| |
ПОГЛЕДИ
Огледалце, огледалце
АХ, ТОЈ РОМАНТИЗАМ!?
Гог ма Гог
И ма рудиментарни, закоравени,
закржлавени, речиси непотребни појави и состојби кои на "илјада начини" го
молиш Господ како да ги пребродиш. Се сеќавам на една "чудесна синтагма" на
поранешниот татко на Бугарија, Петар Стојанов, кој само што ја изговорил,
веднаш се "каснал за - јазик". Да Ве потсетам: "... Македонија е
најромантичниот дел од историјата на Бугарија!?"
Што е Македонија, ми се чини не знам, ама што е романтичен, романтика,
романтизам, одамна сум заборавил. И тргнав да откривам низ примерите на
нашето грубо балканско секидневие.
Уште на Газиместан, Слободан Милошевиќ, човекот кого подоцна светот го
запозна како "мистер, малку морген" (реченицата ја изговори во Охрид),
повлечен од "слаткиот српски романтизам" на сите Срби на Косово им вети дека
"нема да им фали влакно од главата", иако подоцна се случи да им фалат "цели
прамени коса"... Милошевиќ беше "цар" и имаше право на "романтично гледање
на работите на Косово", но заборави оти неговиот "романтизам" директно го
загрози - Балканот.
На крајот на краиштата, кажете ми кој хидалго (љубовник) не и ветил на
својата љубена дека "нема да и симне макар една ѕвезда од преполното небо со
светилки", како што во свое време на својот народ му вети премиерот Бранко
Црвенковски дека ќе го открие и "парчоса" – октоподот... Ветувањата се
директни еманати на романтичниот занес.
Го гледам Ерол Ризаов овие дена на екранот, како оратор наместо како
новинар, расприкажан во својот романтичен елемент кого изгледа долго го "држи"
идилата на "соц новинарството". Острото перо му го препуштил на зборот и се
издал самиот себе, мислејќи дека ќе не спаси сите нас. А, од кого? По Љубе
Бошкоски нема повеќе смисла да се пука од топ, како по кокошка која го
напушта своето "седело"... Не "овде сме, тепајте", туку "овде сме, ќе ве
тепаме тепачи и вие нарачувачи на - тепачките!"
Улогата на СПЦ кон МПЦ со "романтичарот" Јован е апсолутно - неромантична
... Ме потсетува на Ефремовата "secesio plebis".
Колку романтизмот ја напуштил литературата и воопшто уметноста, и се
вгнездил во животот на поединци, зборува една мала приказна што се раскажува
во подшарпланинските села: Една ланска студена декемвриска ноќ, терористите
на ОНА влегуваат во куќа на еден Албанец и го тераат да избега од селото.
Албанецот препознава еден од терористите и му вели: "... Момче зошто го
правите ова? Ќе загинат многу млади деца!?". Тогаш терористот му одговара: "Деца
се прават секој ден, ама држава само еднаш... Сиктер од куќава, и бегај!".
Романтизмот нема газда без разлика што тргнува со освојување на Европа од
книжевните и уметничките кругови на Франција и Германија. Неговите
прапочетоци датираат од оној момент кога човекот ја надценил својата моќ над
немоќта на другиот човек, па затоа барал и бара и идеализација на минатото и
негова реставрација, односно "бунт против постоечките човечки односи".
Велат колку повеќе романтизам, толку понереални содржини! Кога Балканот
ќе се ослободи од средновековието?
Доаѓањето на Али Ахмети и неодењето на Арбен Џафери е еден суптилен
албански романтизам, кој впрочем и не се крие, но кому му треба "време за
изживување"... Дали тоа ќе може да го "истолерира" македонскиот Парламент,
во кого за прв пат односот на присуството на партиите ќе биде четири "према"
три во корист на Албанците, ќе видиме: НДП, ЛДП, ДПА и ДУИ, наспроти СДСМ,
ВМРО-ДПМНЕ и СПМ!
|