| |
Четврток 19.9. 2002
Тетово: Од синоќа до изутрината,
според Секторот за внатрешни работи од Тетово, се евидентирани рафални и
поединечни истрели од Слатино, Непроштено, Теарце, Пршовце, Отушиште, Одри,
Требош, Озормиште, Палатица, Челопек, Радиовце и Жеровјане.
Ноќта повеќепати се регистрирани истрели во комплексот објекти над Теќето,
од реонот на касарната "Кузман Јосифовски - Питу", Медицинскиот центар,
населбите Купеник, Горна Чаршија и Вонвардарска и од други реони на градот,
а истрелите не биле упатени кон директни цели
Петок 20.9. 2002
Тетово: Во тетовскиот регион
изминатата ноќ се слушаа истрели од повеќе видови пешадиско оружје кои
изутринава престанаа. Според СВР Тетово, од синоќа до изутринава се
регистрирани рафални и поединечни истрели од Слатино, Непроштено, Теарце,
Пршовце, Одри, Требош, Озормиште, Палатица, Стримница, Радиовце, Челопек и
Жеровјане.
Евидентирани се повеќе истрели од населбите Купеник, Горна Чаршија,
Циглана и Вонвардарска, како и од поголемите станбени комплекси во Тетово.
Директорот на Медицинскиот центар во Тетово, Раим Тачи, информира дека
околу два часот по полноќ во болницата бил пренесен осумнаесетгодишниот
Менсур Јашари од Нераште без знаци на живот.
Според Тачи, Јашари подлегнал на раните нанесени од истрели од огнено
оружје во пределот на градите.
Сабота 21.9. 2002
Тетово: Според СВР Тетово, ноќеска
се регистрирани рафални и поединечни истрели од Слатино, Непроштено, Теарце,
Пршовце, Одри, Требош, Озормиште, Палатица, Стримница, Радиовце, Челопек и
Жеровјане.
Евидентирани се повеќе истрели од населбите Купеник, Горна Чаршија,
Циглана и Вонвардарска, како и од поголемите станбени комплекси во Тетово.
Недела 22.9. 2002
Тетово: Рафални и поединечни
истрели се евидентирани од централното градско подрачје, од реонот околу
деловниот комплекс и зелениот пазар, Медицинскиот центар, железничката пруга,
Музичкото училиште, Основното училиште "Братство Миѓени" и од Теќето.
Пукотници имало и во Боговиње, Челопек, Радиовце, Жеровјане, Стримница,
Палатица, Требош, Порој, Џепчиште, Слатино, Теарце и Пршовце.
Понеделник 23.9. 2002
Тетово: Во Тетово и околината во
текот на изминатата ноќ се слушаа канонади од рафални и поединечни истрели
од повеќе видови пешадиско оружје, чиј интензитет беше поголем околу полноќ.
Повеќепати рафални и поединечни истрели се евидентирани од централното
градско подрачје, од реонот околу деловниот комплекс и зелениот пазар,
Медицинскиот центар, железничката пруга, Музичкото училиште, Основното
училиште "Братство Миѓени" и од Теќето.
Истрели се регистрирани и од Боговиње, Челопек, Радиовце, Жеровјане,
Стримница, Палатица, Требош, Порој, Џепчиште, Слатино, Теарце и Пршовце.
Околу 23,30 часот во Тетово се слушнаа две детонации кои наидуваа од
пониските падини на Шар Планина. Според Секторот за внатрешни работи во
Тетово, детонациите се од активирани, засега непознати експлозивни направи
во реонот на селото Гајре.
Вторник 24.9. 2002
Тетово :
Во текот на изминатата ноќ во Тетово и
околината се слушаа истрели од повеќе видови пешадиско оружје. Ноќеска
повеќепати се евидентирани истрели од Теќето, Текстилниот училишен центар "Ѓоце
Стојчески", Медицинскиот центар, зелениот пазар и поголемите станбени
комплекси.
Рафални и поединечни истрели се регистрирани и од месноста Расадиште крај
патот Тетово - Попова Шапка, Челопек, Радиовце, Жеровјане, Гајре, Лисец,
Теарце, Пршовце и Озормиште.
Среда 25.9. 2002
Тетово: Ноќеска повеќепати се
евидентирани истрели од Тетовското Теќе, Текстилниот училишен центар "Ѓоце
Стојчески", Медицинскиот центар, зелениот пазар и поголемите станбени
комплекси, блок 70, блок 82 и Пржова Бавча. Пукано е и од улиците Цетинска и
Вонвардарска.
Истрели се регистрирани и од месноста Расадиште крај патот Тетово -
Попова Шапка, Челопек, Радиовце, Жеровјане, Гајре, Лисец, Теарце, Пршовце и
Озормиште, Нераште и други села.
Ахмети стана "Мајка Тереза"?!
Поранешниот претставник на мисијата на ОБСЕ во Македонија, а до неодамна
и амбасадор на ОБСЕ во Албанија, Герт Аренс, изразил јавно чудење во
Вашингтон како е можно Али Ахмети, за кого во негово присуство во Тирана
генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, изјавувал дека е крадец и
убиец - сега да се третира небаре е "Мајка Тереза". За време на расправата
за кризата во Македонија во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон, Аренс, како
добар познавач на Балканот, исто така изјавил дека уште од осамостојувањето
Македонија имала подобро досие во почитувањето на малцинските права од
другите земји во регионот.
Македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров, кој учествувал исто така
во расправата, околу политичката иднина и прифатливоста на Ахмети и неговата
партија ДУИ изјавил дека, иако тие освоиле најмногу албански гласови на
изборите, нивната сегашна позиција се должи не на нивното државничко
однесување, туку на нивното пукање.
Агонијата на роднините на киднапираните Македонци продолжува
Надежта велат последна умира! Можеби таа е единствено нешто што им дава
сила на роднините на киднапираните да опстојат во нивната "борба".
"Веќе 14 месеци нема ни трага ни глас од нашите најблиски и оваа
неизвесност, нашите трауми повеќе не се издржуваат" - изјавија членовите на
семејствата на 12 киднапирани од Тетовско.
Нивните надежи сега се насочени кон претседателот на државата, Борис
Трајковски, кој им ветил дека ќе биде извршен нов притисок врз албанските
политички партии за да се разјасни судбината на киднапираните Македонци.
Семејствата на киднапираните посочуваат сосема конкретно на командантот
Лека и на командантот Зеко од Непроштено кои директно раководеле со
единиците на ОНА на ова подрачје и кои мора да имаат сознанија за тоа што се
случило со грабнатите Македонци.
Наскоро се очекува доаѓање на Меѓународната комисија за исчезнати лица
која работела на вакви случаи во Босна и во Косово.
Командант Лека газда на бордели
На меѓународната конференција за бело робје што деновиве се одржа во
Брисел, беше укажано дека Македонија се соочува со овој сериозен проблем
затоа што државата е и транзит и дестинација за овој вид криминал, пренесува
Радио Дојче Веле. Голем дел од работата на оваа бриселска конференција е
посветен на балканските земји, кои преку шверцот со бело робје ја
преплавуваат и Западна Европа.
Патиштата на оваа трговија со години се веќе добро познати, но борбата
против неа е исклучителна тешка, па и политички чувствителна поради
корупцијата и организираниот криминал во владите на балканските земји, е
оцената на белгиската европарламентарка, Пакси Соронсен.
Соронсен летоска ја посетила Македонија и селото Велешта кое, според неа,
е центар на овој шверц со девојки. Сопственик на најубавиот и најголем
објект "Берн" е поранешниот припадник на т.н. ОНА, командантот Лека, човек
кој сега е во најтесното раководството на ДПА. Со помош на невладините
организации, како и меѓународната организација за миграција (ИОМ) и
македонската полиција, Пакси Соронсен успеала да влезе во Велешта и да
разговара со командантот Лека. Меѓутоа, не и било дозволено да разговара со
експлоатираните девојки кои најчесто доаѓаат од Молдавија, Романија и
Бугарија.
Кормилото се префрла
Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) и ја предаде на Европската
комисија координацијата со реконструкцијата на куќите оштетени за време на
минатогодишната криза во Македонија, соопшти Делегацијата на Еврокомисијата
во Скопје.
Како што се наведува во соопштението, примопредавањето на координацијата
се случува во момент кога се обновени 85 отсто од оштетените куќи. Според
хуманитарниот координатор на ОН за Македонија, Амин Авад, повеќето оштетени
куќи ќе бидат поправени или реконструирани до крајот на годинава. Втората
фаза на програмата ќе биде насочена кон реконструкција и обнова на тешко
оштетените куќи од трета категорија и целосно уништените куќи од четврта
категорија, со што почнува реконструкцијата на приближно 800 куќи.
За поправка и обнова на домовите, владите на Австрија, Данска, Германија,
Грција, Холандија, Италија и САД, како и Европската комисија и УНХЦР,
обезбедија над 32 милиона евра.
|