ПОЛИТИКА

Проблематични релациите Претседател на Република Македонија - нова влада и Претседател - Парламент

ГРАЃАНИНОТ БОРИС ВО НОВА ПЛАТФОРМА?!

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Претседателот Борис Трајковски се огради од политичката партија и јавно се изјасни како претседател на сите граѓани. "Не сакам да учествувам во политичките војни што се водат меѓу партиите, ниту пак сакам на кој било начин да бидам вклучен во битките меѓу Владата и опозицијата. Таквите судири, кои понекогаш се проследени со неконтролирана реторика, се неопходен, иако не секогаш привлечен дел на нашиот демократски политички живот", изјави претседателот Борис Трајковски пред пратениците во македонскиот Парламент.
  • СДСМ изборот на Трајковски за претседател долго време го оспоруваше, а изборите ги прогласи за фалсификат. За СДСМ луѓето како Трајковски се многу ситни, потенцираа тие за време на претседателската кампања на нивниот кандидат Тито Петковски. Нам не ни треба претседател предавник, туку некој што ќе ја развива земјата, а тоа е Тито Петковски, заклучи Црвенковски на претседателските митинзи во Битола, Штип и Свети Николе на 24 октомври 1999 година, потенцирајќи оти другите се многу ситни, многу мали за партија каква што е СДСМ и дека Борис Трајковски и Љубчо Георгиевски не се ниту европски, а уште помалку македонски тандем, за да се занимаваат со нашата власт.

По парламентарните избори во Република Македонија ќе владеат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ја има функцијата претседател на државата, а СДСМ веќе го има парламентарното мнозинство и во најскоро време ќе формира своја Влада. Мошне е симптоматично прашањето како ќе функционираат меѓусебно институциите Претседател на РМ и Собрание на РМ од една, и Претседател на РМ и Влада на РМ од друга страна. Проблемите би се појавиле на неколку рамништа. Прво, секој закон што ќе го изгласа Парламентот треба да биде со Указ потпишан од Претседателот. Односно, според член 75 од Уставот: "Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот". Второ, во случај на повторна војна во регионот само Претседателот ја има таа обврска да дава наредба за дејствување на АРМ. Според член 79 од Уставот на Република Македонија: "Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија". Трето, како ќе функционираат работите со новонастанатите состојби е мошне интересно со оглед на тоа дека Претседателот го определува мандатот на новата влада, поставува амбасадори, има индиректно влијание во судската власт, одликува и помилува и се е тоа утврдено со посебен член од Уставот. Во член 84 од Уставот е потенцирано дека Претседателот на Република Македонија:

Го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;

Ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;

Ги прима акредитивните и отповиканите писма на странските дипломатски претставници;

Предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;

Предлага двајца членови на Републичкиот судски совет;

Именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;

Ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;

Именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;

Доделува одликувања и признанија во согласност со закон;

Дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.

Во член 87 стои дека Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.

ЛЕГИТИМИТЕТ

Од друга страна, СДСМ долго време го оспоруваше легитимитетот на Борис Трајковски како претседател на РМ. Го слушам Борис Трајковски кој вели дека нема да се измени азбуката, историјата и границите. Но, тој треба да сфати дека тоа го посакуваат тие што секоја вечер стојат на бината зад него, нагласи Црвенковски во Радовиш на 20 октомври 1999 година на претседателската кампања на Тито Петковски.

За оспоруваниот легитимитет, Трајковски сепак веруваше дека СДСМ ќе го променат својот став и ќе го почитуваат она што значи институција.

Во принцип, оспорувањето на легитимитетот на која било институција во државата не е добра за натамошниот развој на демократските процеси. Сметам, што е и видливо, дека СДСМ ги искористи сите правни процедури во време на изборниот процес и верувам длабоко во себе дека тие ќе го променат својот став и одлука и дека ќе дејствуваат во согласност со демократските принципи и почитувањето на она што значи институција. Јас и во мојот инаугуративен говор кажав дека се обраќам до сите граѓани на Република Македонија и до сите политички чинители, така што нема никакво издвојување, одговори претседателот на Република Македонија, запрашан дали се чувствува како претседател на сите граѓани на државата, имајќи предвид дека СДСМ ја оспори изборната победа. На Трајковски исто така му ја лепеа етикетата дека е "албански претседател" со оглед дека изборите ги доби благодарение токму на албанските гласови. На прашањето дали добиените голем број гласови од припадниците на албанската националност значат и дополнителни обврски кон лидерите на политичките партии на албанската националност, претседателот Трајковски изјави:

"Точно е дека добив поддршка од граѓаните од албанската националност, меѓутоа добив поддршка и од другите етнички малцинства. Она што беше оценето како најпозитивно во извештаите на меѓународната заедница е тоа што токму на тој начин сум избран за претседател на Македонија, односно дека сум општоприфатен од сите национални припадности во земјата, што претставува знак на сигурност".

Сепак, иако на почетокот СДСМ не го признаваше Трајковски за претседател, подоцна имаме затоплување на односите. Особено за време на воената криза во кабинетот на претседателот често беше присуството на Бучковски, Црвенковски, додека од друга страна беше забележливо оддалечувањето на Трајковски од својот лидер Георгиевски.

ДОСЛЕДНОСТ

Претседателот Борис Трајковски од поодамна јавно укажа дека ќе се залага Македонија да ја направи поперспективна и посилна без оглед која политичка партија ја има власта во свои раце.

Ве уверувам дека за мене не е важно кој ја има власта, се додека таа власт е освоена по демократски пат и се додека претставниците на таа власт ги ставаат интересите на нашата земја на прво место. Ќе ја поддржувам Владата кога е во право и ќе ја бранам опозицијата кога тие се во право. Исто така, ќе критикувам кога работите не се движат во насока која е најповолна за сите нас.

Доколку на следните избори се појави нова гарнитура на лидери, ќе работам и ќе се борам со нив за да ја направиме Македонија посилна и попросперитетна. Но, никогаш нема да се откажам од моето право да ги бранам интересите на државата, на македонскиот народ и на припадниците на сите националности што живеат во Република Македонија, потенцираше претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, по неговото прогласување за претседател пред македонскиот Парламент.

Дали Трајковски е доследен на она што го зборува и дали и како ќе се вклопи во зацртаната платформа на победничката СДСМ, е секако отворено прашање!


Патот на функцонирањето на демократијата е познат и не треба да се измислува ништо ново. Затоа, денес се обраќам до народот и партиите - дајте и можност на оваа Влада да ги спроведе реформите. Се разбира, популарноста од ден на ден се зголемува или опаѓа и можеби еден ден актуелната влада ќе ги упатува истите зборови до некоја друга, нова Влада. Но, за тоа ќе одлучи иднината и народот.

Да ја тргнеме настрана политиката на опструкции и деструкции зашто немаме време за губење. Бесмислено ќе биде да си ги спасуваме партиите, ако ја загрозиме безбедноста и стабилноста на Република Македонија. Јас ќе го бранам она што е добро за нашата земја. Ако почувствувам дека се движиме во погрешна насока, ќе се борам повторно да се вратиме на вистинскиот пат, истакна Трајковски во говорот пред македонскиот Парламент по неговото прогласување за претседател на Република Македонија.


Запрашан за тоа дали во текот на мандатот планира да предложи уставни промени, посебно во делот на функцијата претседател на државата, Трајковски рече:

Поставеноста на сегашната власт, како што функционира, сметам дека е добра. Ние сме пред се парламентарна демократија, значи немаме ниту претседателски ниту полупретседателски систем, а најосновно е да се запази институцијата на комуникација меѓу сите чинители на власта, значи Владата, Собранието и Претседателот.

Во делот на извршната власт има допирни точки меѓу претседателот и Владата, меѓутоа со заедничка соработка, со позитивни иницијативи, мислам дека ќе постои една добра соработка. Се разбира дека постојат и механизми за контрола на работењето на тие институции".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"