Дека на новата влада ќе и бидат малку и стоте дена мир од опозицијата, е
повеќе од јасно, затоа што е потешко од разурнато, разграбено и украдено
повторно да се изгради, да се врати, барем, во претходна состојба, отколку
да се почне од почеток. Обезбеденото парламентарно мнозинство е навидум
комотно, затоа што во услови на консензуална демократија, што е инсталирана
со уставните амандмани, за кои Бранко и неговите гласаа сите "за", нема да
биде лесно донесување многу одлуки затоа што другите заедници ќе
треба да дадат согласност. Втор "жежок костен" со кој новата влада ќе мора
да се справи, доколку нема страв од изневерување на изборните ветувања на
првиот чекор, е обелоденување на криминалот, грабежот и корупцијата
на претходната влада, основна причина поради која таа замина во опозиција.
ГОВОР
Индикативен е прошталниот говор на Љубчо во неделата по полноќ.
Неговото признавање на поразот и упатената честитка до победникот, се
асоцијативни поради следново. Бранко постапи исто така во ноемвриската ноќ
во 1998, кога стана свесен за изборниот пораз. Тогашната опозиција трубеше
наголемо дека Владата на СДСМ е заглибена во тутунски незаконски трансакции,
особено со пласманот на македонски цигари преку "Македонија табак" на
пазарите на бившите ју-простори, премолченото пробивање на економското
ембарго против СР Југославија, неуспехот на проектот "А - 4" поради
нереализираните провизии...
Во текот на своите четири години Љубчо го надмина Бранко, ако по ништо
друго, барем по тоа што никој не го обвини дека е најбогат Премиер на
Балканот и пошироко. Но, и врапчињата знаат дека од премиерско место не се
заминува необезбеден, особено не ако по две години на локални, а по четири
на парламентарни избори, направи две кампањи, а во меѓувреме и три масовни
митинзи што, сите заедно, чинат доста скапо - девизни бројки со шест нули.

На здравје победа, ама и проблеми!
Во таа ноемвриска ноќ, пред четири години, Бранко се поттури со пепел, за
утредента на кафе-муабет да му ја предаде власта на Љубчо. Тој ја презеде
премиерската палка и продолжи онаму каде што неговиот претходник застана:
десет отсто приватизација на она што остана неприватизирано, ги продаде
ОКТА, Телеком, Стопанска банка, Бучим, Фени... го узурпира имотот на
"Македонија табак" и ја формира "Македонија табак 2000", исчистена од сите
долгови, за преку Тутунскиот комбинат во Куманово да прошверцува над 1.200
тони нелегално произведени цигари. Комбинатот во Прилеп го доведе на ниски
гранки затоа што инаетчиите од градот под Марковите кули се спротивставија
да влезат во шемата на тутунската мафија.
АФЕРА
И покрај гласните обвинувања на сметка на Бранко и неговата Влада, Љубчо
не отвори ниту една афера, не покажа ничии валкани алишта, не покрена ниту
една кривична пријава. Таквата "амнестија", сведоци сме сите, траеше до
месец дена пред овие избори. Љубчо преку брат Љубе почна да објавува
покренување кривични пријави против фронтмените на СДСМ, не за да ги седне
на обвинителна клупа, туку да се обиде да им го извалка реномето пред
гласачите. Ќор-фишек, како и сите други претходни. Тоа што Бранко остана
нечепнат за време на мандатот на Љубчо, не подразбира дека има безгрешни.
Повеќе е веројатно дека довчерашниот Премиер со таквото пасивно однесување
си обезбеди алиби за себе лично, а веројатно и за ергените кои во
негово име, од Македонска банка, Македонска книга, Фондот за здравство,
Македонија табак 2000 и многу други афери, успеа да стане најбогат премиер.
Според Јанко Бачев, довчерашен начелник на ДБК, Љубчо тежи најмалку 500
милиона евра. Овој податок тој го објави на пет дена пред изборите и не беше
демантиран. Се сомневам дека Бранко ќе успее да се надмине себе си.
Многумина се обиделе тоа да го сторат, но малкумина успеале, затоа што е
најтешко да си она што не си. Поради оваа аксиома, се поставува, со сета
сериозност, следново прашање: Дали МВР со новиот министер, кој ќе биде
полицаец, а не квази-поет и рецитатор, ќе смогне сили да му достави валидна
документација на Обвинителството за криминалот на Љубчо и неговите, или и
Бранко ќе ги чува сите криминални факти за ДПМНЕ и ДПА до месец дена пред
следните избори, за да му послужат како предизборен адут? Сите што имаат
слободен и рационален ум се убедени дека се очекува да се случи второто!
Слободата за таква амнестирачка политика на досегашните влади во Македонија,
па и оваа, најновава, ја наоѓа во слабото паметење на македонските граѓани.
Тие се уште се далеку од чувството дека имаат ум и разум, дека треба да
носат суд со своја глава, а не она што им го сервираат политичките партии
преку премоќните средства за масовна комуникација. И на овие избори масовно
се гласаше "против", а не "за". СДСМ го симна од власт ДПМНЕ
не затоа што Бранко недвосмислено вети дека ќе го реши прашањето на
безбедноста и мирот, економскиот развој, вработувањето, општата сигурност и
благосостојба... туку своите батерии ги наполни со катастрофалното владеење
на Љубчо. Кога некој своите успеси ги гради на туѓата слабост, а не на
сопствената способност, не може да гарантира дека кога ќе му се даде
кормилото на државата во раце, ќе се потпира на неговите способности, затоа
што - ги нема.
За крај една побенигна работа: Упатувам јавен повик до Бранко и Љубчо,
како и другите политички лидери, помали или поголеми, да им дадат налози на
нивните довчерашни шефови на изборните штабови, а тие подолу да ја
пренесат наредбата: Сите ѕидови, столбови, скали во ТЦ "Скопјанка" и од
подземниот премин под булеварот "К.Ј. Питу" во Скопје, да ги исчистат од
нивните изборни плакати. Убеден дека сите слободни површини во градовите и
селата во цела Македонија што не се наменети за рекламирање се урнисани со
партиски плакати, од кои насмевнатите и разубавени кандидати и натаму нудат
оптимистичка визија, а изборите завршија... Како и да е, на сите ѕидови,
столбови, скали, струјни трансформатори... да им го вратиме нивниот изворен
изглед и сјај, зашто само така тие се тоа, а не нагрдени и осакатени. По
свадбата нема логика невестата уште да се покажува на сватовите колку е
убава. Ако добивме комплименти дека овие избори го покажаа високото ниво
на нашата граѓанска зрелост, со расчистувањето на изборната иконографија
уште повеќе ќе се убедиме себе, а и другите, дека примитивизмот како
национална одлика, конечно, е далеку зад нас.