авачите на апокалипсата
продолжуваат да ја јаваат килавата магарица која со искривени расчекорени
нозе се обидува некако да се довлече до целта која ќе и понуди капка одмор.
Преголемиот товар кој врз себе го носи државата задава безмилосни удари врз
сите сегменти на општествениот живот, посебно во овој вакуум простор кој
постепено одминува, а екстремно лошо се злоупотреби за приграбување на она
што е дофатно за партиските моќници.
Периодот на премин од една на друга власт и трансфер на политичката
идеологија создаде куп нови егзибиции кои прераснаа во државни проблеми со
кои ќе мора да се соочи новиот кабинет на стариот Црвенковски. Повикот да се
престане со процесот на реваншизми, одмазди и враќање "мило за драго"
останаа пуста утопија како на страната на едните, така и на страната на
другите. Таквите тенденции кај најголемиот дел од влијателните политички
сили во државата веројатно ќе продолжат и понатаму во континуитет на одамна
започнатото, како нешто што е трајно врежано во политичкиот тип на
Балканецот.
Ривалството кое владее во речиси секој дел од политичката област, без
разлика дали станува збор за дипломатија, економија, правда или безбедност
меѓу неистомислениците, е издигнато на пиедестал иако има несогледливи
долгорочни последици по виталните елементи на државноста. Сепак, и тоа е
составен дел на актуелниот општествен систем наречен демократија и покрај
тоа што содржи елементи на перверзна злоупотреба на постапките на
политичкиот противник. Ако овие тепале во изминатите четири години по која
било основа, да не остане покусо ќе тепаат и новите, ако оние претходните
години краделе и како орли мршојадци се однесувале кон стопанските
капацитети во земјата. И нивните следбеници ќе го прават истото со уште
поразвиен стадиум на тој процес. Така беше изминатата деценија од речиси
сите партиципиенти во законодавната и извршната власт.
УНИШТУВАЧКИ СИНДРОМ
Реваншизмот меѓу политичките опоненти е појава и процес присутен во
речиси секое општество при трансферот на власта и промената на режимите. Во
овој контекст Македонија не отскокнува многу, ниту пак ја занемарува таа
категорија во споредба со преостанатите земји од нашето геополитичко
опкружување, па и пошироко. Случаите во Хрватска и Србија по паѓањето на
системите на Туѓман и Милошевиќ јасно ги издиференцираа методите на
реваншизам кај новите структури кон поранешните. Оправдано или не, народот
пресудува. Кај нас структурата на таквиот мозаик е неколкукратно различна.
Реваншизмот кај нас не се сведува на сопирање на корупциските и мафијашките
дејанија на веќе заменетите политички асамблеи, туку напротив се се сведува
на повеќестепено растење на корупцијата како одмазда на нивните опоненти.
Штетата за таквото практикување на реваншизмот не ја сносат ниту поранешните
уживатели на народните пари, ниту пак повиканите за корупциско дејствување.
Штетата ја сносат обичните народни маси кои со своето кусогледо, толерантно
и пасивно однесување само им даваат покритие на узурпаторите на граѓанската
власт да ги легализираат своите матни трансакции, спроведени контингенти и
фалсификувани фактури и притоа на ниту еден начин да не одговараат пред
судот на честа и правдата.
Во последната изборна кампања за ваквите појави со кои се бориме цело
десетлетие добивме ветувања за нов приод и пристап кон дивјаците, ветувања
за транспарентно и правно засновано дејство за борба против уништувачките
елементи за целокупната државност. Новата власт која народот долго ја чекаше
овојпат има премногу одговорна задача, ќе нема многу време за размислување.
Ќе мора на ваков или онаков начин повторно да го спроведе процесот на
реваншизам, но не по урнекот на досега практикуваното, туку по сосема нови и
законски регулативи. Истерувањето на правдата и казнувањето на виновниците
овојпат не треба и не смее да се сведе на доограбување на она што
преостанало од народот или по методот "ако овој зел толку, јас ќе земам олку
за да го казнам", бидејќи тоа ќе биде уште една и можеби последна епизода од
привидната демократија во македонското општество.
Кабинетот на социјалдемократите за да ја искористи и оправда втората
доделена шанса од електоратот, принципот на реваншизам треба да го осознае и
примени како принцип на казнување и изнесување пред лицето на правдата на
сите оние кои се огрешиле пред народот и институциите на системот, како
метод на сосекување во корен на сите криминогени и корупциски зделки и
договори на носителите на власта. Колку во тоа ќе успеат новите позиционери
ќе зависи од нивната подготвеност да го трансформираат начинот и
менталитетот на таквото практикување на демократијата. Едно од
новосоздадените болни прашања во овој вакуум приод на примопредавање на
власта е и експресно вработување на партиски кадри од веќе заминатата
владејачка гарнитура на Георгиевски и Џафери. Изминатите 15 дена по
завршувањето на изборниот процес беа грубо искористени за влетување на
стотици лица од блиското опкружување на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА во администрацијата
која се повеќе тежи во квантитативен поглед. Набрзина се алармираа
коалиционите партнери на Црвенковски, а своето незадоволство и разочараност
го искажаа и претставниците на Светската банка кои побараа објаснување на
големиот "реформатор" во економската и финансиската сфера, Никола Груевски.
Поразените на овие избори со овој потег го фаќаа последниот воз што
можеше да се фати со надеж дека нивните наследници нема да играат на картата
на која тие на почетокот на 99-та играа - масовно отпуштање на
социјалдемократските кадри и нивна замена со ДПМНЕ-овски. Тоа беше
вообичаена практика на немилосрдните противници. "Пари за нововработените
партиски кадри по 15 септември од Буџетот нема" - ќе рече Груевски при
прошталната средба со претставникот на Светската банка во земјава. Ако нема,
зошто новата опозиција го направи тој луксуз да биде негативно оценета од
меѓународниот фактор кога од тој проект во кој се впушти фајде нема да има.
Или пак ќе се обиде уште на стартот да и залепи етикета на Коалицијата "Заедно"
дека масовно отпушта кадри од претходната гарнитура со што ќе покаже на
провиден начин дека ерата на реваншизмот се уште не завршила? Дотолчувањето
меѓу едните и другите економско-политички тимови со различни општествени
погледи неспорно е дека ќе продолжи, бидејќи се уште го влечеме онака
развлечениот период на транзиција. Грубоста на преземањето на постапките ќе
се менува во зависност на околностите, внатрешните прилики и степенот на
влијание на меѓународните финансиски институции.
ТЕШКА БОРБА!
Секој чекор во борбата против корупцијата и криминалот ќе биде болен и
долгорочен поради длабоко пуштените корени во ткивото на македонското
стопанство и економија. Но, првиот чекор треба да стартува веднаш, енергично,
решително, без одлагање.
Секое прогледување низ прсти, секое преоѓање во дефанзива и наоѓање
партнерство меѓу актуелните и поранешните корупциони личности ќе значи
тотален крај на уништеното македонско стопанско творештво, замирање на
последните капацитети што сега некако преживуваат и вртења на грбот на сите
потенцијални странски инвеститори.
Новите личности во економско-финансиските ресори ќе мора во што поскоро
време да ја вратат на нормален колосек транспарентноста во процесот на
соработка со странските купувачи и инвеститори, бидејќи во изминатите четири
години најголемите корупциски зафати беа остварени токму поради немањето
транспарентност, избегнувањето на тендерите и договарањето очи во очи по
ќошовите на луксузните ресторани и хотели во земјава и надвор од неа.
Продажбата на ОКТА, мермерниот комбинат од Прилеп, рудникот Бучим и многу
други капацитети донесоа и се уште ќе носат несогледливи последици по нашата
економија, поради две причини. Прво, што продажбата се одвиваше на начин
несвојствен за принципите на Светската банка и ММФ и второ, што ниту една
здрава и нормална држава не продава природни ресурси од типот на рудници,
извори и слично. Ние сето ова го сторивме или пореално речено го сторија.
Како новата власт ќе одигра на ова поле? Свежи ни се сеќавањата како остро и
луто реагираа левоориентираните во Собранието во изминатиот период што ни
влева оптимизам и надеж дека прво, нема да го прават истото и второ, ќе
соберат храброст да ги ревидираат штетните економски зделки што ги направија
Георгиевски, Стојменов, Груевски и Фетаи. Или тука нема ништо да чепкаат?
Едно е сигурно. Се мора да се ревидира, реформира и трансформира. Се
сеќавам на онаа изрека на Георгиевски во изборната кампања од 98-та дека
кога ќе дојде на власт ќе сруши се што изградил СДСМ. Дали Црвенковски сега
е подготвен да го сруши сето она што неговиот ривал го создаде изминативе
четири години? Ревизија до ревизија, реформа до реформа. Со нив малку по
малку ја ревидиравме целата држава, ја искомпониравме во турбо-шунд форма на
која и се заканува опасност од потполно исчезнување. Сепак, и овојпат па
макар и ризично ќе мора многу да ревидираме.