Навистина по сето тоа не треба ни да не чуди што спортот ни е доведен на
вакви ниски гранки. Се додека имаме партиски луѓе на места во спортот, се
додека имаме луѓе кои работат по партиски интереси, нашиот спорт нема да
постигнува забележителни резултати.
ФУДБАЛ
Прашањето се наметнува како актуелно токму сега кога се знае кој е
победник на овие избори и поради тоа што минатата власт кога ги правеше тие
промени ги направи толку лошо што мораше да се разбере и да се алармираат и
надлежните сојузи во Европа. Имено, веднаш по доаѓањето на власт на
Коалицијата за промени во еуфоријата на промените се извршија најпрво
промени во Фудбалскиот сојуз. Дотогашниот претседател на Сојузот, Љубисав
Иванов - Ѕинго, кој дотогаш беше обвинет за многу скандали и беше посочен за
директен виновник за лошиот рејтинг на македонскиот фудбал, беше експресно
сменет на еден крајно контроверзен начин и на негово место беше поставен
партиски јуришник од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Ламбе Арнаудов. Смената беше
направена толку лошо и толку неумесно, што мораше да се смеша и Светската
фудбалска федерација, ФИФА, и таа да ни ги реши проблемите. Под нејзин
надзор се одржа едно таканаречено легално собрание на ФСМ и се одбра
сегашниот претседател Ламбе Арнаудов кој веднаш формира нов Управен одбор
кој се состоеше претежно од луѓе кои беа блиски до владејачката партија и
кои сосема малку или пак воопшто немаа врска со фудбалот. Од сето тоа
добивме неколку сиви еминенции кои правеа да се постигнуваат резултати кои
им одговараат само ним и на никој друг. На крајот добивавме контроверзни
првенства, очигледно наместени натпревари и нормално, очајно разочарувачки
резултати на нашите клубови и на репрезентацијата. Промените кои беа ветени
при нивното доаѓање навистина се случија, но само по негативен терк:
паднавме на ранг-листата на ФИФА под репрезентации како Буркина Фасо и Мали,
а успеваме да одиграме нерешено со Лихтенштајн. Клубовите ни се само декор и
пополнувачи на места во евро-куповите.....
Сега некако срамежливо почнува да се пушта пробен балон и за смена на
Ламбе Арнаудов и да се постават нови луѓе во ФСМ. Се калкулира дека новите
луѓе ќе бидат блиски на победничките партии.
РАКОМЕТ
Како во фудбалот, така и во ракометот се случија експресни промени.
Веднаш и исто така на контроверзен начин беше сменета управата на
Ракометниот сојуз и тогашниот претседател Иван Бојков кој беше пратеник на
СДСМ. На негово место беше поставен Душко Кадиевски, тогашен актуелен
министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Управниот одбор исто така беше составен
од луѓе кои беа блиски на владејачката партија. Исто како и со Фудбалскиот
сојуз, така и во Ракометниот сојуз веднаш беа ветени промени и подобри
денови за македонскиот ракомет. И тука се случија промени, но негативни.
Имено, почнаа да се јавуваат афери и доживеавме ракометари да ја бојкотираат
репрезентацијата поради потезите кои беа преземени од страна на
раководството на РСМ. Резултат на тоа е што за првпат не успеавме да се
пласираме на некое големо ракометно натпреварување, т.е поради некои
теснопартиски интереси останавме покуси за едно големо спортско доживување.
Во Ракометниот сојуз вриеше и од порано од страна, а различни струи
поттикнувани од најразлични политички ментори имаа обиди за смена на
раководството. Се очекува сега кога е сменета власта да се засилат
притисоците за промена на раководството и за поставување на "подобни" луѓе.
ДРУГИ СПОРТОВИ
Исто така, и во другите спортови се случија промени во насока на
поставување на луѓе блиски до владејачките партии. Така за претседател на
Шаховскиот сојуз беше поставен Марјан Ѓорчев, за претседател на Карате
сојузот беше поставен Филип Петровски, а дури и за парадокс за да се
користат бенефиции беше формиран и Хокеарски сојуз на Македонија.
Последиците од ваквите партиски комбинаторики се катастрофални. Имаме
екипи кои се класифицираат како екипи блиски до власта и кои обилно се
помагаат и како екипи кои се блиски до опозицијата и на кои им се прават
најразлични опструкции.