Лозарци бараат запирање на приватизацијата
Во велешки "Лозар" мора да запре приватизацијата, да се направи нов
делбен биланс и нова програма за организациона и сопственичка трансформација,
констатираа директорите и управителите од новоформираните друштва на холдинг
Компанијата. Тие се незадоволни од досегашниот начин на спроведување на
трансформацијата со која биле продадени или се во постапка на продажба петте
најпрофитни друштва: мотелот на Велешко Езеро "Лозар", млекарата, кланицата,
фармата и продавници во малопродажбата.
Директорите и управителите, чувствувајќи дека се изманипулирани, бараат
директорот Марјан Ѓошев да им даде отчет. Сакајќи да ги спречат
злоупотребите, тие донесоа одлука за стопирање на потписот на Ѓошев на
жиро-сметките на "Лозар" и повикаа инспектори од Управата за внатрешни
работи во Велес да констатираат дека во управната зграда на Компанијата ги
нема печатите на 15 друштва.
Продолжува забраната за "кожувчанка"
Министерството за здравство преку Државниот санитарен и здравствен
инспекторат соопшти дека забраната за производство и промет на минералната
вода "кожувчанка" е се уште во сила.
Оваа реакција од Инспекторатот доаѓа по најавите од одговорните од "Кожувчанка"
дека оваа минерална вода е исправна за пиење и дека нејзините сопственици
набавиле специјален филтер за деарсенизација.
Инспекторатот тврди дека повлекувањето на забраната ќе следи откако ќе
биде извршен надзор на Инспекторатот на производниот процес и ќе се докаже
здравствената исправност за производот по воведувањето на новата технологија
за деарсенизација.
ОТЕ и Телеком - далеку од договор
Вториот мобилен оператор ОТЕ и "Македонски телекомуникации" се далеку од
договор за цената на меѓусебното поврзување и нивниот спор најверојатно ќе
го реши Управата за телекомуникации.
Како што сега стојат работите, ОТЕ нема да почне со работа и една година
по официјализирањето на нејзиниот статус за втор мобилен оператор.
Преговорите меѓу ОТЕ и Телекомот паднаа во ќорсокак околу цената на
интерконекцијата. Во сите ставки околу цената двете фирми имаат крајно
поларизирани ставови, од кои е евидентно дека нема да можат да се договорат.
Според законот, во договарањето веќе се вклучи македонската Управа за
телекомуникации, која на двете страни треба да им испорача договор според
европските стандарди.
"Авиоимпекс" ќе престане да лета?
Директорот на "Авиоимпекс" Илија Смилев категорично ја демантира
информација дека "Авиоимпекс" ќе престане да лета и дека ќе банкротира, а
негова замена ќе биде авиокомпанијата "Мак ер", што допрва треба да се
формира.
Смилев тврди дека "Авиоимпекс" нема да пропадне, туку напротив дека
наскоро ќе продолжи да лета од и до Скопје. Тој вели дека не слушнал за
најавеното формирање на нова авиокомпанија, иако извори од авиобизнисот
велат дека зад "Мак ер" стои менаџментот на "Авиоимпекс".
Директорот на Управата за цивилна воздушна пловидба Миле Манолев во
изјавата за А1 вели дека од воздухопловните власти се уште не е побарано
издавање на летачка дозвола за нова "Авикомпанија" и оти "Мак ер" засега е
само судски регистрирана фирма.
Штрајк во "Тетово табак"
Осумнаесетина вработени во претпријатието "Тетово табак" кои штрајкуваат
повеќе од еден месец, не им дозволуваат на вработените во "Македонија табак
2000" да изнесат 25 тони тутун од магацините на нивната фирма. Тие со жив
штит од четвртокот наваму ги бранат резервите тутун и тврдат дека "Македонија
табак 2000" не ја почитува привремената забрана за отуѓување на имотот на "Тетово
табак", која во јануари годинава ја донесе тетовскиот Основен суд.
Среќко Ѓурчиновски, извршниот директор на "Тетово табак", тврди дека
25-те тони тутун ги откупила "Македонија табак 2000" и дека тие само се
чуваат во магацините на тетовската фирма. Вработените од "Тетово табак"
штрајкуваат и бараат исплата на 15 заостанати плати и придонеси за
здравствено и за пензиско осигурување. Освен тоа, тие бараат надлежните од "Македонија
табак 2000" да го повлечат нивното обезбедување од просториите на "Тетово
табак".
Пченица на струшките плажи
Струшката јавност, а особено спортските клубови и извидниците, се
вознемирени од договорот, потпишан од министерот Марјан Ѓорчев, со кој
32.379 квадратни метри на брегот на езерото му се дадени под закуп на Веан
Ајро од селото Радолишта, член на ДУИ, за годишен закуп во противвредност од
1.004 килограми пченица. Претставниците на извидниците и спортските клубови
кои имаат привремени објекти и спортски игралишта на оваа локација велат
дека ќе поднесат тужби и ако треба со жив штит ќе ги бранат спортските
терени и извидничкиот центар. Тие тврдат дека не станува збор за земјоделско,
туку за урбанизирано, но неизградено градежно земјиште и додаваат дека зад
сето ова стои некоја посложена политичка или бизнис-игра, бидејќи е
нелогично некој да потпише ваков договор со кој еден од најубавите делови на
струшкиот брег на Охридското Езеро се трампа за еден тон пченица или 150
евра годишно, а за еден летен шанк на струшките плажи се плаќа по 3.000 евра.
Министерот Ѓорчев ги демантираше нападите и најави дека договорот ќе биде
поништен поради притисоци од јавноста.
"Монтинг" купена за 60 илјади евра
Пред 12 дена фирмата "Монтин" е купена за 60.00 евра, а новиот сопственик
се уште се нема појавено. Вработените се во недоумица и мислат дека ќе треба
новиот сопственик да го побараат преку оглас.
Овој производствено-монтажерски капацитет беше проценет за 4,5 милиони
евра. Во отсуство на службени информации, јавноста и вработените шпекулираат
дека оваа фирма преку брокерите на Комерцијална банка - Скопје намерно е
купена непосредно пред изборите. На македонската берза се купени 65,4 отсто
од "Монтинг" или 57.954 обични акции се купени по цена од 67 денари за
акција. Оваа трансакција е извршена со конвертибилни сертификати од "ТАТ" и
со попуст од дури 99,3 отсто.
Пристигнаа нарачаните 5.000 пос-терминали
За потребите на "Националната платежна картичка" а.д. Скопје деновиве во
земјава пристигнаа 5 илјади нарачани пос-терминали (читачи на картички) од
фирмата "Верифон". Со тоа се овозможува да почне масовна употреба на
платежните картички, чие инсталирање ќе следи откако НПК ќе издаде
сертификат со кој ќе се потврдува квалитетот, безбедноста, сигурноста, како
и нормалното функционирање на пос-терминалите во НПК-мрежата.
"Мазда 6" достапна и на македонскиот пазар
"Мазда 6", новиот адут на познатиот јапонски производител на автомобили,
од овој месец може да се набави и во Македонија. Во прво време на нашиот
пазар, преку застапникот на Компанијата, скопски "Аутокомерц", ќе бидат
достапни возилата во седан верзија, а до крајот на годинава и верзиите
"спорт" и "спорт комби", односно караван. Новата "мазда 6", заедно со
обновената "мазда МПВ" деновиве им беше презентирана и на новинарите, кои
имаа можност и да ја испробаат на релацијата Скопје - Езеро Младост -
Скопје.
Нови правила за увоз на месо и месни производи
Ветеринарната управа на Македонија воведува нови правила на увоз на месо
и месни производи во земјава. Тие се во насока на елиминирање на можноста од
пренесување на прионот, кој е фатален за говедата, но и кај луѓето кај кои
предизвикува Кројцфелд-Јакобсонова болест. Со новата наредба за увоз на месо
и месни производи комплетно се забранува увозот на животински ткива кои се
сметаат за специфично ризичен материјал (мозок, црева, слезина). Со
наредбата се става и забрана за увоз на одредени месни производи од животни
постари од 12 месеци, а на сила стапува и забраната за увоз на сите
животински протеини и масти што се користат за исхрана на животни, при што
се забранува и употребата на овие ткива во исхраната на животните чие месо
се користи за исхрана на луѓето.
Намалено производството на "куртовска капија"
Бактериското заболување што безмалку ги зафати сите две илјади хектари
земјоделски површини посеани со црвената пиперка "куртовска капија" во
струмичкиот регион, според последните процени на земјоделските стручњаци,
оваа сезона ги преполови приносите. Главните причинители се обилните дождови
што паѓаа во летниот период и кои негативно се одразија на вегетацијата на
оваа индустриска култура, што создаде предуслови за појава на бактериското
заболување, но и неадекватната интегрална хемиска заштита на растението,
почнувајќи од недезинфицираното семе, па се до употребата на недоволни
количества хемиски препарати произведени врз основа на бакар за време на
развојот на оваа градинарска култура.
Годинава се очекуваат пет милиони литри вино
Во винарската визба "Риго-импекс" од Гевгелија привршува преработката на
црно винско грозје од сортите "вранец" и "кратошија" кои се откупуваат по 12
денари за килограм. Според менаџерот на визбата, Душко Маркудов, деновиве ќе
почне и преработката на белите сорти винско грозје. Годинава се очекува
производство на околу пет милиони литри вино, кое однапред им е продадено на
три германски фирми, на една канадска и на една американска фирма.
Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА
|