ПОЛИТИКА

Уставот и Деловникот за конституирањето на новиот состав на законодавната и извршната власт

СО НОВ ПАРЛАМЕНТ И ВЛАДА ДО СРЕДИНАТА НА ОКТОМВРИ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Собранието на Република Македонија може да се конституира ако на седницата се верифицирани мандатите на две третини од вкупниот број на пратеници, или вкупно 80 парламентарци (член 63 од Уставот на РМ или член 9 од Деловникот на Собранието на РМ).
  • Во согласност со член 90 од Уставот на РМ, претседателот на РМ е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Новиот состав на Собранието на Република Македонија треба да почне да работи најдоцна до 7 октомври. Според член 9 од новиот Деловник на законодавниот Дом на Република Македонија (Службен весник на РМ, 25 јули 2002 година), или член 63 од Уставот на РМ, конститутивната седница се одржува најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите, но не подоцна од денот на истекот на мандатот на пратениците од претходниот состав.

Од Уставот на РМ

Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку конститутивната седница не се свика во предвидениот рок од страна на претседателот на Парламентот, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите. Конститутивната седница може да се одржи ако се избрани и на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број пратеници. До изборот на претседател на Собранието, со конститутивната седница претседава најстариот присустен пратеник. Собранието може да се конституира ако на седницата се верифицирани мандатите на две третини од вкупниот број пратеници, или вкупно 80 парламентарци.

ВЕРИФИКАЦИЈА

Според член 10 од Деловникот, Собранието го верифицира мандатот на пратениците на конститутивната седница, по предлог од Верификационата комисија, која пак ја избира Собранието (член 11) на конститутивната седница, по предлог од претседавачот. Верификационата Комисија се состои од претседател и четворица членови.

Членот 12 од Деловникот на законодавниот Дом вели дека врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно. Членот 13, пак, вели дека ако верификационата Комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. Според членот 15 од Деловникот, пратеник чија верификација на мандатот е одложена, има право да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата, без право на одлучување, најдолго до два месеца. Со верификацијата на мандатот, пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, со закон и со овој Деловник.

МАНДАТИ

Членот 20 од Деловникот вели дека Собранието од редот на пратеници избира претседател и најмногу до двајца потпретседатели на Собранието, за време од четири години. Потпретседателите се избираат од редот на различни пратенички групи. Според член 21 од Деловникот, кандидатот за претседател на Собранието го предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која пак според член 19 ја избира Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку десет пратеници и во неа се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од пратеничките групи и од независните пратеници. Овој член вели и дека кандидат за претседател на Собранието можат да предложат најмалку 20 пратеници, а пратеникот може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието. Според член 23, до изборот на претседател на Собранието со него раководи претседавачот кому му помагаат тројца пратеници, кои на предлог од претседавачот ги определува Собранието. Пратеникот има право да гласа само за еден од предложените кандидати за претседател на Собранието. Доколку пратеникот гласа за повеќе кандидати за претседател на Собранието, гласањето се повторува. Членот 24 од Деловникот вели дека за претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Ако за претседател се предложени двајца кандидати и ако на првото гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, гласањето се повторува. Ако за функцијата претседател на Собранието се предложени тројца или повеќе кандидати, гласањето се повторува за двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови на првото гласање. Ако меѓу кандидатите со најголем број гласови има кандидати со ист број гласови, гласањето се повторува за сите кандидати со најголем број гласови. Ако и на повторното гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Одредбите на овој Деловник што се однесуваат на предлагањето на кандидат и изборот на претседател на Собранието, се применуваат и на предлагање на кандидати и избор на потпретседатели на Собранието (член 26 од Деловникот).

Во согласност со член 90 од Уставот на РМ претседателот на РМ е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Според член 106 од Деловникот, претседателот на Собранието, во рок од три дена од денот на приемот на известувањето од претседателот на Републиката, ги известува пратениците за кандидатот за претседател на Владата (мандатор). Мандаторот во рок од дваесет дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува предлог за состав на Владата и програма. Предлогот за состав на Владата и програмата, претседателот на Собранието ги доставува на пратениците веднаш, а најдоцна десет дена пред денот определен за седницата на која се врши изборот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинство од вкупниот број пратеници.

ПРАТЕНИЦИ

Според Државната изборна комисија, Коалицијата "За Македонија заедно" има освоено 59 пратенички места, Коалицијата ВМРО- ДПМНЕ 34, ДУИ 16, ДПА 7, ПДП 2, а НДП и СПМ по едно пратеничко место. Во "Единицата" Коалицијата "За Македонија заедно" освои 12 мандати, а пратеници од оваа Изборна единица најверојатно ќе бидат: Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска, Лилјана Поповска, Илија Филиповски, Игор Ивановски, Андреј Жерновски, Елеонора Петрова - Митевска, Љупчо Јордановски, Јани Макрадули, Каролина Ристова, Зоран Шапуриќ и Борис Кондарко. Во втората, третата и четвртата изборна единица оваа Коалиција освоила11 мандати: Од "Двојката" нејзини пратеници треба да бидат: Трифун Костовски, Владо Бучковски, Јован Манасиевски, Иван Стоилковиќ, Неждет Мустафа, Рафет Муминовиќ, Иван Анастасовски, Славица Гркова, Ристе Беслимовски, Петар Апостолов и Славица Станковска. Од третата Изборна единица: Тито Петковски, Славко Петров, Мите Николов, Каме Петров, Ванчо Ѓорѓиев, Наташа Биковска, Соња Лепиткова, Јордан Михајловски, Ангел Димитров, Благој Голомеов и Никола Апостолоски. Во "Четворката" Коалицијата "Заедно" освоила 11 мандати: Петар Гошев, Ѓорѓи Спасов, Тале Герамитчиоски, Цветанка Иванова, Ана Андова, Никола Ќуркчиев, Роза Тупузова - Каревска, Јанаќе Витановски, Драган Ѓорѓиев, Лилјана Ивановска, Никола Б. Камчев. Во "Петката" - 10 мандати: Никола Поповски, Ангелка Пеева - Лауренчиќ, Томе Тромбев, Ќенан Хасипи, Цветанка Гашоска, Светле Јанеска, Кире Гештаковски, Слободан Најдовски, Владо Илиевски, Коста Прешоски. Во Изборната единица број 6 Коалицијата "Заедно" овоила 4 мандати: Илинка Митрева, Зоран Томиќ, Славе Арсовски и Тасим Сулејманоски.

Коалицијата ВМРО- ДПМНЕ и ЛП, според ДИК, во "Единицата" освоила пет мандати , а во "Двојката" освоила четири. Од "Единицата" најверојатно пратеници ќе бидат: Никола Груевски, Зоран Крстевски, Петар Наумовски, Ѓорѓи Оровчанец и Живко Попов. Од "Двојката": Стојан Андов, Љупчо Балковски, Чедомир Краљевски и Коце Трајановски. Во Третата изборна единица оваа Коалиција освоила 8 мандати: Љубе Бошкоски, Сашко Кедев, Слободан Даневски, Ѓорѓи Трендафилов, Михајло Георгиевски, Ванчо Стаменков, Марија Којзеклиска и Ристо Пеоски. Во "Четворката" 9 мандати: Марјан Ѓорчев, Жарко Караџоски, Силвана Бонева, Љупчо Мешков, Орданчо Тасев, Блаже Стојаноски, Ѓорѓе Палошковски, Илија Србиновски, Ефтим Манев. Во "Петката" седум мандати: Љубчо Георгиевски, Слободан Чашуле, Спиро Мавровски, Драго Шајноски, Ристана Лалчевска, Илија Китаноски, Аднан Ќахил, а од "Шестката" влегува Ганка Самоиловска - Цветанова.

Според ДИК, Демократската унија за интеграција во Првата, Втората и Петтата изборна единица има освоено 2 мандати, а во "Шестката" 10. Рафис Алити (командант М'суси) и Фазли Велиу се од "Единицата", а Хисни Шаќири и Назми Беќири од "Двојката". Од "Петката" се Г'зим Острени и Азис Положани, а од "Шестката" Али Ахмети, Теута Арифи, Хазби Лика (командант Чела), Невзат Бејта, Агрон Буџаку, Талат Џафери, Еуп Рустеми, Абдилаќим Адеми, Џеладин Шатку, Хусеинџеват Хусеини.

ДПА, според ДИК, во "Единицата", "Двојката" и "Петката" имаат освоено по еден мандат, а во "Шестката" - 4. Од "Единицата" е Мендух Тачи. Од "Двојката" - Фатмир Асани, од "Петката" - Џевдет Насуфи, а од "Шестката" - Арбен Џафери, Зејди Џелили, Ружди Матоши (командант Матоши) и Илјаз Халими.

ПДП, според ДИК, има освоено еден мандат во Втората и во Шестата изборна единица и тоа: Исмет Рамадани од "Двојката" и Абдурахман Алити од "Шестката".

Според ДИК, НДП во Втората изборна единица има еден мандат, а Џазаир Шаќири најверојатно е идниот пратеник од оваа Изборна единица.

СПМ, според ДИК, има еден мандат во Третата изборна единица - Љубисав Иванов - Ѕинго.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"