ПОЛИТИКА

Тетово и Гостивар меѓу војната, изборите и гетоизацијата

ЕУФОРИЈА ВО СВЕТОТ НА ИНЦИДЕНТИТЕ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • На самиот градски плоштад каде на 14 март минатата година почнаа пукотниците од Тетовското Кале, денес можат да се евидентираат само две знамиња на Република Македонија кои им пркосат на мнозинството знамиња на друга држава. Дали соодносот на присутноста на наведените знамиња индиректно кажува друга приказна или пораката е прашање за дискусија? Од друга страна, гетата се повеќе се обележје на она што реално му се случува на градот.
  • Во јавните институции во Гостивар нема столче каде да седнат нововработените кадри од ВМРО-ДПМНЕ и од ДПА. На некои им се тресат коските од најавените "чистки" и од губењето на меката фотелја. Неофицијално, некои "функционери" од овој град завршиле и на инфузија, но и на брза помош соочени со неочекуваниот пораз кој ни локумите не можеа да го ублажат. Од победничката коалиција само си ги тријат рацете.
  • Немам ништо против ВМРО-ДПМНЕ, но ми пречеа оние нивни неписмени кадри кои преку ноќ од "магаре" рипнаа на "мечки" кревајќи ја не само главата, ами и носот, вели една постара госпоѓа од Гостивар. Животот е тркало, а народот знае да ги измени работите, додава таа.

Западот на Република Македонија кој минатата година беше во пламен, за жал и денес не е оаза на мирот! Тетово и Гостивар се во постизборна еуфорија проследена со вообичаените инциденти.

Некогаш најфреквентната делница во Македонија, Скопје - Тетово - Гостивар, во денешни услови е со многу понамален интензитет на движење на возилата. Забележливо е присуството на полициските патроли од мешовит состав кои го контролираат патот. Сепак, непријатното чувство не може да избледи кога се поминува покрај Карпалак и покрај ресторанот "Ловец" каде што пред извесно време имаше петмина киднапирани. Во секој поглед овој автопат е морничав и само во случај на неопходна нужда, патниците се осудуваат да го поминат. Сигурно ќе биде потребно многу време за да се заборави она што се случуваше, но и инцидентите што се случуваат.

Не мислам многу на она што може да ми се случи кога одам кон Тетово, бизнисот ме принудува да патувам. Знам дека главата ја ставам во торба и гледам барем денски да ги завршам обврските, вели еден постојан минувач на оваа делница.

ДЕКОР

Во Тетово се уште се повеќе од забележливи остатоците од неодамнешните изборни активности. Градот како главен декор ги има знамињата. Но, долж главниот булевар на бандерите се развеани знамињата на Република Албанија и се разбира на победничката албанска партија ДУИ. Во која ли држава живееме е прашање кое сигурно многумина Македонци си го поставуваат. Изненадувачко е што на околните станови во централното градско подрачје од нечиј прозор или балкон се веат македонски знамиња, но има и знамиња од поранешнатата СФРЈ. Значи, во градот се уште има и Македонци, но и такви со носталгија по "Титова Југославија". Во секој случај, одраз на храброст наспроти напливот на евидентната албанска доминација.

^ии знамиња се веат и во која држава е Тетово?

На самиот градски плоштад каде на 14 март минатата година почнаа пукотниците од Тетовското Кале, денес можат да се евидентираат само две знамиња на Република Македонија кои им пркосат на мнозинството знамиња на друга држава. Дали соодносот на присутноста на наведените знамиња индиректно кажува друга приказна или пораката е прашање за дискусија? Од друга страна, гетата се повеќе се обележје на она што реално му се случува на градот. Македонските гета на самиот влез се со големи знамиња со македонски симболи кои укажуваат и на македонската територија во која влегувате! Тетовци, и покрај сите преживеани маки и стресови, се во исчекување на подобри времиња со промената на власта во државава. Она што е олеснително е фактот дека и покрај заплашувачките крвави сценарија за време на парламентарните избори, сепак се протече мирно, со исклучок на Лешок.

Масовните вработувања од страна на владејачката партија на заминување и тука се присутни. Некои плачат за изгубените позиции, некои му се радуваат на она што ќе го добијат. Но, ДУИ во секој поглед ја засени ДПА која беше некрунисан цар во градот и нивните шаховски потези се повеќе од застрашувачки!

"Дивиот запад" и понатаму си го задржува својот епитет. Киднапирањата со уцени за изнудување пари, убиствата на работно место, пукањето во каубојски стил и натаму ја потврдуваат тезата дека Тетово наликува на град од некој вестерн филм. Има ли шанси за нормален живот?

СЛАВЈЕ

Градот кој пред само неколку недели ги даде своите жртви во воената криза, се уште е во знак на жалост за двајцата полицајци, но и во фаза на победничка постизборна еуфорија.

Гостиварци своите погледи и надежи ги насочуваат кон новата власт

Федерализацијата на западна Македонија - нечија фантазија, фобија или...?

Гостивар, исто како Тетово, е изналепен со плакати и изнакитен со знамиња, но за да се види македонското знаме потребен е голем напор, бидејќи тоа е вистинска реткост. За разлика од нашето национално знаме, знамињата на ДУИ и на Република Албанија наголемо се веат насекаде низ градот. Гостивар е зацрнет од сијамските црни орли. Наспроти тоа, гостиварци еуфорично ја слават новата промена на македонската политичка сцена.

Среќа што имало спас од овие "ВМРО-вците", вели еден повозрасен гостиварец. Испокрадоа се што најдоа. Не доведоа до војна, без леб не оставија, до питачки стап не запустија. Белким овие од СДСМ ќе бидат поумни и нема да прават грешки како "ВМРО-вциве" или да ги повторуваат сопствените грешки. Народот знае и да казнува, затоа и изгубија во 1998 година. Ние им ја дадовме довербата, останува на нив да ја оправдаат и да ја сочуваат државава, но и да создадат услови за нормален живот и егзистенција, критичен е нашиот соговорник.

Белким гласот на народот ќе допре до вистинското уво кое ќе знае да благослови како што е редот!

И гостиварците - Албанци се радуваат на изборните промени.

Луѓето на Џафери беа вистински криминалци. Со рекетарство, корупција, шверц, проституција - нема иднина, вели еден Албанец од Гостивар.

По принципот "грабај додека можеш" и во Гостивар е присутна постизборната треска за вработување на кадрите на власта на заминување. Во јавните институции во Гостивар нема столче каде да седнат нововработените кадри од ВМРО-ДПМНЕ и од ДПА. На некои им се тресат коските од најавените "чистки" и од губењето на меката фотелја. Неофицијално, некои "функционери" од овој град завршиле и на инфузија, но и на брза помош соочени со неочекуваниот пораз кој ни локумите не можеа да го ублажат. Од победничката коалиција само си ги тријат рацете.

Немам ништо против ВМРО-ДПМНЕ, но ми пречеа оние нивни неписмени кадри кои преку ноќ од "магаре" рипнаа на "мечки" кревајќи ја не само главата, ами и носот, вели една постара госпоѓа од Гостивар. Животот е тркало, а народот знае да ги измени работите, додава таа.

Обичните граѓани, неинволвирани во политиката, лупат пиперки и подготвуваат зимници. На обичниот човек му е потребно многу малку за да биде среќен. Македонецот искален низ историјата бара само мир, можност да биде продуктивен, нормално вреднување на својот труд, да не размислува дали може да си дозволи да купи млеко или тетратки за своето дете и чувство за сигурност кога ќе биде во можност да појде на излет или на одмор на некое убаво место. Дали Македонецот бара премногу кога сака да биде свој на своето, кога бара функционирање на правната држава, ред и закон како во преостанатиот цивилизиран и нормален свет?

Ќе го дочекаме ли тој ден кога "дивиот запад" ќе престане со "дивеењето" и ќе биде под целосна контрола на оние кои се задолжени за тоа, а обичните граѓани нема да водат битка за "гола егзистенција"?!


За време на минатиот викенд, нешто по полноќ, непознати сторители од патничко возило БМВ истрелале рафали во станбена зграда на булевар "Маршал Тито" во Тетово. За среќа никој не настрадал, а куршумите завршиле во фасадата и низ прозорците во таванот на една кујнска просторија. Како мета на истрелите се претпоставува дека бил станот на активистот на СДСМ, поранешен претседател на Општинската организација во Тетово и екс-директор на Електродистрибуција во Тетово, Ристо Јаневски.

Според друга претпоставка, било стрелано над катот на Јаневски каде неговиот сосед на балконот имал истакнато знаме на поранешна СФРЈ.

Тетовската полиција трага по сторителите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"