ДИК ги објави конечните резултати
По прегласувањето во Шестата изборна единица, односно во местата Лешок и
Орќуше, Државната Изборна комисија ги соопшти конечните резултати. Како што
ни изјави портпаролот на ДИК, Зоран Таневски, Коалицијата "За Македонија"
заедно има освоено 60 пратенички места, Коалицијата ВМРО- ДПМНЕ и ЛП 33,
Демократската унија за интеграција 16, ДПА 7, ПДП 2, а НДП и СПМ по едно
пратеничко место.
ЕУ ги поздрави мирните избори во Македонија
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија на
редовниот состанок во Брисел, на кој главна тема беше ситуацијата во Западен
Балкан, ги поздравија неодамна одржаните мирни парламентарни избори во
Македонија и изразија очекување дека наскоро ќе биде формирана и новата
македонска влада, која ќе биде способна за целосна примена на охридскиот
Договор и за исполнување на обврските, што произлегуваат од потпишаната
Спогодба за стабилизација и асоцијација.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и
безбедност, Хавиер Солана, во извештајот за состојбата на Балканот укажа
дека Западен Балкан денес "изгледа подобро" од кога било во последните
десетина години и додаде дека во земјите од регионот доминира демократијата.
Македонија десетина дена без половина Влада
Со денот на верификацијата на пратеничкиот мандат на Љубчо Георгиевски,
Република Македонија останува без премиер. До денот кога новиот
парламентарен состав ќе избере нова влада, премиер и министри, извршната
власт ќе функционира практично само технички и ќе ја водат потпретседателите,
министрите и нивните заменици, кои не се кандидирале и не биле избрани за
парламентарци. Значи, во овој правен вакуум со седниците на Владата во стар
состав во наредните десетина дена или повеќе ќе раководат Бедредин Ибраими и
Кемал Муслиу како потпретседатели на Владата кои не заминаа во законодавната
власт по парламентарните избори одржани на 15 септември, за разлика од
нивните "колеги" потпретседатели Зоран Крстевски и Џевдет Насуфи кои станаа
пратеници.
Црвенковски мандатот ќе го добие идната недела
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, како што информира "Вест", од
претседателот на државата Борис Трајковски, идната недела ќе го добие
мандатот за формирање нова влада. Ова било договорено на понеделничката
средба меѓу Црвенковски и Трајковски. Како можен датум за доделување на
мандатот, лидерот на СДСМ на шефот на државата му го предложил седми
октомври. Сепак, Црвенковски оставил простор, во случај да му треба уште
еден ден за консултации за составот на новата влада, место на 7 октомври,
Трајковски мандатот да му го даде на 8 октомври.
Не ни треба смртна казна, туку ефикасно судство
Враќањето на смртната казна, е непотребен, неефикасен и антиевропски
чекор кој нема да има никаква улога врз намалувањето на насилниот
криминалитет, тврдат експертите за предлогот на Македонскиот полициски
синдикат во законодавството да се врати смртната казна за дела како убиство
на полицаец. Криминолозите и пенолозите потенцираат дека смртната казна не
го намалува криминалитетот, туку проблемот е во изрекувањето и извршувањето
на казните, што не функционира поради ерозија на правната држава. Според нив,
решение на проблемот е ефикасното судство и ефикасното казнување.
Македонскиот полициски сидикат се огласи со соопштение во кое вели дека
ставот за повторно воведување на смртната казна, како генерална превенција
за случаите на убиство на полицаец, не е став искажан од претседателот или
некој од органите и телата на Синдикатот. Во соопштението се појаснува дека
тој став бил искажан како слободно индивидуално размислување на еден член од
Основната организација на МПС од Секторот за внатрешни работи во Тетово, на
синдикалниот состанок во рамките на прашањата, размислувањата и предлозите
што ги искажале вработените во СВР Тетово.
На Македонија и се заканува глад
Поради обилните врнежи кои направија пустош и огромни штети во
земјоделството на Македонија и се заканува глад. Земјоделците со
оштетувањето на земјоделските производи и намалување на реколтата се
соочуваат со огромни материјални трошоци и велат дека досега државата не им
помогнала да ја надминат таа состојба.
Претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров,
потенцира дека загрижувачка е ситуацијата со есенската сеидба која не може
да се изведе оти секојдневно паѓа дожд. Тој потенцира дека, иако уште не е
направена проценка, штетите ќе бидат огромни и дека за овој проблем ќе мора
да бараат помош од новата влада.
Благ пораст на еврото
Продажниот курс на еврото во менувачниците во државава на први октомври
се искачи на 63,10 денари за евро. Според скопските дилери на девизи,
главната причина за благото покачување на девизниот курс е вишокот денари,
наспроти недостигот од европската валута. Како причина се наведува и
високата предизборна, но и постизборна потрошувачка. Меѓутоа, дилерите,
менувачниците и Народна банка на Македонија прогнозираат дека деновиве се
очекува продажниот курс на европската валута да се намали и да се
стабилизира.
|