Мислам дека
не станува збор за шпекулација која произлегува од јавноста, туку станува
збор за поединци коишто сакаат да ја наметнат тезата дека имало фалсификат
на овие избори. Меѓутоа, сомнежите не се доволна основа за да ги
окфалификувате изборите како фалсификувани. Во оваа држава постојат закони.
Оваа држава настојува да изгради целосна применетост на принципот на
владеење на правото и само тој е начинот за да докажете дека нешто е
направено или не е направено. Значи, постојат постапки утврдени со Закон и
ако постојат такви сомнежи тој којшто се сомнева треба да ги докаже.
Државната изборна комисија заедно со преостанатиот дел од изборната
администрација вложи големи напори овие избори да бидат фер и демократски и
да им се овозможи правото на глас да го остварат сите оние полнолетни
граѓани кои имаат такво право. Притоа се водеше сметка целиот изборен процес
да биде целосно заштитен од какви било манипулации и малверзации и мислам
дека сето тоа успешно беше направено. Во суштина да се фрла сенка на она што
и домашните и меѓународните набљудувачи, но и политичките партии коишто беа
учесници во изборниот процес, ги нарекоа најфер и најдемократски и
најрегуларни избори, мислам дека е неосновано и неиздржано.
УПАД
МС: Во Вашиот кабинет се случи упад од страна на министерот Бошкоски и
претставници на ВМРО-ДПМНЕ кои целата врева ја кренаа околу гласачките
ливчиња. Тие изразија сомневање дека згрешените табаци хартија не биле
уништени комисиски, а се сомневаат и околу употребената хартија и мастило во
изборниот процес. Имаат ли основа ваквите сомневања?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: На 18 септември во мојот кабинет по силно
инсистирање дојде министерот Бошкоски со други високи функционери од една од
политичките партии коишто учествуваа на изборите. Сомневањата коишто јавно
беа искажани од поединци во однос на хартијата и во однос на постапката
околу уништувањето на погрешно отпечатените табаци хартија мислам дека беа
многу задоцнети, бидејќи ДИК е таа којашто јавно излезе пред изборите, на
големата прес-конференција и образложи што се е направено, каде е добро
завршена работата, според наши проценки, а каде сме имале проблеми. ДИК е
таа којашто посочи дека во постапката за печатење на гласачките ливчиња,
поради грешка во писмото на една од припадниците на заедниците, погрешно се
отпечатени табаци хартија. На таа прес-конференција ја образложивме и
постапката околу уништувањето на погрешно отпечатените табаци хартија.
Грешката беше констатирана од страна на ДИК на почетокот на печатењето.
Комисијата излезе на лице место, ја констатира состојбата и донесе одлука да
се оформи работна група која заедно со работна група од печатницата ќе го
поништи погрешно отпечатениот материјал. Во оваа работна група којашто беше
составена од тројца членови, од кои едниот е заменик-секретар на Комисијата,
а двајца се членови на стручното тело на Комисијата, имаше и двајца членови
кои се вработени во Министерството за внатрешни работи, луѓе кои одлично ги
познаваат работите во однос на она што значи ништење на материјали и како
тече постапката околу тоа. За целата наша работа околу подготовките, околу
печатењето на гласачките ливчиња, нивното пакување, дистрибуирање, околу
уништувањето на погрешно отпечатените табаци хартија, се одлучуваше во
Комисијата и сите одлуки ги носи таа како колективно тело. Во Комисијата има
членови на политичките партии и судии од Врховниот суд предложени од
политичките партии, што значи одлуките на ДИК и тоа како како биле познати.
Не станува збор за нешто што подоцна е осознаено. Освен тоа, нашите седници
беа под постојан мониторинг на Организацијата за безбедност и сигурност на
Европа, но и самата печатница беше под постојан мониторинг. Ние не можевме
да си дозволиме од печатницата да излезе ниту едно ливче повеќе од бројот на
гласачите и од печатницата уредно се отпечатени и излегоа 1.664.296 ливчиња,
онолку колку што има гласачи. Целиот процес, целата постапка беше многу
транспарентна, јавно образложена и во рамките на постапка утврдена со
Законот поништени беа погрешно отпечатените табаци хартија. Ова не е нешто
што не може да се случи на друго место, односно на друго место да се направи
грешка во печатењето. Како пример можам да ви ги посочам изборите во
Германија. Сега во подготовките на изборите во Германија погрешно се
отпечатени 120.000 не табаци, туку гласачки ливчиња. 120.000 гласачки
ливчиња Германците ги подврзуваат во форма на тетратки и ги делат по
училиштата децата да вежбаат изборно право. Значи, имате и еден ваков гест.
Замислете си ние да постапевме така и тоа пред спроведувањето на изборите.
Ние одевме на целосно уништување на хартијата се со цел од печатницата да не
излезе ниту едно ливче помалку или повеќе. Постапката е водена и завршена во
согласност со Закон и тука нема простор за какво било сомневање.
МС: Се шпекулира со бројот на уништените гласачки ливчиња?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Се уништија 118.000 табаци хартија. Станува
збор за погрешно отпечатени табаци хартија за "Единицата" и "Двојката" како
изборни единици. Јас во една прилика спомнав дека ние отпечативме и
дистрибуиравме многу материјал низ државава, така што во сите тие подготовки
оваа грешка којашто на почетокот се случи со писмото на припадниците на една
од заедниците сметаме дека и не претставува така голем проблем.
МС: Што е со гласачките ливчиња на Амди Бајрам кои ги расфрли пред
македонскиот Парламент?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Сојузот на Ромите имаше приговор во
однос на гласањето и сумирањето на резултатите. Имаше жалба до Врховниот суд
и она што е постапка водена пред ДИК за нас е завршена. Понатаму работата
друг орган треба да ја води во тој дел.
ПРИЈАВИ
МС: Иако Врховниот суд на РМ ги одби приговорите на ВМРО-ДПМНЕ и ЛП за
проверка на хартијата и мастилото кое се користеше за изборниот процес, МВР
поднесе кривична пријава против Вас и директорот на печатницата "11
Октомври" во Прилеп каде што се печатеше целокупниот изборен материјал.
Според МВР, Вие сте сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и
кривично дело уништување изборни исправи?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: До мене се уште нема пристигнато кривична
пријава. Кога ќе пристигне, тогаш ќе можам да се произнесам по таа кривична
пријава. Меѓутоа, ДИК е колективно тело и тука никој не носи поединечни
одлуки и ниту еден член од Државната изборна комисија, вклучувајќи го тука и
претседателот, не превзема дејствија без знаење на ДИК. Мојот коментар би се
свел само на тоа дека доколку се покрене кривична постапка тогаш ќе се води
на начин утврден со закон. Ништо конкретно нема пристигнато кај нас, освен
писменото обраќање од Основното јавно обвинителство од Прилеп кое бара да им
доставиме копии од некои писмени одлуки, документи, поврзани со постапката
околу печатењето на гласачките ливчиња. ДИК, се разбира, ќе одговори на ова
писмо и дека ќе ги достави сите барања и документи. Со Основното јавно
обинителство од Прилеп како надлежен орган сигурно дека ќе соработуваме се
со цел конечно да се расчисти она што претходно се покрена.
МС: Ве обвинија дека не сте сакале да ги дадете оригиналните изборни
материјали за проверка.
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Државната изборна Комисија работи во
согласност со закон и води грижа за законитоста во постапките. Ние како
Комисија во ниту еден момент не одбивме соработка со никого. Напротив, на
сите обраќања до нас следеа или наши писмени известувања или контакти со
некои од органите. Ние во ниту еден момент ништо не одбивме, но единствено
што рековме е дека се што ќе се прави, ќе се прави во согласност со Законот
и со постапка утврдена со Законот. Изборниот материјал по завршувањето на
изборите е архивски материјал и во согласност со Законот за архивски
материјали тој се чува најмалку четири години. Сето она што е резултат на
изборите ДИК има обврска да го чува, а во однос на мастилото од пенкалата
меѓу другото можам да ви кажам дека со истите пенкала новите 119 пратеници
ги потпишуваа уверенијата при врачувањата, така што ве уверувам и бидете
сигурни дека за четири години тоа мастило ниту ќе избледне ниту нивниот
потпис ќе се претвори во нечиј друг потпис, ќе остане таков каков што е.
МС: Ве обинуваат дека немало договор помеѓу ДИК и печатницата "11
Октомври" за печатење на гласачките материјали и дека материјалите требало
да бидат уништени во печатницата, а не на депонијата "Алданци", бидејќи
патот до депонијата бил долг и дека можело сешто да се случи?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Договорот со печатницата "11 Октомври "
постои. Тој е заверен од печатницата и потпишан од ДИК. Во тој Договор имаме
и посебно поглавје во однос на гаранциите коишто производителот ги дава на
ДИК. Меѓу другото тој се обврзува дека со таа хартија неколку месеци по
завршувањето на изборите нема да печати и нема да ја користи за други намени
освен за изборниот материјал. Ние со Договорот утврдивме јасни обврски за
производителот дека дури траат изборните дејствија, дури не се завршат
изборите, никој нема право без согласност од ДИК да доаѓа во допир со
изборниот материјал.
МС: По обвинувањата за пристрасност во работата, Вие излеговте со тврдење
дека сте воделе сметка за непристрасноста и законитоста. Луѓето од
ВМРО-ДПМНЕ велат дека згрешиле што му дозволиле на претседателот Трајковски
да Ве именува за претседател на ДИК и дека повеќе сте наклонети на страната
на СДСМ? Колку "држат" ваквите тврдења?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Јас навистина ниту пред изборите, ниту за
време на подготовките за изборите, ниту сега, не сум имала контакти со
претставници на политичките партии, ниту со поголемите партии чии членови
беа во Комисијата, ниту со помалите коишто учествуваа во изборите. Водев и
водам сметка, бидејќи оваа функција се уште ја извршувам, во ниту еден
момент да не бидам пристрасна и да не покажам наклонетост кон ниту една
опција или политичка партија. Многу е тешко да внимавате на законитоста да
водите сметка да не се повредат нечии интереси, бидејќи оваа Комисија ги
подготвуваше изборите за сите политички партии, не само за политичките
партии коишто беа застапени во Комисијата и верувајте дека успеавме да
изградиме пристап помеѓу членовите во Комисијата на конструктивно решавање
на проблемите и во многу моменти она што значеше еснафско и правно толкување
на работите го надвладуваше она што е политичко. Значи, се она што бараше
примена на Законот настојувавме законски да биде изведено, без никаква
политичка нишка внатре. Јас не би сакала да коментирам изјави на
политичарите. Ним ќе им оставам сами да си ги преиспитуваат своите изјави.
Не знам кој колку е задоволен од мојата работа, меѓутоа јас како што реков
Комисијата е колективно тело, јас ја организирам работата на Комисијата,
меѓутоа не влијаам на тоа како ќе одлучуваат членовите на Комисијата.
Обвинувањата дека на седницата по приговорите се гласало 5:4 "не држат".
Јас, за жал, на таа седница не присуствував, неа ја водеше мојот заменик.
Меѓутоа, ве уверувам дека станува збор за респектиран судија од Врховниот
суд кој води сметка за законитоста и во ниту еден момент не дозволил да
надвладеат други интереси, освен интересот за законско изјаснување по
одредбите.
МС: Министерот Бошкоски при примањето на уверението за пратенички мандат
и по честитките за мандатот, на ДИК им ги честита кривичните пријави и
најави дека ако имаме независно судство користа ќе биде на нивна страна.
Како ја коментирате ваквата "честитка" од Бошкоски?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Ако има кривични пријави судството е
независно. Принципите на независноста на судството се предуслов за да тоа
функционира. Ако има кривични пријави, судството ќе си постапи по нив.
Комисијата е отворена за соработка со надлежните органи, ние сме подготвени
на сите нивни барања да одговориме. Ако има кривични пријави ќе ги
разгледаме во Комисијата и ќе одговориме.
МС: Имавте ли други притисоци во текот на работењето како претседател на
ДИК, освен оние кои беа обелоденети во јавноста?
ЛАЗАРОВА - ТРАЈКОВСКА: Знаете, самите избори се форма на
притисок. Ние навистина се боревме со времето. Комисијата уште на
конститутивната седница на 12 јули започна со работни активности. Ние уште
тогаш оформивме работни групи кои започнаа со подготвување на некои од
одлуките, актите, кои моравме за многу кратко време да ги донесеме. Некаде
од 12 јули, па се до денот на дистрибиурање на материјалите до избирачките
одбори, Комисијата беше во континуирано заседавање и за време од два месеца
заврши огромна работа. Мислам дека граѓаните покажаа и докажаа колку сме
успешни во тоа. Од оној момент кога започнаа обвинувањата за некаков
фалсифакат, за некаква пристрасност, почнаа да пристигнуваат писма,
телеграми, факсови со поддршка од граѓаните и мислам дека тоа не е мала
работа. Граѓаните се тие коишто можат да проценат и оценат дали изборите беа
добро или не беа добро водени. Сметам дека тие тоа и го докажаа. Еден од
експертите на меѓународните организации во разговорот по изборите рече: "Во
неделата и понеделникот ја видов Европа во Македонија". Македонија е во
Европа, имаме потенцијали, имаме сили, имаме капицитет да бидеме Европа во
вистинска смисла на зборот, на она што ние го сфаќаме како западноевропски
модел на демократија. Со овие избори докажавме дека тоа го можеме, особено
имајќи предвид во какви околности се случуваа изборите по минатогодишните
настани. Мислам дека овие избори беа подеднакво добри како и изборите во
некои земји коишто имаат подолги демократски традиции и многу помирни
опкружувања отколку Република Македонија.