| |
По западната магистрала со терористи!
Понеделник попладне беше кога се решивме да одиме на пат Скопје - Охрид
по западната магистрала. Го напуштивме главниот град на Македонија покрај
сообраќајни полицајци облечени во "елеци", а непосредно пред нив на самиот
пат поставените четири црвено-бело обоени буриња обликуваа капија низ која
треба да се вози пополека. Асфалтниот пат до Тетово на неколку места беше
обложен со купчиња земја и песок донесени од околните ридови по некој пороен
дожд. По патот ја немаше вообичаената раздвиженост како што ја имало порано.
Наплатната рампа Тетово - Гостивар беше со изрешетан од куршуми и золји
искршен покрив, но сепак работеше. Фамозната делница каде често се киднапира
и ограбува ја поминавме брзо. Возејќи осамено и побрзо, пред Гостивар
видовме двајца луѓе со калашникови како си јадат лубеница на една "Застава
101" без регистерски таблички. Претпоставуваме дека беа полицајци.
Патувањето се до селото Колари беше монотоно, ние бевме единствените
патувачи. Но, во селото го доживеавме првото изненадување. Покрај патот
наредени деца кои држат слики на најновиот политичар и доскорашен терорист
Ахмети или албански барјак. На селските куќи се виорат албанските знамиња.
Се до Кичево на споредните патчиња кои се сливаат во западнава магистрала
наредени по двајца младичи со црвени ленти околу рацете, во својство на
редари го регулираа сообраќајот. Ти кажуваат кога да пропуштиш некое возило,
а кога да си го продолжиш патот. Во селото Зајас не чекаше второто
изненадување. Без да знаеме и сакаме и се придруживме на колоната митингаши
во изборната кампања на Ахмети. Долга колона од автомобили со пароли, слики
и развиорени албански знамиња. Се движиш полека. Мислевме дека тоа е подобро
отколку да застаневме. Во ваков амбиент ни беше непријатно. Пределов како да
не се наоѓаше во Македонија. Инаку ќе беше ако го видев и нашето знаме
покрај нивното. Ќе имаше некоја доверба. И се така до Кичево, адреналинот ни
падна кога се покажаа сообраќајните полицајци со елеци, а поворката сврти
лево на семафор. До Охрид патувањето помина во муабет. Зошто регулацијата на
сообраќајот во вакви прилики се препушта на цивили, а не на полицијата? Дали
овие места ги контролира државата? Кога од спротивната насока се покажа уште
една колона која доаѓаше од Струга со сите претходно кажани реквизити,
заклучивме дека имаше пред се добра организација, дисциплина и голем
недостаток: изоставување на државните знамиња по западната магистрала која
се уште е на картата во Македонија.
На крајот за малку ќе ме казнеше сообраќајниот полицаец пред Охрид за
пребрзо возење, да не ми "намигнеше" со фарот еден автобус.
Живко Даскаловски - Даскал
"Рафални" избори
Дали во иднина Македонија и македонскиот народ ќе ги огрее сонце, или
месечина?! Не, најверојатно орлово сонце, врамено во Рамковниот договор
потпишан и од СДСМ, од нејзиниот лидер Бранко Црвенковски и неговите
најблиски соработници.
Македонски народе, на секои избори мора некој да изгуби, за некој да
добие, но во случајов кај нас во Македонија креаторите на политиката во СДСМ
добија фотелји, додека народот македонски и државата Македонија се големи
губитници! Зошто?
Затоа што ја презедоа власта тие што се откажаа од исконското име на
државата, ја формираа Агенцијата за приватизација и трансформација на
општествениот капитал, го потпишаа Рамковниот договор. А сега мора и да се
реализира, со најавата на Бранко Црвенковски дека по изборите ќе коалицира
со онаа партија која ќе вети безбедносен ред и мир во Македонија, а тоа е
Алија Ахмети, кој многу мајки, браќа и сестри во црно зави, кој на
најмонструозен начин им ги одзеде младите животи на нивните најблиски.
Е, па господа од СДСМ, ако сте Македонци и ако малку имате родителско
чувство, немојте да дозволите со некој ресор во државата да раководи и
управува човек кој е антимакедонски настроен, затоа што народот македонски
многу убаво знае кој е виновен за сето ова што се случуваше во Македонија,
од денот на осамостојувањето и се до денеска. А да не зборуваме за Алија
Ахмеи.
Е, па господа од СДСМ тоа сте Вие, а сега на овие избори тоа нешто и го
потврдувате, со вашето некоректно однесување, посебно на 16 и 17.09. 2002
година. Цела ноќ кај покриениот Олимписки базен Центар се пука од огнено
оружје од сите видови и калибри, освен топови! Господа за таков луксуз
Македонија нема сила Затоа ве прашувам од каде СДСМ таква моќ за такви
трошоци да прави и второ, неформациска, односно една обична политичка
партија да располага со толку оружје?!
Едно потсетување: Верувам дека додека Владо Бучковски беше министер за
одбрана, значи во текот на периодот на неговото владеење, нема толку
муниција потрошено, колку што се потроши на 16 и 17.09. 2002 година. Вие
уште не сте седнале на власт, а се расфрлате.
Утре Господ нека ви е на помош.
Со почит,
Чичко Владо Николоски, Скопје
"И ти ли си наш?!"
(Отворено писмо до еден битолчанец со иницијали (С.В) што секогаш бил за
"овие")
Прашањето кое деновиве најмногу го слушам, го напишав како наслов на ова
мое отворено писмо. Токму тоа е она што најмногу ги интересира повеќето од "нивните
- сега наши". Да, токму тие истите, деновиве малку како зачудени
констатираат "не знаев дека сме за истите" - види, те молам?!
Сигурно се прашувате "за кои исти?!". Па, за победниците - многу јасно.
Така - брате мил, сега сите "знаеле, ги мразеле, секогаш биле за СДСМ, уааа,
долу, ќе видат тие"...
Ако, нека се сити народот, но и нека се занесуваат сончогледите. Токму
така, бидејќи едноставно повеќе од сигурно знам дека победниците, особено "Шефот",
овојпат нема така наивно да ги отпушта уздите на локалните подлизурковци,
кои себе си си увртеле дека се заслужни за се и кои веќе го делат пленот. Не,
така не смее!!! Време е да се внимава на квалитетот, на способностите, на
постигнувањата, на карактерот, на моралот, на честа, достоинството. Време е
да се изолираат неискрените, да се замолчат најпоткупливите и оние кои
секогаш и со сите сакаат се. Време е да се приложат сметките. Барем јас така
мислам и не само тоа - очекувам и уште повеќе - знам дека победниците не ќе
ги повторат старите грешки. Не смеат! Партиската книшка кажува нешто, но
јавното истапување без партиски интерес кажува уште повеќе. Поради таквите
како тебе (С.В.) изборите се губат, но поради оние како мене се добиваат.
Затоа почитуваните од власта овој пат нема да згрешат и повеќе ќе внимаваат
и затоа долго ќе опстанат горе на врвот.
Би сакал во продолжение да го приложам списокот на сите оние кои лично ги
знам и кои гледам дека бесрамно се топорат повторно да владеат, но знам дека
тоа е непотребно. Во Битола навистина се знае се. А за сите оние кои ме
прашуваат "И ти ли си наш?!" им препорачувам повеќе да читаат весници и да
ги следат токму рубриките "Писма" во кои секој обичен смртник можел јавно да
каже "чиј е" и тоа уште од далечната 98.
Мите Аспровски, Битола
Бродот на ВМРО-ДПМНЕ протона
Владата на Георгиевски мораше да замине!
По четиригодишното владеење ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите. На господинот
Георгиевски изгледа не му беше јасно дека македонскиот народ казнува. Пред
четири години македонскиот народ го казни СДСМ, но Георгиевски не зеде
поука, и се надеваше дека вечно ќе остане на чело на државата. Но, казната
го стигна и него. Изгледа не му беше јасно дека македонскиот народ го
казнува секој политичар што работи против интересите на македонските граѓани
и интересите на државата. Го казнува секој политичар кој врши предавство на
својата држава, и секого што се обидува да ја промени долговековната
историја и култура на македонскиот народ по некаква си негова кројка.
Народот исто така ги казнува сите оние политичари кои на нелегален начин
станаа најголеми богаташи, се разбира не со една скромна пратеничка плата,
туку со криминал, шверц, кражба на државата, лични профити од смешните
продажби на македонските претпријатија. Ги казнува сите оние кои вработуваат
само партиски обоени лица, односно ги казнува сите оние кои работат против
македонската држава и македонскиот народ. Нема да останат неказнети сите
оние политичари кои го потпишаа охридскиот срамен Договор и извршија промени
на Уставот. Со тие промени му одзедоа многу на македонскиот народ за да ги
задоволат барањата на албанските терористи и убијци. Рацете се уште им се
крвави од ѕверствата што ги направија за време на минатогодишната војна, а
по се изгледа со крвави раце ќе ни седат и во собраниските, пратеничките и
министерските фотелји. Ќе ни делат некаква си правда! Доколку имаше некаква
правда и закон, сите тие терористи требаше да се најдат зад решетки во
Идризово, а не да им се даде амнестија. Ова го нема ниту во една друга
држава во светот!!!
Господинот Георгиевски заборави дека е премиер на сите граѓани во
Република Македонија без разлика на вера и нација, а не само на партиските
пулени на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа го стигна само дел од казната, а следуваат
уште многу построги казни. Премиерот не се надеваше дека ќе ги изгуби овие
парламентарни избори, па затоа се префрли во охридско-битолската Изборна
единица, со желба да прави ранч во Охрид. Но, сите сонови не се исполнуваат.
Господинот Георгиевски го призна поразот и кажа дека тоа е волјата на
народот. А кога премиерот и председателот ни спиеја во армиските касарни,
сите напади беа насочени кон македонскиот народ. Зарем тогаш не можеа да
разберат дека волјата на македонскиот народ беше да се одбрани Република
Македонија од албанските качаци и да се воспостави мир, слобода и контрола
на целата македонска територија. Да се вее нашето сонце на целата македонска
територија, а не некакви си црни орли да го преплавуваат западниот дел на
Македонија. Да се почитуваат државните симболи и обележја, затоа што тие се
идентитетот на државата! Ова што досега се случуваше кај нас, да се
случуваше во САД, Буш ќе ги седнеше на електрична столица, а вам Ви сугерира
нешто што не го спроведува во пракса во неговата држава. Казната понекогаш е
бавна, но сепак стигнува!
Бродот на ВМРО-ДПМНЕ потона, пловидбата ја започа бродот на СДСМ заедно
со коалицијата "ЗА". Господинот Црвенкоски треба добро да размисли со која
партија ќе направи коалиција за формирање на новата влада. Волјата на
народот е во владините фотелји да не седнат терористи со крвави раце, кои
никогаш не можат да се измијат. Дали терористи и убијци ќе ни делат правда и
ќе ни командуваат со армиските и полициските сили (како што се шпекулира во
медиумите дека терористите на ДУИ ги бараат министерствата за внатрешни
работи, за одбрана, за правда или за надворешни работи), зависи од новата
влада. Ако е така, дури тогаш тешко на правдата, безбедноста и одбраната на
Република Македонија. Изгледа нашите политичари не можат да разберат дека
овие министерства се најклучните за безбедноста, слободата и стабилноста на
нашата држава. Зарем се уште не увидовме каква правда делеа досегашните
албански министри?!
Раководните позиции на овие клучни министерства треба да им припаѓаат на
лица кои не се партиски обоени, така што подеднакво ќе ги застапуваат сите
грѓани на Република Македонија, а не да ги застапуваат само интересита на
своите партиски војници. Тоа се виде од нашиот досегашен прв полицаец, со
поднесување на некакви си комични прекршочни пријави и кој на многу наврати
изјави дека ни ја ослободил Македонија, а отиде дури во Австралија да се
пофали за тоа, но не знам од кого ни ја ослободи државата и дали во тоа
некој му поверува, освен премиерот и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ниеден политичар нека не заборава дека македонскиот народ трпи, но и
казнува!
Димче Бицески
|