ПОЛИТИКА

Гласањето ни донесе екс-команданти на ОНА во власта

ТЕРОРИСТИТЕ СЕ НАМЕСТИЈА ВО ПАРЛАМЕНТОТ!

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Американската администрација најави дека ќе ја разгледа можноста за симнување на Ахмети од "црната листа" на САД, потврдувајќи ја посредно поддршката за човекот за кој Европејците велат дека е најзаслужен за мирните избори во неделата. Но, Европејците исто така забораваат дека истиот тој Ахмети е заслужен и за над 70 убиени бранители, за многу протерани Македонци и за оние кои се уште се водат како киднапирани.
  • Портпаролот на Стејт департментот ги коментирал и изјавите на македонските власти дека Ахмети ќе биде уапсен поради воени злосторства за време на кризата во Македонија. Рикер нагласил дека тоа нема да биде на дневен ред, бидејќи американската администрација јасно и порачала на новата македонска влада да "не го ниша чамецот". Очигледно, Западот и натаму ќе ни се меша во водењето на државата!

Во новиот парламентарен состав со "волјата" на граѓаните од албанска националност се најдоа многу довчерашни припадници на озлогласената терористичка ОНА, како и нивниот лидер Али Ахмети. Во Изборната единица број 1 од ДУИ место во законодавниот дом си обезбедија Рафис Алити (командант М'суси) и Фазли Велиу. Во "Двојката" од ДУИ довербата на народот ја добија Хисни Шаќири (пратеник од претходниот состав кој и се приклучи на ОНА) и Назми Беќири. Во ИЕ број 5 два мандата се за ДУИ - Г'зим Острени и Азис Положани. Во "Шестката" ДУИ освои 10 места во чии редови покрај Али Ахмети ќе влезат и првата Албанка во македонскиот парламент - Теута Арифи, но и командант Чела - Хазби Лика, Невзат Бејта, Агрон Буџаку, Талат Џафери, Еуп Рустеми, Абдилаќим Адеми, Џеладин Шатку, Хусеинџеват Хусеини. Од ДПА во оваа Изборна единица гласовите ги доби и Ружди Матоши, алијас командант Матоши.

Според шпекулациите, Али Ахмети преку странски претставници во Македонија наводно веќе му испратил порака на СДСМ дека во коалицирањето нема да бидат предложени личности кои беа експонирани во ланскиот конфликт како што се: Г'зим Острени, Фазли Велиу, Рафис Алити (командант М'суси), Хисни Шаќири и тој самиот.

Ќе им скрои ли Коалицијата "За" ново руво на терористите?!

Од терорист до министер за внатрешни работи? - вакви филмови се снимаат само во Македонија!!

Партијата на Али Ахмети, а подоцна можеби и тој лично, мора да бидат застапени во новата македонска влада, предводена од социјалдемократите на Бранко Црвенковски, изјави висок претставник на меѓународната заедница од една европска метропола. Западните дипломати со нетрпение очекуваат да го слушнат планот на Црвенковски чии соработници ги брифираа новинарите, соопштувајќи им дека коалицијата со Демократската унија за интеграција (ДУИ) е неизбежна и дека се бара "модус" како таа да се оствари. Американската администрација најави дека ќе ја разгледа можноста за симнување на Ахмети од "црната листа" на САД, потврдувајќи ја посредно поддршката за човекот за кој Европејците велат дека е најзаслужен за мирните избори во неделата. Но, Европејците исто така забораваат дека истиот тој Ахмети е заслужен и за над 70 убиени бранители, за многу протерани Македонци и за оние кои се уште се водат како киднапирани.

МОЌТА НА ДУИ

Гласањето за ДУИ имаше висок процент и таа партија мора да се вклучи во владата. ДУИ мора да остане умерена, бидејќи за време на кампањата веќе покажа дека е умерена. Затоа, сега им треба признание од другите. Практична реалност е дека ДУИ е легитимен партнер и затоа составувањето на коалицијата мора да се изведе тивко и внимателно - вели западниот дипломат.

Според него, не би било добро ако раководството на ДУИ и "познатите личности" се вклучат во власта веднаш или преку ноќ, туку тоа треба да се прави постепено. Дипломатот потенцираше дека во моментов на СДСМ му е неопходна умна политика и многу храброст, зашто ако ДУИ не влезе во владата, ќе се создаде простор за конфронтирање на Македонците и Албанците. Сепак, тој порача "ДУИ да биде стрплива". Извори во СДСМ велат дека коалицијата со ДУИ е неизбежна и дека таа ќе мора да се остварува постепено со личности што се прифатливи и некомпромитирани во јавноста.

Волјата на албанското гласачко тело е јасна и недвосмислена. ДУИ доби поддршка од две третини од гласачите. Политичката изолација на партија со такво доминантно мнозинство би била проблем за развојот на демократските процеси во Македонија. Сепак, конечната одлука за коалицирањето ќе ја донесат надлежните партиски органи - изјави Јани Макрадули, еден од портпаролите на коалицијата "За Македонија заедно".

Покрај партијата на Ахмети, СДСМ бил заинтересиран ПДП да биде нејзиниот втор коалициски партнер од албанскиот блок. ДПА на Арбен Џафери јавно соопшти дека нема намера да учествува во новата влада, бидејќи изборната победа и припаѓа на ДУИ. Сигнали за неизбежноста на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ доаѓаат и од САД. Филип Рикер, портпарол на американскиот Стејт департмент, не ја исклучил можноста Владата на САД да ја разгледа опцијата за симнување на Али Ахмети од "црната листа" на лица опасни за безбедноста на регионот, што ја состави администрацијата на претседателот Џорџ Буш.

Досегашното однесување на Али Ахмети беше конструктивно и затоа е можно да го разгледаме неговиот случај, за да може да биде симнат од црната листа на претседателот Буш - изјавил Рикер за приштинскиот весник "Зери".

Портпаролот на Стејт департментот ги коментирал и изјавите на македонските власти дека Ахмети ќе биде уапсен поради воени злосторства за време на кризата во Македонија. Рикер нагласил дека тоа нема да биде на дневен ред, бидејќи американската администрација јасно и порачала на новата македонска влада "да не го ниша чамецот".

Агрон Буџаку, портпарол на ДУИ, ги демантира шпекулациите дека Али Ахмети ќе се откаже од своето пратеничко место, како што објави "Њујорк тајмс". Според Буџаку, Ахмети зборувал во поширок контекст и нагласил дека борбата на ОНА не била за фотелји, туку за правата на Албанците.

Нашиот лидер Ахмети ќе биде таму каде што ќе биде најпотребен - изјави Буџаку. Со оваа изјава, значи, лично Ахмети ќе го гледаме на парламентарната говорница, ако не и во Владата, кога САД вели дека ќе го симне од "црната листа".

КОАЛИЦИЈА?

Се уште е рано за започнување разговори за формирање на новата влада и нашето учество во неа, изјави потпретседателот на ДУИ, Теута Арифи.

На прашањето дали ќе може да потврди дека ќе се бараат министерските места за одбрана и за полиција, таа не можеше да прецизира, затоа што, како што рече, се уште се пресметуваат резултатите, да се добие понуда за учество во власта, како и да се започнат разговори за платформите врз кои би се правела евентуалната коалиција.

ДУИ секако ќе оди со платформа каде што ќе бара сериозно учество во извршната власт, особено во делот на безбедносниот систем и во делот околу имплементацијата на Рамковниот договор, изјави Арифи.

Во ДУИ не можеа да ги потврдат шпекулациите дека нивниот лидер Али Ахмети не е заинтересиран за евентуално лично учество во власта. Според неформални извори, сепак, се шпекулира дека поранешниот водач на ОНА, и покрај тоа што практично веќе е пратеник, нема намера да седне во парламентарните клупи, ниту пак да учествува во извршната власт.

Осврнувајќи се на условите под кои би влегле во владина коалиција со СДСМ, Буџаку нагласи дека немаат намера да изигруваат декор во власта и да прифатат министерства за "контингенти", социјала..., туку доколку сакаат да преземат одговорност за економските и политичко-безбедносните текови во земјата, мораат да добијат контрола над еден од трите витални ресори - Министерството за одбрана, МВР или МНР.

Морам да нагласам дека ние во власта не влегуваме од лични амбиции и бизнис-интереси, туку исклучително за доброто на државата. Доколку сакаме активно да се интегрираме во и надвор од институциите на системот, мораме и активно да бидеме вклучени во него, тврди Буџаку.

Засега, потенцира тој, се уште немаат преговори со претставниците на СДСМ околу поделбата на "владиниот" колач. Но, додава тој, тие цврсто ќе опстојат на својот став за "конструктивен" влез во владиниот кабинет и покрај индиректните "поздрави" кои СДСМ им ги упатува преку медиумите, дека нема да прифати условувања и дека социјалдемократите се тие кои ќе ги диктираат правилата на игра. ДУИ, вели Буџаку, освен добиените честитки за изборната победа од ПДП и НДП, никогаш не разговарала со нив за нивен влез во Парламентот.

Скептиците на сето ова би коментирале дека нормално е бившите команданти на ОНА да бараат министерски позиции во МВР или МО, бидејќи де факто во нив би се чувствувале мошне природно, оти тие се нивна специјалност!?


На прашањето дали Али Ахмети, и покрај тоа што нема да биде член во Владата, ќе ги донесува сите клучни одлуки кои се однесуваат за албанскиот дел во Владата, портпаролот на победничката коалиција, Макрадули, е со став дека и Џафери не беше инволвиран во Владата, но беше доминантен во креирањето на политиката заедно со Георгиевски. Околу тврдењата дека ДУИ веќе побарала да добие едно од министерските места во безбедносните ресори, како услов да биде партнер во Владата, Макрадули одговори дека за тоа ќе се разговара дури откако ќе се заврши изборниот процес и кога ќе се конституира новиот состав на македонскиот Парламент.

ДПА веќе со именувањето на поранешните команданти на ОНА на челните позиции во најважниот тетовски огранок на ДПА, му порача на Ахмети дека нема ексклузивитет на она што војната им го донесе на Албанците и отиде чекор понатаму промовирајќи ја новата партиска стратегија според која ДПА не запира на она што им го донесе охридскиот Договор на Албанците и себеси се става во функција на вербалниот радикализам.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"