| |
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
АНТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Од антиката останал како наследство и мотивот за стаијата, како и
мотиви поврзани со сонцето!
- Мотивот од митолошката приказна за кралот Мида стигнала и до Марко
Цепенков!
Д а го спомнеме и мотивот за
стаијата. И овој мотив е тесно поврзан со мотивот за самовилите. Стаијата
била девојка која живеела во реките и со својата долга коса ги заплеткувала
и ги давела возрасните и децата, кои сами оделе да се капат (А. Донски: "Фолклорното
богатство на Штип", ДНУШ, Штип, 1989 год., стр. 324). Во античката
митологија аналогија на македонската Стаија се водените нимфи. Претходно
видовме дека една од нив (Дриопа) го повлекла со себе убавецот Хил кога тој
дошол да наполни вода од изворот во кој таа живеела.
МОТИВОТ ЗА ПОЗЛАТУВАЊЕ И ПОСРЕБРУВАЊЕ СО ДОПИР
Овој интересен мотив се среќава во македонската народна приказна под
наслов: "Сиромаио дрвар што го видел небото отворено" (Марко К.
Цепенков: "Во светот на приказните", Скопје, 1982 год., стр. 301.).
Еден сиромав човек слушнал дека на празникот Благовец небото на полноќ се
отворало за миг и дека оној што ќе го видел небото отворено можел да посака
од Господ се и сешто. Така, вечерта спроти Благовец, сиромавиот чекал и
небото навистина за миг се отворило. Тогаш сиромавиот се прекрстил и рекол:
- Господи, благосој ми ги рацеве за што да фатам, сребро и злато да ми се
стори.
Само што го рекол ова, небото се затворило. И навистина оттогаш се што ќе
фател сиромавиот станувало сребрено. Отпрвин сиромавиот се израдувал, но
подоцна видел голема мака затоа што сите предмети во неговото домаќинство
што ги допирал станувале сребрени. Сребрено станало дури и нивното магаре, а
подоцна сребрено станало и јадењето што требало да го јаде и пиењето што
требало да го пие. На крајот, кога ја допрел жена му, и таа станала сребрена.
Во очај селанецот се фатил за глава и наеднаш и тој станал сребрен. Така го
завршил својот живот.
Овој необичен мотив постои и во античката митологија. Митолошкиот крал
Мида му помогнал на Силен да го најде својот бог Дионис. Во знак на
благодарност Дионис му рекол на Мида дека ќе му ја исполни секоја желба.
Тогаш Мида посакал се што ќе допре со рацете да се позлати. Така и се
случило. Отпрвин Мида бил многу радосен, но подоцна имал големи проблеми. Не
можел ни да јаде ни да пие, затоа што јадењето и пиењето се престорувале во
злато. Така бил принуден да гладува. Тогаш почнал да го моли Дионис пак да
го направи обичен човек. Дионис му рекол дека пак ќе стане обичен
човек доколку се искапи во реката Херм ( Hermus)
во Мајонија (Азија). Но, кога Мида ја допрел реката и таа наеднаш се
позлатила. (Карлос Парада, цит. дело, наслов Midas).
Сличноста помеѓу македонската народна приказна и митолошката приказна за
кралот Мида е повеќе од очигледна. И сиромавиот и кралот Мида посакале од
натприродната сила (во случајов Господ, т.е. Дионис) да им помогне да
се збогатат без труд и без работа. Господ, т.е. Дионис им ја исполнил
желбата и тие отпрвин се радувале, но подоцна наишле на големи проблеми.
Обајцата не можеле ни да јадат, ни да пијат и несреќно ја завршиле својата
авантура. Можеби тајната порака на овој мотив е во казнувањето од страна на
бог на сите оние кои сакаат на лесен начин да дојдат до материјално
богатство. Повеќе од јасно е дека мотивот во приказната запишана од Цепенков
е директно наследен од античкиот мит за кралот Мида. Пагански, т.е.
нехристијански елемент во оваа приказна е фактот што бог му помогнал
на сиромавиот се што ќе допре да стане сребрено, а таква особина воопшто не
е својствена за Господ Исус Христос. Никаде во Библијата не е спомнат таков
случај, што е доказ дека овој мотив има паганско потекло. Такви особини
имале античките богови (во случајов Дионис). Значи и овој мотив современите
Македонци го наследиле преку својата генетско-културна врска од античките
Македонци. Да потсетиме дека кралот Мида (според легендата) бил фригиски
крал, а веќе спомнавме дека Фригијците (кои додека живееле на Балканот биле
познати како Бригијци) имале доминантна улога во етногенезата на античките
Македонци. И за Дионис рековме дека бил бог со бригиско потекло, па оттаму
главните личности во оваа митолошка приказна имаат тесни врски со
античко-македонската култура, преку која стигнале и до современите Македонци.
МОТИВОТ ЗА ПЕРСОНАЛИЗАЦИЈА НА СОНЦЕТО
Не е спорно дека сонцето игра важна улога во фолклорот на речиси сите
народи во светот. Во македонските народни умотворби запишани во 19 и 20 век
сонцето е персонализирано. Тоа се жени, има мајка и сопствен дом. Понекогаш
им помага на луѓето, но умее да биде и сурово.
Еден од позабележителните мотиви во македонските приказни во врска со
сонцето е мотивот за неговата женидба. Така, на пример, во приказната "Женидбата
на сонцето", сонцето бара од мајка си таа да појде кај Господ и да го
замоли да му дозволи да се ожени за девојката што ја бендисало. Господ се
согласил, а подоцна момата до сонцето се качила по златно јаже. (д-р Кирил
Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје 1996, стр. 25).
Интересна е и приказната "Ежот и сонцевата женидба" (запишана од
Марко К. Цепенков: "Светот на приказните" приредил Кирил Пенушлиски,
Мисла, 1982, стр. 28). Животните решиле да го женат сонцето и му одбрале
убава девојка. Но, ежот им рекол дека со тоа ќе се намножат сонца на небото
и земјата ќе стане жешка поради што ќе снема вода. Кога го слушнале тоа
животните се предомислиле, а сонцето се навредило и паднало во морето, по
што веднаш се стемнило. Животните се уплашиле дека сонцето се удавило. Тогаш
го повикале петелот да му пее на сонцето. Кога сонцето ја слушнало песната
на петелот кој долго пеел (а крај него имало еден стар и распартален петел),
излегло од морето и го прашало зошто пее. Петелот му одговорил дека пее од
радост затоа што не е женет и дека ако бил женет ќе бил распартален како
петелот до него. Кога го сушнало тоа, сонцето размислило и сфатило дека не
треба ни тоа да се жени. Затоа пак се качило на небото за да грее.
Сонцето се жени и во народните песни. Таква е песната Јана и сонцето
од зборникот на Миладиновци (цит. според д-р Пенушлиски, цит. дело,стр. 26).
Има уште многу песни и други творби за женидбата на сонцето.
Во античката митологија сонцето е претставено преку ликот на Хелиј ( Helius).
Има неколку битни заеднички сегменти помеѓу претставата на Хелиј и сонцето
во македонските умотворби запишани во 19 и 20 век. Така, на пример, и Хелиј
и сонцето од македонскиот фолклор се персонализирани, т.е. претставени се со
човечки особини и тоа како припадници на машкиот пол (додека месечината е
женски пол). Тие живеат во палати, имаат мајки и се заинтересирани за
личности од спротивниот пол (во македонскиот фолклор сонцето се жени, а во
античката митологија Хелиј води љубов со Левкотеа). Тие понекогаш се и
сурови кон луѓето (во македонскиот фолклор сонцето понекогаш ги јаде
луѓето, а во митологијата Хелиј ја престорил Арга во срна откако упатила
неумесна забелешка за неговата брзина). Потребно е да продолжат
истражувањата во оваа насока.
МОТИВОТ ЗА СОНЦЕТО КОЕ НЕПРИРОДНО ИЗГРЕВА И ЗАОЃА
Овој мотив се среќава во приказната "Богатио човек што отидна дури до
сонцето и се врати" (Марко К. Цепенков: "Македонски народни приказни",
Скопје, 1989, книга 1, приказна 60). Во приказната е опишана судбината на
еден богаташ. Тој постојано се обложувал со некој човек (кој бил таен
љубовник на неговата жена) и облозите секогаш ги губел. Причина за ова било
тоа што неговата жена кришум му ги кажувала одговорите на облозите на својот
љубовник. Така богатиот за кратко време осиромашел. По извесно време отишол
кај сонцето за да бара помош од него. Кога стигнал таму, сонцето го
посоветувало да си оди дома и да се обложи уште еднаш со љубовникот на жена
си дека сонцето во одреден ден ќе изгрее од запад. Човекот се вратил дома и
направил како што му рекло сонцето. Се обложил со љубовникот на жена си дека
сонцето во одреден ден ќе изгрее од запад. Му рекол дека ако загуби, ќе му
стане роб, а ако добие, ќе треба му врати се што дотогаш му зел. Откако се
обложиле, сонцето и навистина изгреало од запад, па човекот си го повратил
богатството.
Слична приказна под наслов: "Как изглело слнцето од запад"
запишале и браќата Молерови (подетално за оваа и за претходната приказна кај
д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 23), а
приказна со ваков мотив запишал и Стефан Верковиќ (исто, стр. 23).
И овој мотив го имало во античката митологија. Позната е приказната за
двајцата браќа Атреј ( Atreus)
и Тиест (Thyestes),
кои се расправале кој да седне на тронот на кралството во Микена. Атреј бил
оженет со Еропа (Aerope),
која истовремено му била тајна љубовница на неговиот брат Тиест. Карлос
Парада прави кратко резиме на оваа приказна:
"Атреј се оженил за Еропа... која му станала љубовница на неговиот
брат Тиест".
Во продолжение читаме дека Атреј чувал едно златно јагне... "но Еропа
кришум му го дала златното јагне на нејзиниот љубовник Тиест, кој изјавил
дека кралството ќе му припадне на оној што го поседува златното јагне. Атреј
се согласил со ова, верувајќи дека златното јагне се уште е кај него
заклучено на сигурно место, но откако Тиест покажал дека златното јагне е
кај него, станал крал на Микена... Тогаш Зевс го испратил Хермес кој му
рекол на Атреј да се обложи со Тиест дека сонцето ќе зајде на исток и дека
ако се случи тоа, Атреј ќе стане крал... Тиест се согласил, верувајќи дека
тоа не може да се случи. Но, сонцето зашло на исток и Атреј го добил
кралствиото" (Карлос Парада, цит. дело, наслови
Atreus
и Hermes).
Без разлика на деталот што во македонската народна приказна сонцето
изгрева од запад, а во античката сонцето заоѓа на исток, јасно е дека
суштината на овој мотив е иста - сонцето се однесува во спротивност со
природните закони. Заеднички сегмент во обете приказни е и обложувањето на
двајца луѓе, како и помошта што некоја виша сила му ја дава на
обложувачот врз кој претходно е извршена неправда. Во обете приказни се
среќава и неверната жена која тајно работи против својот сопруг и му помага
на љубовникот во обложувањето. Затоа подоцна вишата сила прави обратно - таа
нанесува еден вид неправда кон оној што на нечесен начин победил во
претходното обложување. На тој начин вишата сила му помага на неправедно
оштетениот.
Значи, постојат доволно заеднички сегменти во обете приказни за да се
заклучи дека и овој мотив современите Македонци го наследиле од античките
Македонци, среде кои, своевремено оваа античка приказна била мошне
популарна.
(Продолжува)
|