ЕУ слепа на грчката тортура
Заклучокот на најновиот извештај на европското биро на "Амнести
интернешнел" и Меѓународната федерација на Хелсиншкиот комитет е дека Грција,
членка на Европската унија и нејзин нареден претседавач, ги злоупотребува
човековите права, а ЕУ молчи. Воедно тие го поставија и прашањето "Доколку
ЕУ од своите земји-членки не бара да ги спроведуваат нејзините ригорозни
принципи во овој домен, како тоа тогаш да се бара од трети земји?"
Овие две организации констатирале дека претераната употреба на сила и
лошиот третман кон имигрантите, малцинствата и затворениците во Грција се
граничат со тортура. Воедно тие испратиле барање до ЕУ таа да не дозволува
во нејзините земји-членки да се толерира ваквото однесување.
Бугарска хајка против ОМО "Илинден"
Пратеници на Народното собрание и политички партии од Пиринска Македонија
побарале да се донесе закон против секаков вид антибугарски настани во
државата. Претседателот на парламентарната Комисија за надворешна политика и
сигурност, Станимир Илчев, се сретнал со директорот на Националната служба
за безбедност, Иван Чобанов, за да се спречи секаква активност на
организацијата на Македонците. Според него, активностите на ОМО "Илинден" ја
поткопувале националната позиција на Бугарија пред Европа. За тоа дека
определени сили на Бугарија сакаат да ја елиминираат целосно ОМО "Илинден"
зборува и фактот што неодамна во Благоевград на оваа тема била одржана дури
и тркалезна маса.
Убиен Македонец во Варна!
Македонскиот бизнисмен Орце Коруновски (38) во центарот на Варна бил
застрелан во моментот додека заедно со уште две лица ручал во ресторан за
брза храна. Во ресторанот влегол помлад маж и директно пред присутните
стрелал двапати во неговата глава, по што побегнал кон главната улица крај
брегот на Црно Море.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Македонија, Воислав
Зафировски, изјави дека се уште не се запознаени за тоа како бил убиен, под
кои околности и кои биле мотивите.
Нашата економија на 97. место
Македонија се наоѓа на 97. место на листата на вкупно 155 земји од светот
според нивото на економски слободи во државата. Со ваквиот резултат
Македонија е пред скоро сите свои соседи, како и пред најголем дел од
замјите на поранешна СФРЈ.
Оваа листа е составена според измерениот индекс на економски слободи што
секоја година го објавува конзервативна "Херитиџ" - фондација од САД.
Бугарски производи во Македонија
Според Стопанската комора на Бугарија, извозот на бугарски производи во
Македонија од периодот јануари-август 2002 година изнесува 98,5 милиони
долари. Увозот на стоки од Македонија во Бугарија во првите осум месеци од
2002 година достигна вредност од 11 милиони долари, додека во 2001 година
изнесуваше 18,5 милиони долари.
"Ако се задржи оваа тенденција до крајот на годинава, Бугарија ќе
забележи пораст на извозот во Македонија од десет отсто, а воедно ќе се
зголеми и севкупната трговска размена меѓу двете земји" - истакна Јанко
Николов од Стопанската комора на Бугарија, видно задоволен од соработката.
"Скромни" привилегии за албанските пратеници
Пратениците од албанскиот Парламент за својот "труд" добиваат 1.000 евра
основна плата. За учество на пленарна или на седница на парламентарната
комисија добиваат 11 евра, како и дополнителни привилегии: бесплатно
патување во и надвор од државата, автомобил и возач, право на дипломатски
пасош, право на кредит итн. По завршување на мандатот имаат право на 50
отсто од пратеничката плата во наредните две години, а доколку изрази желба
државата е обврзана да го вработи во државната администрација. Наспроти
албанските пратеници, платата на македонските изнесува 487 евра, а за
учество на пленарна седница или на седница на парламентарна комисија
добиваат 11 евра. Приближно толку, или 10 евра добиваат српските колеги,
додека албанските двапати повеќе.
УНМИК спречи шверц на оружје
Меѓународната полиција на Косово заплени 140 пушки-сачмарки, кои биле
скриени во камион. Камионот со бугарски таблички, ја минал македонската
царина кај Генерал Јанковиќ и влегол на Косово. Полицијата на УНМИК ги
уапсила возачот - бугарски државјанин, и совозачот - косовски Албанец.
Камионот го носел вишокот багаж од автобусот кој се обраќал на релацијата
Истанбул - Приштина. Стоката во камионот била сопственост на лице што
патувало со автобусот, но во корист на истрагата не се соопштува неговиот
идентитет. Повеќето патници во автобусот биле косовски Албанци.
Изградба на нафтовод Македонија - Србија?!
Грчкото државно нафтено претпријатие "Хеленик петролеум" планира наскоро
да започне со изградба на цевковод за нафтени деривати од Скопје кон југот
на Србија. Претседателот на Управниот одбор на претпријатието, Атанасиос
Карахаљас, истакнал дека промената на владата во Македонија "нема да влијае
на присуството на инвестиционата програма" на грчкото претпријатие кое е
сопственик на "ОКТА" кај Скопје, ниту на започнатата изградба на нафтоводот
Скопје - Урошевац - Приштина.
Балканските комори на Интернет
Стопанските комори на Македонија, БИХ, Хрватска, Словенија, Република
Српска, Црна Гора и СРЈ склучија договор, заеднички да постават Интернет
страница, наречена Саут-ист чембернет.
Оваа страница е наменета за заеднички деловни информации на англиски
јазик и на јазиците на земјите членки, се со цел да се постигне што поголема
деловна соработка. Во мрежата се очекува да се приклучат и Грција, Бугарија
и Турција, а посетите во текот на еден месец да изнесуваат 30 до 60 илјади.
|