Сепак, мора да се потенцира дека сегашните услови на стопанисување се
последица на лошо водената економска политика која во последниве десетина
години негативно се одрази на македонското стопанство.
ПОКАЗАТЕЛИ
Двете политички партии кои во минатото беа носители на власта, СДСМ и
ВМРО-ДПМНЕ, за време на изборната кампања излегоа со различни оценки за
економската состојба на Република Македонија. Притоа и едната и другата
партија во нападите употребуваа економски показатели кои не можат да се
земат предвид како веродостојни. Сепак се мошне интересни за анализа,
бидејќи противниците одбегнуваат да сносат одгворност за лошото водење на
државата.
Така, на пример, нивните извори наведуваат дека во времето на владеењето
на Црвенковски (1992 - 1998 година) инфлацијата изнесувала 52,9 проценти. Во
истиот временски период цената на суровата нафта изнесувала 12 долари за
барел нафта. Во следните четири години, според партиски извори на ВМРО-ДПМНЕ,
просечната стапка на инфлацијата изнесувала 3,5 отсто, а барелот на нафта се
покачил на 28 долари.

Ќе живееме ли со пониски цени и со повисок стандард со
новите владетели?!
Девизните резерви за време на првото владеење на Црвенковски, кон крајот
на 1992 година, изнесувале 60 милиони долари, а на крајот на 1998 година 334
милиони долари. Партискиот штаб на Георгиевски тврди дека од крајот на 1998
година девизните резерви за две години, 1999-2000 година, пораснале на 714
милиони долари, односно се зголемени за 380 милиони.
Партиите спорат и околу бројот на невработените, кој според одредени
стручњаци, е еден од поглавните показатели за порастот, односно опаѓањето на
бруто домашниот производ.
За време на првиот мандат на Црвенковски, стапката на невработеност се
зголемила за 24,9 проценти, а во 1994 година таа изнесувала 34,5 отсто.
Спротивниот табор тврди дека оваа стапка на невработеност била намалена на
30,5 проценти во 2001 година. Меѓутоа, колку и да се овие информации
приближни до официјалните показатели што ги прикажуваат државните органи,
Народната банка на Република Македонија, Републичкиот завод за вработување и
Државниот завод за статистика, тие ни оддалеку не ја отсликуваат вистинската
ситуација во државава. Податоците се добиваат или земаат од различни извори,
а условите за една темелна анализа се менуваат во зависност од економските
движења во земјава и светот. Во подолг временски период Република Македонија
беше под силно влијание на воените дејствија во соседството и во земјава,
вклучувајќи го и ембаргото што Република Грција и го наметна на Македонија.
Затоа, деталната анализа на економската ситуација во земјава мора да им се
остави на независните аналитичари кои со години ги споредуваат движењата и
го предвидуваат натамошниот тек на настаните.
ФИСКАЛИЗАЦИЈА!?
Според податоците на Државниот завод за статистика во 1998 година бројот
на невработените изнесувал 284.064, а во 1999 година 261.451. Во 2000 година
показателите се приближни, 261.711, а во 2001 година 263.193. Просечната
нето исплатена плата во петтиот месец од 2001 година изнесувала 10.556
денари, додека во истиот период 2002 година изнесувала 11.096 денари.
Потрошувачката кошница на исхрана и пијалаци, што секој месец ја подготвува
Заводот за статистика, вели дека во април 2002 година едно просечно
македонско семејство морало да издвојува за исхрана 10.594 денари од кои за
жито и житни производи 2.035 денари, за зеленчук 1.629 денари, а за млеко и
млечни производи 1.694 денари. За свежо и преработено месо, четиричлено
семејство би требало да издвојува месечно околу 2.410 денари, а ако кон ова
се додадат средствата што се потребни за огрев, за хигиена, за превоз итн.
потребите се значително поголеми. Но, поголемиот дел од македонското
население не е вработено, зема плата со неколкумесечно задоцнување или живее
од социјала.
Затоа идната влада ќе се соочи со реални проблеми. Многу проекти се
започнати, а незавршени. Мора да се заврши фискализацијата. Мора да започнат
реформите во примарното здравство за да се размислува на секундарното,
односно терцијалното.
Проблемот со загубарите и натаму најмногу ќе го обременува македонското
стопанство. Приватизацијата по моделот откуп на менаџерскиот тим не успеа.
Она што потоа се случи е приказна за себе. Сомнителен влез на странски
капитал од сомнителни компании, односно фиктивни фирми ги откупуваа
македонските претпријатија за багателна цена. Не профункционира вториот
мобилен оператор. Потоа, монополската позиција на "Хеленик петролеум" која
по купувањето на ОКТА има ексклузивно право за увоз на нафта со царина од
еден процент итн.
Граѓаните од ваквиот начин на водење на државата се револтирани и
разочарани. Затоа го одбраа новиот политички правец кој ќе работи под голем
домашен, но и меѓународен притисок. Идната влада ја очекува да продолжат
преговорите со Меѓународниот монетарен фонд за новиот Стенд-бај аранжман.
Потоа за регулирање на параметрите за трошење на буџетските средства.
Намалување на бројот на вработените во државната администрација, која според
одредени аналитичари е зголемена на околу 120.000. Оваа бројка е двојно
поголема од предвидувањата на меѓународните финансиски организации кои
бараат бирократијата да се намали на 55.000.
Ова се приоритетни задачи кои мораат да се решаваат во од, но притоа мора
да се внимава и на обрските што во октомври се преземаат. Членството во
Светската трговска организација наметнува квалитетно подобрување на
учесниците во трговската размена со развиениот Запад. Тој од нас ќе бара
соодветно конкурентско однесување, но и борба против нелојалната
конкуренција, вклучувајќи го и решавањето на проблемот со монополите во
Република Македонија. Затоа идната влада ќе мора сериозно да се зафати со
водењето на РМ. Нова утка не ни е потребна, а доколку не успеат во
реформскиот курс, нашата држава ќе пропадне и ќе наликува на една од
латиноамериканските земји.