Оваа операција до неодамна беше во исклучителна надлежност на Државниот
завод за статистика, а подоцна по волјата на политичарите премина во рацете
на Државната пописна комисија која сега го организира и го спроведува
попишувањето. Затоа Пописот влезе во една друга димензија која не е "вакцинирана"
од политичките влијанија и нивните националистички и екстремистички побуди
за големината и бројноста на нацијата.
ДОБРИ ОЦЕНКИ
Често пати во последниве дванаесет години лидерите на албанските партии
изјавуваа дека не се согласуваат со податоците за процентуалното
претставување на Албанците во Република Македонија, иако Пописот во 1994
година е спроведен со меѓународна стручна и финансиска помош и во присуство
на меѓународна набљудувачка мисија. Помошта и набљудувачката мисија беше
организирана од страна на Советот на Европа и Еропската унија.
Набљудувачката мисија, односно експертската група, беше составена од искусни
и докажани експерти на полето на демографијата и заштитата на личните
податоци.
Со нивна стручна помош и во согласност со препораките е изработен и
новиот Закон за попис и пописната методологија. Меѓународната наблудувачка
мисија што го следеше пописот во 1994 година беше составена од експерти од
19 европски земји. Нивната оценка за прибраните и обработените податоци вели
дека конечните резултати се утврдени со висока профеисоналност.
Тие даваат реална, јасна и веродостојна слика за демографската,
економската и социјалната ситуација во земјава. Бројките за националната и
верската припадност ги одразуваат одговорите што по слободна волја ги дале
попишаните лица, се потенцира во извештајот на меѓународната експертска
набљудувачката мисија за Пописот во 1994 година.
Затоа постојаните опструкциите што ги прават албанските политичари не
држат вода. Нивните забелешки се произволни и нестручни и постојано се во
интерес на дневно-партиската политика.
Оттаму подготовките за спроведувањето на Пописот траат со години, а
обработката и објавувањето на податоците се уште подолги. Сериозен и
квалитетен подготвен попис подразбира подготвеност на сите методолошки
материјали и инструменти за сите фази од одвивањето на процесот. Значи
потребна е една година подготовки за да може теренски да се реализира
пописот. Во текот на годината пред теренската работа се вршат
организациско-технички подготовки и популаризација на Пописот. Според
податоците од објавениот Закон за попис (Службен весник број 16, од 28
фебруари 2001 година), Пописот би чинел околу 362 милиони денари. Средства
треба да бидат издвоени од Буџетот на Република Македонија. Но, овој износ
ќе биде надминат, бидејќи на неколку пати Пописот беше одложуван од
разноразни причини. Затоа пресметките околу извршувањето на операцијата и
обработката на информациите ќе бидат поинакви.
СУПТИЛНИ ПРАШАЊА
Претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите е инфициран
со националистички политички интереси затоа што одредени политичари мешаат
баби и жаби. Мешаат поими, дефиниции и разни институции. Во дефинирањето на
лицата што ќе бидат опфатени со Пописот под графата на вкупно население е
дадено дека ќе се пресметуваат сите граѓани, кои според законските прописи
на РМ го имаат регулирано живеалиштето и престојувалиштето, како и движењето
и престојот на странците во земјава. Ваквиот став е заземен врз основа на
меѓународните препораки и врз основа на националните услови што се
применуваат во нашата држава. Европските земји кои не се членки на ЕУ при
дефинирањето на лицата што се опфаќаат со Пописот, како и лицата што се
пресметуваат во вкупното население, тргнуваат од националните закони за
живеалиште и одобрен престој. За земјите членки на ЕУ, како критериум за
опфаќање на лицата со Попис е вообичаеното место за живеење или главното
место за живеење. Вообичаеното или главното место за живеење како дефиниција
во земјите на ЕУ е соодветна од две причини: Прво, во рамките на ЕУ е
овозможено слободно движење и право на работа на граѓаните членки на Унијата.
Од тие причини, едно лице во исто време може да има две или повеќе
живеалишта. Затоа треба да се одреди во кое живеалиште ќе биде попишано.
Второ, лицата што се граѓани на земјите кои не се членки на ЕУ, за да живеат
и работат во некоја земја на Унијата, треба да имаат дозвола за работа и
дозвола за престој, односно може да има вообичаено место за живеење, се
разбира доколку го има регулирано законскиот престој во дотичната земја.
Во однос на попишувањето на државјаните на РМ кои во времето на Пописот
се отсутсни од земјава повеќе од 12 месеци, има најмногу забелешки од страна
на албанските политичари. Меѓутоа, тие сакале или не, мора да сфатат дека
попишувањето на лицата државјани на РМ, кои за време на Пописот се отсутни
повеќе од 12 месеци, може да се изврши во земјите кои ќе дадат согласност за
таа акција. Податоците се неопходни за задоволување на националните потреби,
односно за обезбедување на споредливост со минатите пописи и за обезбедување
на статистички податоци за меѓународните миграции на населението на
Република Македонија.
Еден друг аспект привлекува големо внимание кај домашната и кај
меѓународната јавност, а тоа е прашањето за употребата на јазикот во
Пописот. Тој се третира различно, но најбитно е тоа што се заборава да се
истакне дека е комуникација меѓу попишувачите и попишуваните лица и најважна
врска за успешноста на Пописот. Во тој поглед најновите измени на Уставот на
Република Македонија предвидуваат пописните листи да бидат на јазиците на
националностите, односно по ново на заедниците. Токму тука се отвораат многу
деликатни и суптилни прашања во односот на доверливоста и веродостојноста на
податоците. Според членот 46 од Законот за попис, се вели дека попишувачите
се должни да ги информираат попишуваните лица дека нивните податоци се
строго доверливи и заштитени со закон. Во наредниот член од Законот, се
наведува дека лицата што се овластени да учествуваат во спроведувањето на
Пописот како и вработените лица од Државниот завод за статистика и
договорените изведувачи се должни личните податоци што ќе ги добијат да ги
чуваат како службена тајна, за време и по завршувањето на Пописот. Сепак,
одредена доза на сомневање предизвикуваат прифатените обрасци за попишување
што ќе бидат печатени на официјалниот македонски јазик и на јазиците на
националностите кои можат да бидат предмет на фалсификување или посттик за
политичко манипулирање. Околу ова прашање последниве неколку години се дигна
голема прашина, бидејќи заштитните елементи на обрасците на неколку пати се
видоизменуваа. Притоа, конкурсот за прифаќање на најдобрата понуда за
печатење мина под влијанието на политиката, односно под пресија на
ВМРО-ДПМНЕ и неговите некогашни коалициони партнери во Владата.
ПРОБЛЕМИ
Ако се остварат законските предуслови за извршување на Пописот од 1 до 15
ноември, тогаш тој се уште ќе биде под силна пресија на политичките
збиднувања во Република Македонија. Смената на политичката власт сигурно
носи и промена на гарнитурата во Државната пописна комисија. Со доаѓањето на
новите лица - политичари се зголемува бројот на проблемите и се наметнува
постојаното прашање за нивната стручност и компетентност за да го
организираат и да го спроведаат Пописот. Истовремено, ако се потенцира
колизијата во работата и надлежностите на Државната пописна комисија и
Државниот завод за статистика, кој ги води стручните и завршните подготовки
за Пописот, се наметнува дилемата дали во овој временски теснец треба да се
сопре со завршните активности. Сето ова ја усложнува ситуацијата и ја
зголемува меѓунационалната тензија што е присутна во земјава. Затоа
прашањето за извршување на Пописот на населението, домаќинствата и становите
во Република Македонија е исклучително важно. Тоа новата влада мора да го
разреши, бидејќи сложената операција мора да биде спроведена без политичко
влијание. Притоа, владата ќе мора да оцени дали има услови за нормално
движење на попишувачите на теренот и дали постои волја за искрена
комуникација меѓу граѓаните и лицата ангажирани за пописот.