| |
Изложби
PRESS TO EXIT
Скопје, 20 септември.
На улицата "Максим Горки" бр. 19, во рамките на швајцарската фондација за
култура Про Хелвеција, под покровителство на Швајцарската агенција за
соработка и развој, отворен е нов изложбен простор - галерија
PRESS TO EXIT.
Во неа деновиве може да се погледне изложбата "Здивот ме врзува" на
Стојан Вујичиќ која се состои од видео-проекција и фотографии создадени во
текот на оваа година на повеќе локации низ Македонија и Индија.
Книги
Стрип, запис со човечки лик
Скопје, 19 септември.
Деновиве, во издание на "Култура" од Скопје од печат излезе книгата "Стрип,
запис со човечки лик" од Томислав Османли. Станува збор за второ и
значително дополнето издание на истоимената теоретска студија посветена на
Деветтата уметност (стрипот), што инаку за прв пат се појави во 1987 година.
Разбирајќи го Балканот
Скопје, 19 септември.
Во ЦСУ галеријата се промовира книгата "Разбирајќи го Балканот", збирка
текстови од истоимената конференција на која учествуваа социолози, философи,
историчари, историчари на уметноста, културолози и уметници од повеќе земји
на Балканот, што ја организира Центарот за современи уметности - Скопје.
Конференцијата се фокусираше на испитување на интерсекцијата на
стекнатите кодови во социјалниот, историскиот, културниот контекст кои се
употребувани на Балканот, и промените низ кои нашите општества и култури
поминуваат последниве децении.
Три драми
Скопје, 20 септември.
Нашиот познат писател Петре Бакевски, во издание на сопственото
книгоиздателство "Тера магика" ги објави своите нови три драми кои овој
плоден автор ги издава мошне бргу по претходната драмска трилогија. Првата
драма е насловена "Кралот е повторно жив". Втората "Еврипид се враќа во
Атина", а третата "Дом за птици".
Окупирани - непокорени
Скопје, 20 септември.
Во Скопје беше промовирана книгата "Окупирани - непокорени" од авторот
Миле Стефановски. Книгата претставува своевидна хроника за животот на еден
млад скопјанец во периодот пред и за време на Втората светска војна.
Кочански денови на оризот
Кочани, 20 септември.
Во Домот на културата "Бели Мугри" во рамките на годинешната културна
манифестација "Кочански денови на оризот" се одржа промоција на книгите "Ноќни
ракатки" од Никола Игнатов и "Кочани во себе те носиме" од Костадин Романов
и Ванчо Петров - Фафа. Книгата "Ноќни ракатки" ја промовираше Вангелија
Цавкова, а промотор на "Кочани во себе те носиме" е Благој Пенов.
Театар
IX Меѓународен фестивал
Суботица, 22 септември.
Театарот за деца и младинци - Скопје учествува на
IX Меѓународен фестивал на театри за деца
"Суботица 2002" во Суботица, Србија и Црна Гора со претставата "Чук, чук
Стојанче" од Оливера Николова. На фестивалот "Суботица 2002" учествуваат 20
европски држави, а честа да го прогласи Фестивалот за отворен му припадна на
директорот на Театарот за деца и младинци, Љубомир Чадиковски.
Арт
Скопје, 25 септември.
Претставата "Арт", која ја подготвуваше режисерката Зоја Бузалкова, а е
работена според текст на Јасмина Реза, беше одиграна во културниот простор "Точка".
Улогите ги играа Васил Зафирчев, Игор Стојчевски и Горан Трифуновски.
Претставата е во продукција на "Проарт".
Гард
Штип, 21 септември.
На сцената на Народниот театар во Штип премиерно беше изведена најновата
претстава "Гард" од Трајче Кацаров, во режија и сценско оформување на Симеон
Гаврилов.
Во улогата на Нико Фока настапува Младен Крстевски, Невена, неговата жена
ја игра Марија Гавриловска, соседката Јорданка Тодорова, соседот Владимир
Тулиев, типот 1 Методија Колоски, и типот 2 Милорад Ангелов.
Млад отворен театар
Скопје, 25 септември.
Меѓународниот театарски фестивал "Млад отворен театар" (МОТ) ќе биде
отворен на 28 септември со француската претстава "Квартети" во режија на
Жером Тома. "Млад отворен театар" ќе заврши со претставата "Роберто Зуко" од
Бернард Колтес, во режија на Иван Поповски.
Филм
Фестивал "Браќа Манаки"
Битола, 25 септември.
Во Битола започна 23 Интернационален фестивал на филмска камера "Браќа
Манаки". На фестивалот ќе бидат прикажани 15 играни филма и 20 кратки филма.
Како новитет е Студентската програма со интернационален карактер. На првиот
ден од Фестивалот свечено беше откриен споменикот на Милтон Манаки.
Музика
Македонската филхармонија во Франција
Париз, 22 септември.
Со гостувањето во Париз, Македонската филхармонија ја започна концертната
сезона 2002/2003 година. Со концерт на Камерниот оркестар Македонската
филхармонија се претстави со следната програма: Арија од суита бр. 3 од
Јохан Себастијан Бах, Дивертименто бр. 2 од В. А. Моцарт, "Елегија" од Е.
Елгар, "Аве Марија" од Бах - Гуно, Девет минијатури за гудачи од Благој
Цанев (оркестрација Борјан Цанев) и Холберг суита, оп 40 од Е. Григ.
Концертот ќе се одржи под диригентство на Борјан Цанев, а солист е Маја
Павловска, сопран.
Македонска сатира
Неодамна од печат излезе книгата "Меѓу две дремнувања" од познатиот
новинар и публицист Слободан Дончевски.
Дончевски долги години работи како новинар и пишува во многу весници и
списанија. Пишува поезија и проза. Со поезија, заедно со други автори
застапен е во десетина стихозбирки, а "Меѓу две дремнувања" е негова втора
самостојна книга. Книгата е дел од едицијата "Современа македонска сатира".
Текстовите во книгата беа објавувани во нашиот неделник во периодот од
октомври 1999 до април 2000 година.
"Македонија моја татковина"
На 13 септември 2002 година во организација на Македонското литературно
друштво "Григор Прличев" - Сиднеј се одржа промоција на најновото дело,
патеписи "Македонија моја татковина" од поетот и писател Иван Трпоски во
просториите на Мигрант Рецорце Центре во Рокдаел.
Најпрво присутните љубители на пишаниот збор ги поздрави претседателот на
МЛД "Григор Прличев", Душан Ристевски, кој меѓу другото повеќе се задржа на
биографските елементи и издавачката дејност на поетот Иван Трпоски кој
воглавно пишува поезија и проза, напоменувајќи дека неговите две последни
литературни дела се патеписи од татковината.
Промоцијата на ова најново дело на Трпоски ја изврши познатиот педагог,
проф. Жаклина Михајлова, која книгата ја претстави во три дела и за секој
дел даде посебно видување и објаснување, за содржината и убавината на
пренесувањето на вудувањата на авторот на родниот крај и пошироко. Проф.
Михајлова со задоволсво им презентираше на присутните и дел од споменатата
книга на присутните. Посебен белег секако на оваа убава промоција на книгата
"Македонија моја татковина" и даде нашата позната артистка од театарот "Благоја
Нешковски" од Илавара, Олга Николовска која во нејзин препознатлив стил
читаше извадоци од ова најново дело.
Перо Дамчевски - КОЦИН,
Сиднеј - Австралија
|