Накитени сме со богата сектоманија. По градовите, скверовите и во овој
наш град престолен македонски, во овие жешки денови се танцува и се игра во
името на еден Господ и секој го присвојува на свој начин. Се води една
опасна верска војна на штета на нашиот разум. Господ станува поента не за
молитва и наше спасение, туку некаков нечист бизнис, бојадисан со рѓосана
плима на сатанизмот.
Сите брзаме за да коленичиме на тој наш насушен леб со кој некои си ја
бришат потта од безвредниот бурен живот. Парадираме со нашиот Спасител Исус,
тоа наше најсветло и безгрешно име и ја претопуваме, оваа верска лакрдија во
кој жртви стануваат младите. Родителите како да си ги забораваат своите деца.
Каде е таа мајчина и татковска милост кон своите деца или обратно!? Во
кафулињата, по разни сомнителни агли, парковите, улиците се движат како во
пајажина млади залутани души. Во доцните ноќни часови се излегува од дома и
се враќа во мугри. Го уништуваме беспрекорниот подарок, божјиот напиток,
сонот. И кога сонцето не вика на живеење, радост и работа, нашите млади деца
спијат до пладневните часови и со тој чин пропаѓа работниот елан и целата
негова вредност е поништена.
КАДЕ И ДО КАДЕ!?
Се прашуваме: Сите тие наши педагози, социолози, психијатри, државната
власт, свештенството сите ја чувствуваат таа инвазија на проклетство и
самоуништување. Личноста на младиот човек се распаѓа, односите се
заоструваат како во семејствата така и во општеството. Наркоманијата,
убиствата, самоубиствата се аларм за брзо будење од тој мрачен лавиринт, за
да се парчоса една вистина на животот и си подава рака на тој сатански
феномен - предвесник на смртта и нејзините крвави стапици.
Безработицата, делничењето, стечаите, празните и луди скитања за да се
превтаса времето, не води во неврат, неправда и данокот на насилствата,
жедта за пари, потоа жедта за неприроден блуд, силување, жед да се дојде до
некоја каква било егзистенција.
Паѓаме во затворите и во нив како да си го најдовме местото под сонцето,
бидеќи тука сме го нашле местото за живејачка и лебот. Ете така се до еден
крај кој ја нема својата вистинска смисла за живот. Визијата за иднината на
младите е под голем прашалник, тоа е најголема загатка во ова немирно време
во кое живееме. Разни мисионери во овој метеж ги "ловат" своите млади жртви
и тие стануваат членови на некои од мрачните секти кои како печурки го
извалкале нашиот разум, нашето достоинство. Веќе овде гледаме како се валка
името на Господа и се станува урнек на една пропаст, искривување за да се
најдеме во виорот на најцрните секти меѓу кои и сатанизмот.
ДУХОВНО РАСПАЃАЊЕ?!
Моралот во нашето општество опаѓа на сметка на новороденото семејно
разурнување, поради бедотијата, потоа брзоплетото уривање на фабриките и тој
стечаен бум не претвора во генерација на игрите на глувците и луѓето и таа
млада армија несреќни клетници и таа армија безработници не тера да чекориме
во една мошне опасна игра во нашето младо општество.
Со завршувањето на училишното образование, младите остануваат на улица.
Со запишување во училиштата на осмооделенците се поставува прашањето каде по
матурирањето. Каде со нив? Се така до оној час кој ќе не врзува со
загубената најмлада и невина работна сила која е столб на државата и
општеството. Црквите се најсилен духовен бастион! Да се спаси младината и
децата од духовно распаѓање! Тоа е најважно прашање. Како да ги собереме и
да ги приклучиме тие млади залутани духовни срца кон својата Мајка Црква.
Младите го бараат своето спасение и тоа е токму некаде во духовните
храмови кои за жал се празни со исклучок на поголемите празници. Атеизмот и
комунизмот како остатоци од бившите ју-простори се уште господаруваат во
образовнието и токму тоа прашање е на мртва точка. Нашата Македонска
Светиклиментова православна црква треба да стори се што е во нејзина моќ
како духовен поглавар на целото македонско општество со авторитетот и силата
на Светиот синод да се бори до крај, да изнајде сили за да се воведе
верската поука во училиштата. А до тоа време потребно по примерот на некои
цркви во државата да се прошири верската поука по сите цркви каде се има
можности, да се опфатат се повеќе млади и деца за нивно духовно
превоспитување.