Џиков во Хаг
Ставре Џиков со соработниците Маја Конеска и Марко Зврлевски остварија
формална работна средба со Карла дел Понте и нејзиниот тим во Хаг. Претстои
пресудната расправа пред тричлениот Судски совет на Трибуналот кој треба да
"пресече" дали на Фазли Велиу како идеолог и Али Ахмети како лидер (заедно
со другите деветмина) ќе им се суди во Хаг или во Скопје.
Кина е за нашето уставно име
Ние го почитуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на
Македонија и искрено се надеваме дека таа ќе биде стабилна и во економски
развој, вели Џанг Вансиуе, амбасадор на НР Кина во Македонија кој ја
потврди поддршката на Кина во спорот со името.
Признавањето на вашата земја под уставното име и воспоставувањето
дипломатски односи со Македонија во целост ја покажува кинеската позиција за
ова прашање, потенцираше кинескиот дипломат.
И дијаспората да гласа
Парламентарното собрание на Советот на Европа покрај оцената дека
одржаните избори биле во согласност со меѓународните норми, упатиле
препорака дека во иднина треба да гласа и македонската дијаспора.
Бошкоски под истрага за случајот "Леуново"
Истрагата за случајот "Леуново" кога четири лица беа повредени од гранати
додека министерот Љубе Бошкоски пукаше со автоматски фрлач "жаба" ќе биде
насочена против друго лице, а можна е истрага против споменатиот министер,
велат истражните органи. Командирот на вежбата на "Лавовите" не дал наредба
Бошковски да стрела, па веќе не е осомничен.
ССМ и идната влада пред социјална спогодба
ССМ очекува до крајот на овој месец или во почетокот на идниот со
Коалицијата "За Македонија заедно" да го потпише социјалниот договор.
Ревизиите на измените на пензискиот закон и реформите во здравството се први
на листата за решавање во социјалниот договор.
Во случај да не дојде до потпишување на спогодбата идната влада ќе се
соочи со протести, рече лидерот на ССМ, Ванчо Муратовски.
Поддршка од Пауел за Македонија
Вашите решителни заложби за одржување избори во согласност со
меѓународните стандарди во голема мера ги зацврстија мултиетничките и
демократските институции на Македонија, се вели во писмото кое
американскиот државен секретар, Колин Пауел, му го упати на претседателот
Трајковски.
САД се подготвени да работат со Вас и со партиите и од Владата и од
опозицијата, за поддршка за трајниот позитивен развој на вашата земја,
потенцира Пауел во писмото.
Матејчани дома само на празник
Повеќе од 250 верници го прославија празникот Пресвета Мала Богородица во
манастирската црква кај кумановското село Матејче. Во црквата која е
споменик на културата и е под заштита на УНЕСКО, направени се нови
оштетувања и испишани се графити и вулгарни пцовки.
Финансиски скандал на Јован
Донацијата на фирмата "Кометал" од Скопје вредна 57.000 евра со која
требаше да бидат реновирани 12-те столбови на соборната црква "Св.
Пантелејмон" во Велес од филијалата на "Стопанска банка" во готовина на 18
септември ја подигнал теологот Тони Петрушевски во присуство на
екс-владиката Јован. Донацијата на Трифун Костовски за велешката црква
заврши во џебот на разрешениот владика Јован.
Сандреи - нов директор во Телеком
Атила Сандреи од унгарскиот "Матав" беше именуван за главен извршен
директор на "Македонски телекомуникации" на местото на досегашниот Џон
Манери. Англичанецот Манери ја раководеше компанијата една година и во
почетокот на септември објави дека ја напушта функцијата.
Македонска филмска веб-страница
Во предворјето на идната кинотечна сала во Куќата на УНЕСКО (поранешна "Мала
станица"), Кинотеката на Македонија ја презентираше веб-страницата на
Македонскиот информациски филмски центар, www.maccinema.org.mk која содржи
систематизирани податоци за сите сегменти на кинематографскиот живот во
Македонија, од неговите зачетоци до денес. Страницата е двојазична, на
македонски и англиски јазик, ќе се ажурира еднаш месечно, а сајтот опфаќа и
хронологија на развојот на кинематографијата во Македонија.
Малолетниците - жртви на цигари
Производителите на цигари и фирмите што ги рекламираат го прекршуваат
Законот за здравствена исправност на животните продукти и предмети за општа
употреба и не смеат овие производи да ги изложуваат во јавност, оценуваат во
канцеларијата на Народниот правобранител. Тие наскоро ќе подготват Проект за
заштита на децата од штетното влијание на цигарите.
|