ИСТОРИЈА

Петте страшни години - Егејска Македонија (22)

МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ НЕРЕШЕНО!

Пишува: д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ

  • КПГ бараше да се вратат и да се вклучат во вооружената борба сите Македонци и Македонки политички бегалци, освен старците, болните и децата.
  • Петтиот пленум на Македонците им призна право на самоопределување!

Десеткувањето на ДАГ во големата битка на Грамос и во наведените операции на крајот на 1948 и почетокот на 1949 година многу го заостри проблемот на резервите на ДАГ. Надежи за решение на проблемот имаше во тоталната мобилизација на Македонците бегалци кои како политички бегалци се наоѓаа во Југославија, Бугарија и Албанија и на грчките морнарски работници во Западна Европа, Америка, Австралија, Кипар и Средниот Исток.

Во врска со мобилизацијата на Македонците бегалци, делегација на КПГ предводена од членот на ЦК на КПГ и министер на ПДВ, Милтијадис Порфирогенис, на 8 февруари 1949 година пристигна во Скопје. Истиот ден грчката делегација се сретна со Лазар Колишевски и Цветко Узуновски -Абас. Шефот на грчката делегација, на состанокот го прочита однапред подготвениот текст на ЦК на КПГ. Точката 5 од текстот што се однесува на мобилизацијата, гласи:

...5) Развојот на нашето движење, неуспесите и распаѓањето на монархофашизмот, пред КПГ поставува задача да ги активира сите народни сили за да се постигне во 1949 година решавачки удар врз монархофашизмот и американовластието. Тоа е остварливо, ако, покрај другото, се обединат сите резерви. Посебно на Вичо каде што непријателот е принуден да преземе една упорна акција со цел да совлада една наша силна база. Па затоа, ќе биде потребно да ангажираме во заднината бројно население за одбранбени работи, во производството, во болниците, транспортот и слично. Неопходни потреби на нашето движење налагаат да преземеме низа мерки меѓу кои е и мобилизацијата на сите Македонци, мажи и жени, кои потекнуваат од Грција, што се опфатени во годиштата за регрутација, согласно со законите и наредбите на Привремената демократска влада, што значи и сите оние кои се дезертери или не, не се одзиваа на мобилизацијата. Едновремено, се налага и префрлување на сите бегалци во слободна Грција, кои се во состојба да придонесат во заднината.

МАКЕДОНСКО УЧЕСТВО

Од горниот текст се гледа дека КПГ бараше да се вратат и да се вклучат во вооружената борба сите Македонци и Македонки политички бегалци, освен старците, болните и децата. На ова барање Колишевски и Узуновски одговорија дека се подготвени да помогнат во нивното доброволно стапување во ДАГ, но согласно југословенските закони, немаат право да употребат принуда.

Грчката партиска делегација незадоволна од таквиот одговор и за решавањето на некои други предизвикани како последица на резолуцијата на Информбирото, побара да разговара со југословенските фактори во Белград.

Во Белград делегацијата разговараше со Крсто Попивода. Грчкиот партиски функционер Порфирогенис побара од југословенските власти, покрај другото, да дозволат и да помогнат во акцијата на мобилизацијата од редовите на македонската емиграција во Југославија. Одговорот на југословенскиот претставник беше сличен на оној на Колишевски и Узуновски.

На крајот на разговорите беше договорено да биде спроведена мобилизација на доброволна основа. Беа формирани комисии и екипи за спроведување на акцијата. Манастирот Матка кај Скопје беше користен за прифатен центар на регрутираните. Беа мобилизирани неколку стотици лица. Но, поради заострувањето на односите меѓу КПЈ и КПГ, тие не заминаа во Грција.

На 22 февруари 1949 година ПБ на ЦК на КПГ одржа специјална седница во врска со најсериозната тема - резервите на ДАГ. Политбирото на КПГ одлучи да преземе акција за регрутација од Средниот Исток, Кипар, Америка и други места, 5.000 морнари. Во првата половина на 1949 година требало една половина од овој број да се наоѓа во Грција. За реализација на горната одлука беа задолжени група офицери на ДАГ и активисти на КПГ.

Од погорната одлука, многу малку беше остварено.

Петтиот пленум на ЦК на КПГ се свика со цел да ја промовира политиката на Захиријадис. Пленумот се одржа на Грамос и ги усвои следните резолуции: "Грција во патот кон победата - Пред решавачкиот пресврт", "Опортунистичкото скренување во редовите на КПГ", прифати нов став по македонското национално прашање, изврши промена во составот на Централниот комитет и избра ново Политбиро, ја одобри одлуката на ПБ од 28 август 1948 година за формирање на Виш воен совет и ја реорганизира Привремената демократска влада.

Во политичката резолуција во духот на рефератот на Захаријадис прифати став дека 1949 година е година на победата на ДАГ, година на гробот на монархофашизмот и на американовластието. Горниот став и перспектива се потпира врз тезата дека монархофашизмот во 1949 година ќе доживее целосна економска, политичка и воена криза, дека во 1948 година е изршена значајна измена на соодносот на силите во корист на народнодемократски лагер и на ДАГ, дека ДАГ е непобедлив итн. Во продолжение на Резолуцијата на стратешката цел прифатена на пленумот, Петтиот пленум на Македонците им призна право на самоопределување напуштајќи го дотогашниот став за полна рамноправност на Македонците во рамките на грчката држава.

Оценките и перспективите на вооружената борба на ДАГ приведени во пленумската Резолуција не се реални. Пленумот не успеа да ја согледа објективната актуелна ситуација и храбро да ги оцени настаните и ситуацијата и да изгради натамошна определба на стратегијата и тактиката на КПГ и на ДАГ како нејзин вооружен дел.

Поразите и загубите што ги претрпе ДАГ во 1948 година, неограничената помош што ја добиваше атинската влада од Соединетите Американски Држави, во никој случај не даваа основа за изведување заклучок дека 1949 година ќе е година на победата на ДАГ. Се случи спротивното. 1949 година беше поразена.

На Петтиот пленум беше третирано како посебна тема прашањето на Маркос Вафијадис, член на ПБ на ПБ на ЦК на КПГ и командант на ГШ на ДАГ. Маркос Вафијадис, по битката на Грамос, беше суспендиран од сите функции и испратен во Москва на "лечење" и "одмор". Маркос во Москва на раководството на КПСС му предаде белешка во која ги изнесе своите гледишта за состојбата на КПГ и во ДАГ.

Советското раководство го врати Маркос во Грција со барање своите гледишта да ги изнесе и брани пред форум на КПГ. На 15 ноември 1948 година на седницата на ПБ на КПГ Маркос ја прочита својата белешка во која ја критикуваше КПГ дека по традиција немаше внатрешнопартиска демократија. Ја критикуваше одлуката за апстиненција од парламентарните избори на 31 март 1946, за тоа што КПГ решително не тргна во вооружената борба. Одлуките на Третиот пленум од септември 1947 и на 4-от пленум на ЦК на КПГ од јули 1948 година ги оцени нереални и не одговараа на стварноста преку кои се сакаше да се покријат грешките на партиското раководство. Маркос, исто така, формирањето на ПДВ го сметаше за предвремено и изнесе заклучок дека режимот во Атина е стабилизиран и дека без надворешна помош ДАГ не е можно да извојува победа.

ПБ на својата седница од 15 ноември 1948 година ја осуди "платформата" на Маркос, ја оквалификува како опортинистичка и го пренесе целото прашање на Петтиот пленум. Петтиот пленум ја прифати одлуката на ПБ од 15 ноември 1948 и го суспендира Маркос, од член на ПБ и на ЦК и го исклучи од редовите на КПГ.

НЕРЕАЛЕН РЕФЕРАТ!

Лидерот на КПГ, Никос Захаријадис, му наложи на Пленумот да прифати уште една одлука која беше нереална и штетна. Имено, Петтиот пленум натценувајќи ги силите и можностите на ДАГ и потценувајќи ги силите и можностите на атинскиот режим, ја измени стратешката цел на КПГ, преориентирајќи ја кон социјалистичка револуција. Захаријадис го бранеше ставот дека промените што настанаа во светот, со создавањето на социјалистички републики во Европа и со зајакнувањето на Советскиот Сојуз и дозволуваат на КПГ да преземе социјалистички мерки и да ја започне социјалистичката определба заобиколувајќи ја граѓанско-демократската етапа на развојот. Захаријадис во својот реферат што го одржа на пленумот, во врска со тоа рече: "Грција, земја со среден капиталистички развиток и со сериозни чифлигарски и получифлигарски остатоци, ја карактеризира една значајна зависност, економска и политичка, од туѓиот капитал-зависност, што во последните години се повеќе зајакнува, претворајќи ја земјата во колонија на американо-англискиот империјализам. Од оваа економско-социјална политичка конструкција произлегуваат и целите на народно-демократската револуција. Целите на таа револуција не можеме да ги гледаме изолирани од промените што се остварија во светот, колку по победата на големата Октомвриска револуција и социјализмот во Советскиот Сојуз, толку и одделно по длабоките социјално-економски и политички промени што се извршија во Југоисточна Европа, по нејзиното ослободување со советската армија, како резултат на уништувањето на Хитлеровиот фашизам. Денес народната револуција во Грција, остранувајќи ги сите чифлигарски остатоци и ослободувајќи се од туѓата колонијална зависност ќе тргне за целосно завладување во целата земја, во преобразба и промени, што ќе го определат нашиот пат кон социјализмот - така во основа, како што се дефинирани во ЕАМ-ската програма на народната демократија. Што значи, како резултат на победата на народната револуција во Грција, сега нема да имаме посебна етапа на развој, за завршувањето на буржоаско-демократската преобразба на земјата, туку како неразделен процес, помал или побрз премин во социјалистичката револуција. Денес сериозните промени што настанаа, пред се околу нас, дозволуваат едно квалитетно забрзување на општествените промени во нашата земја, што ќе дојдат како резултат на народно-демократската револуција во нашата земја.

Победата на работничката класа, на чело на селанството и на сиот работен народ, и внатре во народно-демократското опкружување и со Советскиот Сојуз, што победоносно оди кон целосната победа на комунизмот, ни дозволуваат да тргнеме кон социјалистички мерки, што заедно со напоредното решавање на сите граѓанско-демократски задачи на револуцијата, што бараат решение, да ја започнеме социјалистичката изградба, заобиколувајќи ја посебната етапа на буржоаско-демократската етапа на развојот. Под овие претпоставки и услови нашата власт на народните совети, што денес се главно органи на борба за соборување на власта на буржоаско-чифлигарската реакција, има за цел да извршува и ќе ги извршува со зајакната прогресивност функциите на диктатурата на пролетаријатот на чело со средносиромашното селанство, на сиот работен народ. Овде основното е секогаш да ја наоѓаме клучната алка што ќе и дозволи на работничката класа секогаш да реализира зрел чекор во синџирот на социјалистичките промени заедно со сиот работен народ, уништувајќи ја секогаш реакцијата на експлоататорските класи.

ПДВ ја изразува и ја остварува точно таа форма на власт што се потпира врз тесен сојуз на работното селанство и на другите експлоатирани слоеви на населението со работничката класа што стои на чело на заедничката борба за народно-демократската преобразба на нашата земја во социјализам".

Сите гореприведени тврдења на Захаријадис не одговараат на состојбите во земјата. Во времето кога го поднесуваше рефератот за карактерот на револуцијата во Грција, ДАГ се наоѓаше пред пораз. Не функционираше народната власт за која зборува Захаријадис, бидејќи територијата што се наоѓаше под контрола на ДАГ беше ограничена само во подрачјето на Вичо, а населението беше мобилизирано.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"