Конечно со здружени сили ние, Седмата сила, како армада, како Седмата
флота, ја исвиркавме власта. Нашите 40 маченици доволно говорат во какви
услови и под каков притисок работиме. Овој начин на протестирање мораме да
го продолжиме, бидејќи виновниците, нарачателите, треба да се казнат и
изведат пред суд, пред лицето на правдата.
Доста се кријат зад други скутови. Доста се прават господари. Колегите
изедоа ќотек. Меѓутоа, ние не сме скотови. Време е ние да ги подбереме.
Затоа нашите пера се острат, а диктафоните и камерите се подготвени и натаму
да бидат во служба на македонскиот народ. Никогаш повеќе нема да
премолчуваме, без разлика што поединци од нашата фела се во службата, се на
нечиј партиски платен список и ни ја уриваат честа и професијата. Тоа се
поединци. Тоа се продадени души. Но, вистината и силата лежи во зборот. Во
новинарството. Време е ние да ги диктираме условите. Време е политичарите
нам да ни се поклонуваат, бидејќи ако ги направиме да бидат ѕвезди, тогаш ќе
мораме да ги симнуваме од небото. Заборавија дека некогаш одеа во опинци.
Заборавија дека јадеа качамак. Заборавија дека спиеја на рогозина. Затоа
нема да ги чекаме да излезат од кабинетите. Ние ќе ги заборавиме. Ќе ги
опструираме. Ќе ги бојкотираме.
НОВИНАРИТЕ НЕ СЕ НАБИЛДАНИ
На секоја прес-конференција џентлменски и балкански политичарите ги
чекавме петнаесетина минути да зборуваат. Но, сега бившиот, да потсетиме,
некогаш мошне храбриот брат Љубе, де бре... само за пред камери, го немаше
нигде. Немаше храброст, немаше... Да слезе и да се соочи со новинарите. Со
нивниот огорчен револт.
Зошто се уплаши Бошкоски? Зошто се скри во волчјата дупка на МВР? Нели се
уште на хартија беше министер во заминување. Нели се фалеше дека убаво
комуницира со јавната комуникација, со медиумите. Та ние не тепаме. Немаме
синџири и безбол палки. Ние не сме набилдани. Ние умствената и физичката
сила ја трошиме чекајќи ги господата политичари да излезат од собраниското
ВЕ-ЦЕ каде се кријат, а потоа божем ќе кажат нешто умно. Но, водата во
шолјата им го одзеде умот. Та остана саде нивната глупост и пакост. Брат
Љубе се исплаши од "џумбусот" што го направивме. Машала ...машала. Што
направивме. Скраја да е, но го уплашивме човекот. Дали сега ќе зуцне во
Парламентот? Дали ќе се истопори како неговиот сопартиец Флоровски, кој се
шеташе пред камерите и му правеше провев на Андов. Очигледно човекот го
оглувевме од свирење, та сега не може да не слуша. Но, ете ако треба ќе го
научиме јазикот на немите и ќе се послужиме со прстите. "Немски" ќе
комуницираме, а можеби и спиритуално.
НЕМА ДАЈРЕ
Кој тоа таму не тепа? Ова прашање е клучно за нашата гола егзистенција.
Ако не превземеме сериозна акција за заштита на животите на новинарите и
натаму ќе си играат со нас. Ќе не мајтапат како што знаат и умеат. Затоа,
оваа нова влада, нова власт и секоја идна, ќе мора да знае како треба да се
однесува кон седмата сила. Да не почитува по силата на перото. По силата на
зборот кој се мери, информира, а богами и го трасира рејтингот на
политичката партија. Затоа постоиме, но и предупредуваме дека нема повеќе да
се шегувате со нас. Шегата настрана. Сфатете не сериозно. Нема повеќе играње
со нас. Нема дајре!
Ако до вчера ничкум ги правевте нашите колеги. Од денес, од утре ја
вртиме новата страница во македонското новинарство. Ние не ви го копаме
гробот. Самите си го откопувате. Се зависи од вашето владение, од вашата
професионалност, стручност, па ако сакате и од чесноста, која за жал во
десетина години ја немавме доживеано. Затоа девизата "мудро владеј" е
најголемата парола за долговечноста на политичката гарнитура. Вашата кариера
не зависи од нас. Досега гледавме и забележувавме само кражби. Отсега ќе
видиме што ќе гледаме. Денот се познава по утрото, а иднината....!?
Гарнитурата доаѓа и се менува. Само новинарите остануваат. Тоа ни е задача.
Тоа е нашата професија.
ПРЕЛОМЕН МОМЕНТ
Ако еден меѓу првите жртви беше новинарот Војо Додевски кој беше скапан
од ќотек во Охрид, а подоцна мораше да оди на патерици, сега Зоран
Божиновски од Куманово едвај се спаси. Народот џабе не вели "Имало Господ",
а ова му го порачаа и лекарите од Клиничкиот центар во Скопје. Навистина
човекот е добро испокршен и претепан. Но, сега на ред е Судот во Куманово.
Дали системот ќе профункционира? Дали ова нема да биде само уште еден
одолговлекуван случај кој подоцна има шанси да биде прогласен за застарен.
Дали македонскиот судски систем нормално ќе работи? Се зависи од
политичарите. Ако тие си ја гледаат својата работа, а кадијата праведно суди,
тогаш имаме реални шанси да победиме. Не да победи Божиновски, кој секако
уште долго ќе ги чувствува последиците, туку ќе победат новинарите.
Овој момент е преломен за судбината на македонското новинарство. Ако и
натаму сме здружени, а не сме поделени, тогаш имаме реални шанси да победиме.
Бидејќи, ако досега не извлековме поука, тогаш јалови ни се сите акции,
протестирања или дефилеа. Новинарството тука не умира. Но, тоа мора да тргне
по нови патеки. Како ќе ги трасираме зависи од нас, не од парламентарците
или од разединетите "третоколонаши". Сами мораме да си ја побараме вистината
за нашата тешка положба во Република Македонија. Десетина години чмаевме, а
сега кога не удрија по глава, по раце, по тимба, по грб, ќотекот ни го врати
изветреаниот ум. Каде ни беше залутан паметот? Во поделеноста и во
салонската опера!? Ако од ова не извлековме голема поука, понатаму не треба
да се појавуваме на информативната сцена. Но, по нашето зближување, веруваме
дека сме обединети. Затоа, оваа власт и секоја наредна ќе мора да смета на
нас и многу повеќе во иднина да не почитува.