Но, Голгота не го уништи Крстот, не го уништи Бога. Тој Воскресна, а со
тоа го воскресна и целиот свет. Безгрешниот Господ Исус Христос кој се
жртвуваше за спасение на светот, на Крстот ја победи смртта, го победи
сатаната. На третиот ден Воскресна. Крсниот знак, кој бил знак на пораз,
Христос го претвори во знак на победа. Затоа во Светата Православна Црква се
пее: "Крстот е чувар на вселената, украс на црквата,... слава на ангелите и
пропаст на демоните".
ПРОНАОЃАЊЕ НА СВЕТИОТ КРСТ
Светиот Крст го пронашла Св. Рамноапостолна царица Елена, мајка на
римскиот цар Константин Велики кој откога Бог му се јавил, со силата на
Крстот, во битката, го победи Максимијан во 312 година, а во 313 година го
издаде Миланскиот едикт, за слобода на христијанската вера. Царицата
заминала на аџилак во Светата Земја. Наредила да се пронајде каде е закопан
Чесниот Крст Христов. Стариот Евреин по име Јуда, го знаел местото каде се
наоѓа Крстот, но не сакал да каже. По наредба на царицата, откако бил фрлен
во јама, бил принуден да каже дека Крстот е закопан под идолскиот храм
Венера. Царицата наредила веднаш да се сруши идолскиот храм и да се копа
длабоко околу гробот на Христос. Копајќи, пронајдени се три крста.
Пронајдени се и клинците со кои Господ бил прикован на Крстот. Но, не знаеле
кои од овие три крста е Христовиот, како да го распознаат. Тогаш поминувала
колона со мртовец и ерусалимскиот патријар Макарие наредил да ги постават
крстовите врз мртовецот и тоа еден по еден. Мртовецот не реагирал кога врз
него го допреле и првиот и вториот крст. Но, кога го ставиле врз него
третиот Крст, тој оживел, воскреснал. Со тоа бил откриен Чесниот и
Животворен Крст Христов. Царицата Елена, со љубов, прва го примила Чесниот
Крст, му се поклонила и го целивала, а патријархот Макарие го издигнал
Крстот високо, го кревал и спуштал повеќе пати, вртејќи се на сите четири
страни на светот. Народот со благодарност кон Бога за необичното откритие,
плачејќи и крстејќи се пеел: "Господи помилуј!". Царицата Елена во сребрен
ковчег го положила Крстот и му го предала на Ерусалимскиот патријарх за да
се чува за идните поколенија. Таа за себе зела дел од Чесното дрво на Крстот,
а ги зела и светите клинци.
По повеќе години, персискиот цар Хозрој го освоил Ерусалим и го однел
Чесниот Крст Господов во Персија каде останал 14 години. Но, во 628 година,
византискиот цар Ираклија го победил персискиот цар Хозрој и славно го
вратил Крстот во Ерусалим. "Царот, во беден костум и босоног" (како што
Христос одел по Голгота, носејќи го Својот Крст), го изнесол Крстот на
Голгота и го положил во храмот "Воскресение", за утеха, радост и надеж на
целиот христијански свет.
На празникот "Воздвижение на Чесниот и Животворен Господов Крст" (Воздвижение
значи Издигнување на Крстот над целата вселена како знак на победа на
христијанството над светот), одбележуваме два големи настани: Чудесното
пронаоѓање на Чесниот Господов Крст на Голгота, и враќањето на Чесниот Крст
од Персија во Ерусалим. Честици од Чесното Дрво има во: Светата Земја, во
Македонија (во манастирот "Св. Јован Бигорски"), во Црна Гора, во Хрватска.
"Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство.
Дарувај им победа над непријателите на сите наши православни христијани и со
Крстот Свој заштити го Твоето наследство" - тропар на празникот. Празникот
се слави на 14.09/27.09.
ЉУБОВ, ВЕРА И НАДА
Да ги потсетиме читателите дека на 17.09/30.09 се слават Св. Маченички
Вера, Нада, Љубов и нивната мајка Св. Софија, кои пострадаа заради верата во
Христа во 2 век, за време на цар Адријан. Мачителот ги фрлил девојчињата во
оган, па во врела смола и ги пресекол со меч. Храбрата мајка ги погребала
надвор од Рим и го испуштила својот дух на нивниот гроб, за да биде заедно
со нив - на земјата, и духовно, на небото.
