о победата на Коалицијата "За
Македонија заедно" на четвртите парламентарни избори во државава
шпекулациите и комбинаториките за формирање на нова влада се повеќе добиваат
во интензитет. Иако македонскиот електорат е против коалицирање со партијата
на Ахмети, потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, изјави дека ДУИ ги
разбира чувствителните состојби сврзани со ваквата коалиција, но и дека
треба да се собере храброст тие состојби да се надминат и електоратот да
биде тој што ќе биде воден, а не тој да ги води политичките лидери.
ИМИЊА
Во јавноста веќе се вртат имињата на идните владини функционери. Иако
името на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, се поврзува со функцијата
премиер на идната македонска влада, според најновите информации Црвенковски
ќе ја одбегне оваа функција, за по две години да се кандидира за претседател
на Р. Македонија. Долго време струеше информација и дека познатиот бизнисмен
Трифун Костовски ќе биде првиот министер, за сега да се појави друга
информација која вели дека Костовски својот придонес за Македонија ќе го
даде во Парламентот.
Како најсигурни идни владини функционери се споменуваат: фронтменот на
Либерално-демократската партија, Петар Гошев, кој ќе го заземе
Министерството за финансии, иако неговото име се поврзува и со
Министерството за економија, потоа Илинка Митрева од Социјалдемократскиот
сојуз која најверојатно ќе се врати во Министерството за надворешни работи,
а најверојатно и нејзиниот сопартиец Владо Бучковски ќе се врати во
Министерството за одбрана. Според информациите кои кружат во јавноста,
Бучковски повторно ќе ја земе оваа функција, доколку успее пазарот со ДУИ,
тие како компензација да го добијат претседателското место на Парламентот.
Но, од друга страна пак, струјат и такви информации според кои Никола
Поповски од СДСМ се подготвува за функцијата министер за финансии или пак
министер за внатрешни работи. Либералдемократите, освен финансиите, го
бараат и местото Министерството за транспорт и врски. Образложението од
нивна страна е дека преку тоа Министерство најмногу ќе може да дејствува
градоначалникот Ристо Пенов, односно бидејќи двајцата ќе бидат од иста
партија полесно ќе можат да ги реализираат замислите на Пенов за градот
Скопје.
ФУНКЦИОНЕРИ
Шпекулациите велат дека ако ЛДП го добие Министерството за транспорт и
врски, прв негов човек ќе биде Мелпомени Корнети, поранешната директорка на
МРТВ, Јане Ценев, еден од директорите во скопски "Водовод", но и Драганчо
Малиновски, адвокат. За оваа функција можен кандидат е и Михаил Гаревски,
директор на Институтот за земјотресно инженерство.
Либералдемократите типуваат и на министерско место за екологија и едно
вицепремиерско место за економија. Во случај ЛДП да го добие ресорот
образование, партиски кандидат за таа функција е Владо Петрушевски, за
здравство Тихомир Крцковски, а за екологија Наум Димитровски, советник на
градоначалникот Ристо Пенов. Ако го добие ресорот за економија, се калкулира
со името на Зоран Трпевски, иако високи партиски функционери го демантираат
тоа.
И името на Наталија Николовска, професорка на Економскиот факултет во
Скопје, се поврзува со вицепремиерско место во Владата за економски односи.
Радмила Шеќеринска, според неофицијални извори, треба да го добие
вицепремиерското место за евроатлантска интеграција, а Иван Стоилковиќ од
Демократската партија на Србите најверојатно ќе биде заменик-министер во
некое Министерство. Имињата кои се вртат како идни министри за култура се
Венко Андоновски, Елеонора Петрова или Теута Арифи од Демократската унија за
интеграција.
Ресорите правда и образование, според анализите, можат да бидат цел на
ДУИ. Причина се реформите во образовниот систем кои можат да бидат
искористени за добивање нови права на албанската етничка заедница. Ресорот
за правда, пак, е интересен поради целосната имплементација на Законот за
амнестија, кој допрва ќе треба да се применува, и незавршениот закон за
пасоши кој беше оставен за по изборите.
Партиски функционери на ДУИ во своите јавни настапи не ја кријат желбата
клучните ресори да бидат под нивна контрола, со што, како што тврдат, и на
дело ќе ја покажат нивната определба за целосно исполнување на Рамковниот
договор.
Иако преговорите со оваа партија се уште траат, името на
потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, покрај министерско место во
Министерството за култура, се поврзува и со Министерството за образование и
наука или со некоја фунција во Министерството за надворешни работи.