквата одлука на Српската црква не е ништо ново во односите на двете православни цркви. Проблемот е, значи, кај нас, во нашите одродници и предавници!


Македонското Министерство за надворешни работи навреме реагираше во врска со најавите дека СПЦ ќе го прогласи Јован за српски егзарх во Македонија. Во нашето Министерство беше повикан вршителот на работите во Амбасадата на СР Југославија за да му соопштат дека "ваквите најави можат да остават долгорочни несакани последици врз меѓународната доверба и напорите за унапредување на односите меѓу двете земји". МНР подвлече дека ваквиот чекор може да предизвика негативно расположение и во јавното мислење во Македонија.

И покрај ваквата реакција од македонска страна, СПЦ ја донесе одлуката со која го прогласи Јован за српски егзарх во Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"