ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

"СЕ Е ИСТО КАКО - ЛАНИ..."

Гог ма гог

Има една песна беспомошна и не многу весела: "Се е исто како - лани...!". И есенската македонска политичка стварност, сива и еднолична, тешка и неизвесна.

Нож под грло да ми ставеа, немаше да се согласам со прогнозите на стариот маалски маг, дека светот е реприза на сопствената драма, дека вчерашнината ја преоблекуваме со - утрешнината, дека Бранко толку надмоќно ќе го победи Љубчо. И не ми е навистина јасно, дали тоа беше дивовска борба на две партии, или на двајца лидери.

Се сеќавате со каков скор победи ВМРО-ДПМНЕ пред четири години: 49 пратеници во клупите на законодавниот дом! Па, тоа беше - победа, како што сега е триумф на СДСМ со 59 сенатори! Ама, сепак, не ви се чини ли дека историјата се повторува, како да немаме друг настан, друга содржина и друга порака!

Зошто?

Анатомијата на СДСМ-овската победа и ВМРО-вскиот пораз, уште долго ќе бидат (и треба да бидат) предмет на сериозни политички анализи не само заради осознавање на внатрешно-партиската структура, туку многу повеќе на дијагностицирањето на македонската плуралистичка стварност. Засега овие партии се сменуваат како две годишни времиња - циклично... Со една голема политичка придобивка на СДСМ, искуство на владеење.

Поедноставената анализа, оти ВМРО-ДПМНЕ и го препушти местото на СДСМ, може да биде како онаа народната: Слези Ти, да се качам Јас. Но, не е така. И колку да се сомневаме во демократската и политичка зрелсот на македонскиот електорат, сепак има една голема вистина дека на народот не смееш да му го потцениш сенсот за - определба. Точно знае што сака, откако се разбира открил што не сака. Победникот и не мора толку да се "напрегнува" да разјаснува зошто победил. Победата му ја носи - поразениот!

А, поразениот мора да знае зошто загубил, оти тоа е првата фаза од "подготовките" за новата средба со лутиот противник - победник... Се сеќавам на една романтична изјава на Брат Љубе кога стегаше заби да го надуе балонот со божем фалсификуваните гласачки ливчиња, дека "биле во екстаза од очекуваната победа, и немале време да мислат на - пораз!?".

Брат Љубе, Брат Љубе... Тешко на таа партија што има гласноговорници романтичари како Тебе, кои како селските доктори ги лечат пациентите со "чајче и лимонче". Скенирањето на поразот има посуптилни сомнежи. Најголемиот сомнеж е кај лидерот Љубчо Георгиевски, кој во партијата ја презеда улогата на демијург (мајстор, уметник) да го "изгради ВМРО-ДПМНЕ" како што тој знае и умее.

И почна инсуфицијално. Пред да тргне во војна со новинарите, не знам по чиј совет, Љубчо почна да го крчми умот на партијата, испраќајќи ги најдобрите и најреторичните како поклисари по амбасадите во Софија, Москва, Вашингтон... А, создавајќи му на Фрчко, Ѓунер, Насев, Венко простор да го толчат како "главата на змија со камен!"

Една грешка, велат старите, раѓа друга, другата трета... Како никој во неговата близина, не го "цапна по нога", да го предупреди да не војува со новинарите, оти тие голтари ќе си останат цел живот голтари, а тој кога ќе падне ќе биде "поголтар од нив".

Нејсе. Љубчо не ја знае приказната за американскиот генерал кој во врховниот штаб на Англија, за време на жестокото бомбардирање на Хитлер на Лондон, зел еден весник во рацете и почнал да мафта: "... Кој му дозволил на овој новинар да пишува вака против Англија !?" А, оттаму Черчил спокојно: "Господине генерале, во Англија сите ја сакаат - Англија !".

Власта е моќна сама од себе. Затоа е власт. На власта и треба добрина, да ја почувствуваат сите, а не анимозитет да делува одбивно. Кадровските решенија (со чесни исклучоци) на Љубчо беа катастрофални. Сите критериуми што ги испрактикува се множеа со нула. Поставуваше луѓе со ниско образовнаие (еден директор на новинска куќа велат немал ни основно училиште) и ниска свест.

Што ќе стори Бранко, ќе видиме. Иднава недела ќе почне да му се брои времето и - официјално.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"